Скриншот од видео на ТВ Сител

Жена од Челопек сведочи за напад во домот: „Ми фрли ќебе преку глава и ме фати за гуша“

„Ми фрли ќебе преку глава. Си велам, кој е овој, не збори ништо, само почна да ме удира“, вака 85-годишната Росанка од кумановското село Челопек за ТВ Сител сведочеше како била нападната и давена од непознато лице во нејзиниот дом.

Нападот врз жената се случил минатиот понеделник околу 14 часот. Според неа, непознато лице влегло во куќата и без да каже збор почнало да ја дави.

„Прво ме фати за гуша, силно, за да не можам да викам. Ме удираше по глава, и ме давеше долго“, раскажува Росанка за Сител, истовремено покажувајќи ги повредите на лицето.

Според нејзиното сведоштво, во одреден момент се слушнале некакви звуци надвор, по што му паднал телефонот, па престанал да ја дави и избегал.

„Дојдов малку до здив и си велам, Боже, која е оваа будала? 85 години имам, што сака од мене“, рече жената.

Ова се случува во време кога Основното јавно обвинителство во Куманово истражува дали во овој регион има сериски убиец.

Надлежните соопштија дека 25-годишно момче од селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, е осомничено дека со „умисла на свиреп и подмолен начин лишил од живот“ жена родена 1947 година.

„Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои жената починала“, соопштија од ОЈО Куманово.

Момче е осомничено дека задушило 78-годишна жена со перница во Челопек

Оттаму потенцираа дека изминатите денови истражниот центар заедно со МВР и екипи на Институтот за судска медицина обезбедиле докази кои „укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско“.

„Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат“, наведе обвинителството.

Освен дека се работат сложени вештачења и анализи, ОЈО Куманово посочија дека не може да откријат повеќе детали во моментот. Осомниченото момче се наоѓа во притвор, а за него е наредено и психијатриско вештачење од форензички психијатри од Институтот за психијатрија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот