17 години без Ѓорѓи Колозов

Фото: Фејсбук

Денеска се навршуваат 17 години од смртта на легендарниот македонски актер Ѓорѓи Колозов.

Многу генерации пораснаа, а новите сè уште растат со „чорбаџи Ѓорѓија“ од Македонските народни приказни, а Колозов засекогаш ќе остане запомнет по неговите познати реплики.

Во Скопје во 2003 година почина Ѓорѓи Колозов, еден од најпознатите актери во Македонија. Дипломирал на тогашната Академија за драмска уметност, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1973 година.

По дипломирањето, тој бил во постојан работен однос во Македонскиот народен театар. Неговата популарност беше резултат на неговото долгогодишно искуство и мошне популарната македонска ТВ-серија „Македонски народни приказни“ засновани на збирките народни приказни издадени во 19 век од собирачите на македонски народни умотворби како Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Ѓорѓија Пулевски и други.

Фото: Фејсбук

Овие приказни имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, лингвистиката, националната историја и за правото и моралот на Македонците. При Драмата на Македонскиот народен театар тој оствари позначајни улоги во претставите: „Од многу ум“, „Андрокле и лавот“, „Госпоѓа министерка“, „Чорбаџи Теодос“, „Женидба“, „Воена тајна“, „Мрестење на краповите“, „Слободни врски“, „Валпургиска ноќ“, „Рекламна бајка“ и други.

Фото: Фејсбук

Колозов настапи и во повеќе играни филмови, меѓу кои: „Македонскиот дел од пеколот“, „Тетовирање“ и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот