Зошто најуспешниот тренер се нафати да води второлигаш: Докузовски вели Куманово треба да има прволигаш, а младите да напредуваат

EPA/GEORGI LICOVSKI

Трофејниот стратег застана на чело на второлигашот МКК Куманово што на прв поглед е необично. Докузовски објаснува дека тоа е со цел да помогне овој град кој има кошаркарска традиција повторно да добие прволигаш. Исто толку важна му е и работата со многуте млади таленти во Куманово

Марин Докузовски (63), најуспешниот македонски тренер, се активира и идната сезона ќе го води второлигашот МКК Куманово. Докузовски е најмногу познат по тоа што ја предводеше репрезентацијата на Македонија до најголемиот успех, четвртото место на ЕП 2011, а како стратег има и голем број други титули. Неговиот ангажман во еден второлигаш е на прв поглед необичен, но, Марин има објаснување за тоа.

– Моите мотиви се што сакам активно да помогнам Куманово како град да добие прволигаш, а и да работам со младите категории од овој град. Сметам дека Куманово има голем кошаркарски потенцијал што во минатото повеќепати е докажано. Има многу таленти со кои сакам да работам и да помогнам да се развијат во врвни кошаркари. Клубот во кој ќе работам има многу кошаркари во помладите категории и сакам да помогнам тие да напредуваат. Покрај тоа Куманово заслужува да има прволигаш, па тоа ќе биде целта за идната сезона, да се влезе во најдоброто друштво. Пријател сум со градоначалникот (Максим Димитриевски н.з.) и со раководството, па така дојде и до договор да помогнам – вели Докузовски.

Минатата сезона КК Куманово испадна од Првата лига по 13 години, па овој град остана без прволигаш. Второлигашот МКК Куманово е друг клуб, формиран е 2018 година и има околу 230 кошаркари, главно во младите категории. Но со овој тренер добива и амбиција за влез во Првата лига.

Според Докузовски, кој е познат и по работата со млади категории (во неговиот претходен ангажман раководеше со младинските школи на Работнички), кај нас не се посветува доволно вистинско внимание на младите кошаркари.

– Во Македонија има многу талентирани млади кошаркари, но, честопати не се работи на вистински начин со нив. Се појавуваат таканаречени менаџери на кои им е важна само сопствената заработувачка. Млади кошаркари ни заминуваат во странство, но не во вистински средини во кои би напредувале. Тоа би требало да се промени – вели искусниот стручњак.

Докузовски вели дека бројот на дозволени странци по клуб во Првата лига е во ред, но, треба со регулатива да се наметне младите домашни кошаркари да имаат поголема минутажа на мечевите, со што би се овозможило да напредуваат.

Докузовски ја предводеше македонската репрезентација до четвртото место на ЕП 2011 што е оценето како најголем успех на македонскиот екипен спорт досега. Покрај тоа, освоил седум првенствени и четири куп-титули на домашната сцена и повеќепати е прогласуван за тренер на сезоната. Има и клупски титули од Бугарија и од Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот