Животната приказна на Џорџ Мајкл: Ја испеа најубавата божиќна песна и нè напушти токму на Божиќ
Поминаа точно девет години откако нè напушти Џорџ Мајкл, еден од најавтентичните и највлијателни пејачи во историјата на поп-музиката, човек што остави длабока и неизбришлива трага на светската сцена, пишува „Стил“.
Препорачано
Додека милиони обожаватели воодушевено го скандираа неговото име, неговиот најтежок товар доаѓаше од најблискиот круг – сопственото семејство. Тие не веруваа во неговиот талент, го сметаа за „чудак“, а најголемиот камен на сопнување беше неговата сексуална ориентација. Со текот на времето, оклопот што го изгради за да се заштити – дури и од најблиските – почна да пука, а славниот Џорџ сè подлабоко тоне во зависности. По скандалот во јавен тоалет, неговиот живот тргна по надолна линија.
Џорџ Мајкл е роден во 1963 година во грчко-кипарско семејство. Уште од најрана возраст негувал силна љубов кон музиката, а на светската сцена се проби во текот на осумдесеттите години, како дел од поп-дуото „Вам!“, со што стана една од најуспешните и најомилените поп-ѕвезди на својата генерација.

Тој ја основа групата „Вам!“ заедно со својот школски другар Ендрју Риџли. Имаа два албума што се искачија на врвот на топ-листите, а меѓу нивните најголеми хитови се „Last Christmas“, „Club Tropicana“ и „Wake Me Up Before You Go-Go“.
Солистичката кариера ја започна во 1984 година со песната „Careless Whisper“, која стана планетарен хит и засекогаш го одбележа неговиот музички пат. Меѓу неговите најпознати обожаватели беа и принцезата Дајана и принцот Чарлс, со кои подоцна разви и пријателство.
Поддршката од родителите никогаш не ја доби. Татко му постојано го убедувал дека не знае да пее, додека мајка му со години одбивала да прифати дека е хомосексуалец. Под силен притисок, долго време живеел во уверување дека е бисексуалец, иако длабоко во себе бил свесен дека го привлекуваат мажи.

По огромниот успех во осумдесеттите и раните деведесетти години, животот на Мајкл беше обележан со низа трагични и контроверзни настани. Во 1997 година беше уапсен во Лос Анџелес поради сексуален чин во јавен тоалет, по што јавно призна дека е хомосексуалец.
„Почнав сериозно да се дрогирам уште пред распадот на ‘Вам!’, кога сфатив дека не сум бисексуалец, туку дека ме привлекуваат исклучиво мажи. Тоа ја скрши мојата мајка“, изјави Мајкл во интервју од 1999 година.
За краток временски период ја загуби мајка си, Лесли Анголд, со која беше исклучително близок, како и својот долгогодишен партнер Анселмо Фелепа, кој почина од СИДА. По овие загуби, во 1997 година му беше дијагностицирана депресија.
„Се борев со тешка депресија по смртта на мајка ми. Да ги изгубиш и мајката и партнерот во рок од три години е навистина премногу“, изјави тој за странските медиуми.

И покрај минатите години, никогаш не успеа целосно да се помири со загубите. Во 2005 година јавно призна дека имал моменти кога не сакал да живее, а една негова изјава особено ги вознемири обожавателите: „Како некој да ми фрлил клетва. Толку многу смрт имаше околу мене, што немам зборови“.
Џорџ Мајкл почина на Божиќ, на 53-годишна возраст. Неговиот тогашен партнер Фади Фаваз во 2016 година го пронашол безживотно тело во креветот. Се обидел да го реанимира, но пејачот веќе бил модар. Лекарите само ја констатирале смртта – причината беше срцев удар.
По неговата смрт почнаа да излегуваат на виделина и интимни детали од неговиот живот. Новинарот Пирс Морган објави дека Мајкл, за време на приватна вечера во Лондон, признал дека во период од само седум години имал околу 500 љубовници.

Фади Фаваз ја шокираше јавноста кога на социјалните мрежи напиша дека Џорџ Мајкл бил „голема грешка“ во неговиот живот. Поради ова, семејството му забрани да присуствува на погребот на сестрата на Мајкл.
Постарата сестра на Џорџ, Мелани, почина на ист начин и на истиот ден – Божиќ. Извори блиски до семејството тврдат дека никогаш не успеала да ја преболи смртта на својот брат, а дополнителниот стрес поради постапките на Фаваз силно ја погодил.


