Златен накит злато
Жена пробува златен накит / Фото: EPA-EFE/LUONG THAI LINH

Златото и среброто се вадат од душек, Македонците се откажуваат од семејното богатство за да вратат долг

Еден грам старо сребро во моментот се откупува од 35 до 40 денари, додека за еден грам жолт метал се нудат од 35 до 70 евра. Златарите велат дека се секојдневно се зголемува бројот на оние кои прашуваат дали е можна замена или продажба на домашниот накит или монетите

Ако имате купче стар сребрен накит, кој не веќе не сакате да го носите или не ви се даваат пари да го залепите, може да го продадете или да го замените за понов модел во некоја од јувелирниците, но цената е речиси минорна – 35 до 40 денари за грам. За тие пари според актуелните цени на среброто, сега не може да купите ни најпрости обетки или синџир, а долгогодишните кујунџии се правдаат дека откако ќе го откупат старото сребро, тоа мора да се рафинира за да може повторно од него да се прави накит, што ја поскапува крајната цена за најмалку 20 отсто.

Во моментот килограм сребро со чистота 999 на берзите чини 1.450 евра, што е десетпати помалку од цената на златото. И сеедно е велат златарите дали продавате филигран или некој посовремен модел, крајната цена е иста. Како и да е најголемиот дел од македонските граѓани се помалку купуваат златен или сребрен накит, а се задоволуваат со евтини копии купени онлајн, брифираат искусните јувелири за „Слободен печат“.

-Кој има пари и порано и сега се кити со злато, средната класа купуваше сребро, но сега се купуваат и бакарни тракатанци. Продажбата е толку опадната изминативе години, што се повеќе златарски дуќани ги затворија кепенците, а останатите се крпат од свадбите, крштевките и матурските веселби. Порано се купуваа и сребрени монети, а сега и тие се вадат од под перница за да се извади некој денар – вели еден познат скопски јувелир од ГТЦ.

Долгогодишните златари повеќе се загрижени од појавата на масовна продажба на семејното богатство и тврдат дека кај голем дел од граѓаните веќе не е останато злато кое со децении се чувало за недај Боже! И додека некој има илјадници евра да вложува во инвестициско злато, најголемиот дел од граѓаните масовно продаваат прстени, синџири, обетки, белегзии, па дури и сопствените бурми, кое златарите го откупуваат од 35 до 70 евра за грам.

-Веќе не остана злато во домашните резерви. Порано, секоја куќа дома чуваше и по десеттина златни монети, некои постари и од 100 години, а сега во зорт ги вадат за да платат заостаната кредитна рата или извршителски долг. И многу граѓани кои се впуштиле во ризични инвестиции, сега се во небрано. Златото од памтивек е високо ликвидно средство и може брзо да стане вреден извор на финансии. По утврдување на вредноста на артиклот, граѓаните добиваат брза исплата во готово – објаснува еден долгогодишен златар од истоимената улица во ГТЦ.

Од друга страна, златен накит се купува се помалку, а продажбата е сведена од евтини синџирчиња, тенки белегзии и обетки со кои се даруваат бебињата за прво дупење на ушите.. Низ дуќаните се повеќе се зголемува бројот на оние кои прашуваат дали е можна замена или продажба на златото кое го вадат од домашните душеци. Дури и кога е во прашање свадба, младите се решаваат за најевтината варијанта – што ќе рече за најтенката бурма, која ако е од бело злато ќе ве чини од 25 до 50.000 денари (пар од 50 до 100.000 денари).

-Цените на златниот накит за една година се зголемени за речиси 100 отсто. Повеќе луѓе влегуваат да прашаат дали откупуваме злато, секој има различна приказна, но јасно е дека жолтиот метал се продава само во најтешките ситуации – додаваат во друга златарница.

Дали сега е вистинско време за продажба?

Пазарната цена на златото никогаш не била повисока – повеќе од 3.500 евра за унца, што е речиси 50% повеќе од минатата година. Пред три години вредеше двојно помалку, а на почетокот на 2000-тите беше десет пати помалку од денес, пишува Феникс магазин. Сепак, многу инвеститори сè уште сакаат да го задржат златото како безбедно засолниште во нестабилни времиња.

Некои експерти предвидуваат понатамошно зголемување на цените, но прогнозите се неизвесни. Како да се препознае вредноста на стариот златен накит? Според советите на Ралф Шерфлинг од Потрошувачкиот центар на Северна Рајна-Вестфалија, при оценувањето се зема предвид само вредноста на материјалот, а не дизајнот или сентименталната вредност. Златото обично се означува со броеви – „333“ значи дека предметот содржи 33,3% злато, а „750“ дури 75%. Во моментов, еден грам чисто злато вреди околу 115 евра. Ако еден ланец, на пример, има материјална вредност од 500 евра, фер понудата би била околу 450 евра; 300 евра би значело дека се обидуваат да ве измамат. Што е со прачки, монети или стоматолошко злато? Вредноста на златните прачки е лесно да се одреди бидејќи тежината и чистотата се јасно означени. Со стоматолошко злато, ова не е можно – цената мора да ја процени експерт.

Монетите се поделени на колекционерски и инвестициски монети (на пр. Кругерранд). Само инвестициските монети имаат стандардизирана пазарна вредност. Каде да се продава злато? Шерфлинг препорачува три опции: Посета на продавници за накит и купувачи – брзо добивате повеќе понуди, но ризично е да носите злато со вас. Проценка на домот – практична, но мора да бидете внимателни кој доаѓа бидејќи има лажни проценители. Онлајн продажба – погодна за прачки и монети, но вклучува ризик од испорака и можност за измама. Совет од експерт: секогаш споредувајте повеќе понуди!

Плаќате за сребро, а добивате никел, олово и кадмиум

Едно од три парчиња накит од онлајн платформи се нелегални, штетни и тешки метали како што се кадмиум и никел се пронајдени во големи количини во 6 од 16 парчиња,  покажа анализата на Дански совет за потрошувачи Тинк Хемикалс. Во анализата биле тестирани прстени, обетки, алки и ѓердани од онлајн платформи надвор од ЕУ во однос на содржината на никел, олово и кадмиум. Меѓудругото утврдена е лажна ознака за 925 сребро (925 Sterling Silver), а накитот бил направен од кадиум.

-Имено 3 парчиња накит – од Виш и Eбеј соодветно – содржеле нивоа на кадмиум над 95 проценти. Ова одговара на 9.500 пати над дозволената граница. Кадмиумот е високо токсичен тежок метал кој се акумулира во телото и меѓу другото може да доведе до оштетување на бубрезите. Трите парчиња со висока содржина на кадмиум биле означени со „925 сребро“, што нормално означува дека содржат најмалку 92,5 проценти чисто сребро. Сепак, лабораториските анализи покажале дека тие биле направени речиси целосно од кадмиум – а не од вистинско сребро, потсетуваат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Според законодавствата на ниво на ЕУ накитот може да содржи никел, но постојат ограничувања за тоа колку никел може да ослободи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот