14 дена: Како да се самоизолирате ако се сомневате дека сте заразени со коронавирус, а живеете со семејството

Доколку се сомневате дека сте заразени со коронавирус, задолжително морате да бидете во самоизолација. Но, тука се наметнува прашањето, како да ги заштитите членовите од вашето потесно семејство за и тие да не се заразат со ковид-19.

Санитарните инспектори како и епидемиолозите советуваат задолжителна 14-дневна самоизолација, период колкав што е потребно за инкубација на оваа болест, а во тој временски период, изолираната личност задолжително мора да ја мери температурата на телото и секојдневно да остварува комуникација со епидемиолозите на кои мора да им објаснува во каква здравствена состојба се наоѓа.

Што кога морате да седите дома

Сепак, домашната изолација претставува реален проблем бидејќи во домот не живее само потенцијално заразената личност туку и другите членови на семејството. Но, според препораките дадени од Светската здравствена организација, потенцијално заболената личност мора да изнајде начин како самата да се изолира и воопшто да не контактира со другите луѓе. Токму затоа, препорачливо е потенцијално заболениот човек да престојува во посебна просторија од останатите членови на семејството, да јаде во неа и да спие во различен кревет од сите други.

Внимателно со храната

Дури и кога станува збор за храната, препорачливо е храната за болниот одделно да се подготвува и да се остава пред вратата на потенцијално заразениот. Дури откако лицето што ја ставило храната пред вратата од собата во која се изолирал пациентот ќе биде оддалечено два метра, тогаш изолираниот може да посегне по неа и да ја внесе во собата за изолација.

Не носете иста облека

Исто така, човекот кој е во изолација, потребно е во тој период од 14 дена во никој случај да не ја дели истата облека со друг член од семејството, а кога во карантин ќе се пресоблече, облеката што ја носел треба веднаш да се стави за перење.

Користење заедничка бања

Додека трае времето за самоизолација, најидеално би било, членовите на семејството да користат различни тоалети од потенцијално заразениот. Сепак, бидејќи тоа не е изводливо кај сите семејства, препорачливо е да избегнува подолго задржување во бањата, а по користењето треба да се дезинфицира пред да ја користи друг член на семејството.

Редовно проветрувајте

Исклучително важно е собата што служи како место за изолација, постојано да се проветрува.
Во случај некој член од семејството да мора да влезе во собата за изолација, задолжително мора да носи маска и ракавици за да спречи ширење на болеста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот