Неформалното движење „Сите за МКЦ“ беше активно и на фестивалот „Земјотрес“

На платното е напишана пораката „Видете нѐ колку нѐ има. Сите за МКЦ“ / Фотографија: Зденко Петровски

По двете претходни акции, концертот на платото пред МКЦ на 22 јануари и протестот пред седиштето на Град Скопје на 26 јануари, неформалното движење „Сите за МКЦ“ повторно го изрази својот револт на 4 февруари на овогодинешниот музички фестивал „Земјотрес“.

Преку герила акција, движењето продолжи да се спротиставува на енормното кратење на програмскиот буџет на Младинскиот културен центар во споредба со претходната година, како и на нерегуларното назначување на новиот в.д. директор.

– За време на настапот на Дина Јашари, нашето движење пушти големо платно со порака „Видете нѐ колку нѐ има. Сите за МКЦ“, која беше еуфорично прифатена од присутните. Платното го држеа над себе десетици луѓе, додека Дина Јашари ја изведуваше песната „Дома“ адаптирана со текст „Мојот дом е таму каде што е МКЦ“. По акцијата, платното беше оставено во главниот ходник, каде остана до крајот на вечерта. За време на фестивалот, исто така, се делеа беџови и стикери со илустрација од Малиот Принц и QR-код до онлајн петицијата на „Сите за МКЦ“ преку препорачани донации. Дополнително како дел од нашата акција, голем дел од артистите и бендовите свиреа пред видео-бимови со пораки како „Ова е нашето МКЦ“, „МКЦ е нашиот дом, вчера, денес и утре“, „Земјотрес за МКЦ“ и варијација на последната порака со имињата на бендовите кои изразија поддршка за акцијата – посочуваат од колективот „Гола планина“.

„Сите за МКЦ“ е неформално здружение на музичари, уметници, активисти, филмски и културни работници кои се борат за зачувување на еден од последните јавни културни простори каде што истите можат слободно да се изразуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот