„На сите ќе им биде подобро, дури и на Хрватите…“: Вучиќ откри што ќе ѝ предложи утре на Урсула фон дер Лајен
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска во Белград дека најдобра идеја би била сите кандидати од Западен Балкан да бидат примени во ЕУ заедно како полноправни членки и дека тоа ќе го предложи на состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави Курир.рс.
Препорачано
„Ако прифатите еден, или двајца, или тројца од нас, тогаш што ќе правиме со останатите? Како ќе се справиме со тоа? Како ќе ги решиме сите отворени прашања?“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател утре во Брисел ќе има средба со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен и со шефот на ЕС, Антонио Кошта.
Тој додаде дека станува збор за иднината на регионот, но и за иднината на Европа.
„Ако некој сака да ја разбере геополитиката, ова е единственото нешто што ЕУ може да го направи: да ги прифати сите држави заедно, без граници меѓу нас. Србите ќе се чувствуваат подобро, Бошњаците ќе се чувствуваат подобро, Албанците ќе се чувствуваат подобро, Хрватите ќе бидат добро … И гледам само добри работи како заеднички именител на оваа идеја. Тоа е моја идеја и тоа отворено ќе им го кажам утре на Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен“, рече Вучиќ.


