Зошто две години нема обвинение за „мозоците“ на крвавиот четврток

„Правдата е спора“. Овој факт како да е позајмена парола и олицетворение на македонското судство е само доказ за спороста на македонските судски органи кои цели 37 дена не можат да се соберат и да одлучат дали е издржано или не обвинението против петмината „мозоци“ на организираниот упад во Собранието на Македонија, немил настан во кој иако имаше над десетината повредени, за среќа немаше загинати, а се случи во четврток, во попладневните часови на 27 април пред две години.

Во веќе одамна завршената истрага на Обвинителството за организиран криминал, организатори на тој крвав настан се експремиерот и бегалец од правдата Никола Груевски, поранешниот спикер Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот началник во МВР Никола Бошковски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Според актуелната состојба во македонското судство, кое е на колективен одмор, ќе мине уште еден месец пред Кривичен да одлучи дали го прифаќа актот.

Пред триесетина дена АКМИС системот за распределба на предмети во Кривичниот суд предметот за организаторите на „крвавиот четврток“ за оценување на обвинителниот акт го распоредил кај судијата Добрила Кацарска, истата судијка која им судеше на сега веќе осудените насилници за тој крвав 27 април. Но, таа нема да постапува по предметот бидејќи со претходната судска постапка веќе има изградено став околу настаните од 27 април и побара да биде изземена.

На 27 април годинава, шефицата на Одделот за организиран криминал и корупција при Јавното обвинителство на Македонија, Вилма Рускоска во изјава за јавноста рече дека најдоцна до крајот на мај очекува да биде подигнато обвинение за организаторите на случувањата во Собранието, но не очекува дека во скоро време ќе ми се пружи прилика да го сослуша и поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство.

– Добар дел од сведоците кои планирав да ги сослушам ги сослушав. Оваа недела тече распитот на обвинетите. Следната недела веројатно ќе се договорам со одбраната да извршат увид во доказите, а ќе видам и дали треба да се сослуша уште некој сведок по што ќе ја привршам истрагата, изјави пред извесно време Рускоска која не сакаше да прецизира каков е профилот на сведоците кои ги сослушала.

Тогаш посочи дека во фаза е преведување на потребните документи за екстрадиција на последниот обвинет во првиот процес за настаните во Собранието кој е во бегство во Шведска, но неговата екстрадиција до денес не е реализирана.

„Наодите од истражната постапка укажуваат дека обвинетите, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада на Република Македонија, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминираа со насилното влегување во Парламентот на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.

Критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Во седиште на политичка партија двајца од обвинетите континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.

Во исто време, еден од осомничените, за кого постапката е прекината поради недостапност, со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена Борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието на Република Македонија да ги извадат хард дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди“ извести неодамна ОЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот