Архивско фото: Земјотрес

„Земјотрес“: Фестивалот ќе се врати во Скопје кога ќе се врати МКЦ

Организаторите на Фестивалот на нова домашна музика „Земјотрес“ објави јавно соопштение со кое потврдува дека годинешното 14-то издание нема да се одржи во вообичаениот термин во декември, а притоа наведе повеќе причини, од кои една од најглавните е, како што велат, немањето поддршка од Младински културен центар.

Луѓето позади фестивалот потсетуваат дека „Земјотрес“ започна во 2012 година со идеја секоја година да го промовира она – најсвежото и најдоброто домашната алтетнативна и независна музичка сцена.

Како плодна почва за музика, велат оттаму, годишно во Македонија се случува да има помеѓу 50 и 100 музички изданија, некогаш и повеќе, па секоја година, на три бини на фестивалот, во една вечер, настапуваа од 20 и 25 селектирани музичари – бендови, соло артисти, продуценти на електронска музика и диџеи.

„Досега, на ‘Земјотрес’ настапија нешто повеќе од 200 артисти, а секоја година го посетуваа помеѓу 1.800 до 2.500 посетители. ‘Земјотрес’ е независен DIY (направи сам) фестивал. Фестивалот нема спонзорства. Зависи единствено од посетителите кои купуваат влезница, како и од условите за соработка со Младинскиот културен центар. Минатата година, на тринаесеттото издание ‘Земјотрес’ доживеа пораз. Фестивалот доби „значителен удар“ институционалниот партнер, а за жал и дел од публиката реши да го ‘казни’. Всушност,‘Земјотрес’ (2025) беше единствено издание со приближно 50% послаба посетеност од сите претходни години“, соопштуваат тие.

Повеќе фактори влијаеле за тринаесеттото, како што велат, не-баш-најсреќно издание на „Земјотрес“.

Истовремено, нагласуваат дека „Земјотрес“ функционира во партнерство со МКЦ од самиот старт. Се работи за договор за соработка со институцијата, велат организаторите, договор за соработка што подразбира заеднички интерес на двете страни во однос на реализација на настанот.

„Во минатите неколку години, а особено лани, условите за соработка со МКЦ континуирано се влошуваа. Како веќе етаблиран фестивал со сериозен придонес во музичката сцена и културата во град Скопје – наместо да добиваме поголема поддршка, ние се соочуваме со сѐ поголеми предизвици. Овој фестивал кој во соработка со МКЦ добиваше разумни тешнички услови и капацитети, дојдовме до ситуација фестивалот да покрива сѐ сам: од блиска опрема, техничари, промоција, па се’ до обезбедување на просторот, а во последното издание фестивалот не доби ниту пакет вода за музичарите“, забележуваат од „Земјотрес“.

Дополнително, посочуваат оттаму, наишле на слаба соработка во промоција на социјалните медиуми, како и нецелосно функционален систем за продажба на билети во моменти кога продажбата била најважна.

„Па така, од година во година, стануваше сѐ посулудо да се потпише нов ‘Договор за соработка’, бидејќи соработката и поддршката едноставно исчезнаа. Состојбата во која се наоѓа МКЦ во изминативе години се пресликува на соработката со ‘Земјотес’. Не можеме да го упатиме прстот само кон МКЦ, без да укажеме на лошите културни политики на Град Скопје кои директно влијаеја на начинот на работата на институцијата“, нагласуваат од фестивалот.

Не е тајна дека МКЦ моментално се наоѓа во големи долгови и незавидна состојба. Ако се гледа финансиската поддршка од градските власти кон МКЦ, тогаш може да се види дека годинава доби 6,4 милиони денари за програмски активности, лани (2025) на оваа институција ѝ беа дадени 5, а пример во 2020 – 34 милиони денари. Потоа тој буџет одеше надолу и надолу – 22,2 милиони во 2021, 14,4 во 2022 и 4,5 милиони во 2023-та.

Истата 2023-та затоа имаше и реакции од колегиумот во МКЦ, дека кратењата се одразуваат врз повеќе фестивали и активности, па потоа се организираше и музичко-протестен собир пред МКЦ на кој се бараа поголеми вложувања и политиката да не меша прсти . Главната порака на младите активисти и музичари беше „културата е скапа, некултурата поскапа“. Тоа потоа се преслика и преку движењето „Сите за МКЦ“.

Неформалното движење „Сите за МКЦ“ беше активно и на фестивалот „Земјотрес“

Од „Земјотрес“ посочуваат дека МКЦ е организиран од работници во културата од приватниот или неинституционален сектор. Но, дополнуваат тие, од круцијално значење е поддршката од МКЦ како главна културна установа во градот.

Нагласуваат, фестивалите како „Земјотерес“ се заеднички интерес за културата, градот и државата.

„И, наместо ние да одиме напред, и да одржиме континуитет во докажани културни вредности, ние сме во моментов во целосно уназадување. Поради сето ова, и поради тешката состојба на институцијата, како единствен исклучителен простор во Скопје кој може да вдоми ваков формат на фестивалот, годинава сме приморани едноставно да не го одржиме фестивалот“, стои во соопштението на фестивалот.

За крајот, сепак најавуваат дека работат на алтернативно и специјално фестивалско издание, кое ќе се одржи надвор од главниот град.

„А за Скопје – ќе чекаме некое подобро време. ‘Земјотрес’ во Скопје ќе се врати кога ќе се врати МКЦ. ‘Земјотрес’ во Скоопје ќе се врати кога ќе се вратат посетителите во МКЦ. ‘Земјотрес’ ќе се врати во моментот кога МКЦ ќе ни се врати сите нас. Благодариме. Борбата продолжува“, нагласуваат оттаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот