Илустративна фотографија за мигрена/настика / Фото: Pexels

Зошто ни се чини дека ќе се разболиме токму кога ќе ни започне годишниот одмор?

Иако често слушаме дека многумина непосредно пред годишен одмор или за време на празнични „врзани“ денови се чувствуваат лошо, напнато или исцрпено, научните истражувања за овој феномен се релативно малубројни и не секогаш методолошки силни, пишува „Саенс алерт“.

Т.н. „болест на одморот“ е термин воведен од холандски истражувачи во студија од 2002 година. Тој се однесува на луѓе кои ретко се разболуваат во текот на работната недела, но релативно често добиваат симптоми за време на викенд, годишен одмор или празници.

Во истражувањето биле анкетирани 1.893 лица, а околу 3 проценти пријавиле дека се чувствуваат лошо токму за време на слободното време. Најчестите симптоми биле главоболка, замор, настинки, па дури и грип, болки во мускулите и мачнина. Забележано е и дека луѓето почесто развивале инфекции за време на одмор отколку за викенд, а симптомите најчесто се појавувале во првата недела од одморот.

Сепак, ова истражување се потпирало на сеќавањата на испитаниците, а тие можат да бидат непоуздани. Дополнително, самата дефиниција за „ретко“ и „релативно често“ е субјективна и може да варира од човек до човек.

Што велат поновите студии?

Друга студија од 2014 година се фокусирала на врската меѓу стресот и главоболките. Истражувачите побарале од 22 лица кои редовно имаат мигрени да водат дневник за нивото на стрес и појавата на главоболки.

Резултатите биле изненадувачки: намалувањето на стресот често ја „активирало“ мигрената. Кога учесниците ќе забележеле пад на стресот еден ден, во наредните 24 часа најчесто добивале мигрена. Ако работата била главниот извор на стрес, тоа можело да значи повторлив образец на главоболки токму за време на слободните денови.

Постојат и индикации дека мозочните удари кај одредени групи се почести за време на викенд отколку во работни денови. Иако нема јасно утврден причинител, авторите на тие студии сугерираат дека промените во животниот стил за време на викендите може да играат улога.

Можни причини за „болеста на одморот“

Недостатокот на квалитетни истражувања значи дека не ги разбираме целосно причините, но постојат неколку теории:

Патувања и изложеност на клици: За време на одморите често патуваме и престојуваме во затворени и преполни простори, како авиони, што ја зголемува изложеноста на вируси и бактерии. Патувањата на далечни дестинации нè изложуваат и на соеви на кои немаме изграден имунитет.

Алкохол и променета рутина: Празниците често значат поголема консумација на алкохол, што може да ја ослаби имунолошката функција. Дополнително, телото е изложено на активности кои не се дел од секојдневната рутина, што може да претставува дополнителен стрес.

Поголема свесност за симптомите: За време на работата сме фокусирани и често ги игнорираме сигналите од телото. На одмор, болките во мускулите или главоболките стануваат поочигледни – и повеќе немаме „изговор“ дека се од работа.

Тајната на кортизолот

Се поставува логично прашање: „Зар опуштањето не е добро за здравјето?“. Научниците објаснуваат дека врската меѓу стресот и имунолошкиот систем е многу сложена.

Стресот го активира симпатичкиот нервен систем и го поттикнува телото да ослободува хормони како адреналин и кортизол. Хроничниот стрес може да значи постојано високо ниво на кортизол, што со текот на времето негативно влијае на имуните клетки и ја зголемува веројатноста за разболување.

Но, краткорочно, адреналинот и кортизолот можат и да го подобрат функционирањето на одредени делови од имунолошкиот систем.

„Акутниот стрес може привремено да ја зголеми нашата отпорност на инфекции, па иако се чувствуваме под притисок, не се разболуваме. Антивоспалителните својства на кортизолот можат и да ја ублажат болката“, објаснува професорката Теа ван де Мортел од Универзитетот Грифит.

Кога акутниот стрес ќе престане – на пример, кога конечно ќе започне одморот – доаѓа до нагла промена. Телото веќе нема корист од „заштитниот ефект“ на кортизолот, па симптомите како главоболка, болки во мускулите или настинка стануваат поизразени.

Што можеме да направиме?

Иако сè уште не знаеме доволно за овој феномен, експертите советуваат:

  • да останеме физички активни,
  • да спиеме доволно,
  • да се храниме здраво и урамнотежено – дури и кога сме зафатени,
  • да управуваме со хроничниот стрес поврзан со работата.

Финска студија што опфатила повеќе од 4.000 јавни службеници покажала дека оние кои редовно вежбале, особено поинтензивно, поретко оделе на боледување од физички неактивните. Дополнително, техники за релаксација, вакцинација против грип и информирање за локални болести на дестинациите на кои патуваме можат да бидат дел од превенцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот