Блед, Словенија - Фото: pexels/Niklas Jeromin

Земја од поранешна Југославија е новата тајна дестинација на богатите и славните од Холивуд

Заборавете на преполните Сен Бартс, Капри или Амалфи. Најбогатите имиња од светот на забавата се почесто бираат дестинации за кои мнозинството не слушнало, бидејќи токму во тоа се крие современиот луксуз.

По постпандемиската ера на таканаречените „патувања за одмазда“ и постојаната потреба да се докажат на социјалните медиуми, славните патници денес бараат исклучиво вистински одмори и целосна изолација. Водечките експерти за луксузни патувања за „Холивуд репортер“ велат дека приватноста станува врвен статусен симбол. Интересно е што на списокот на агенции што ги прилагодуваат одморите за Холивуд се наоѓа и Словенија, истакната како најголемо ново европско изненадување.

Класичните дестинации како Аспен, Мауи или Амалфи години наназад беа продолжение на Холивуд, обвиткани во илузија за бегство. Но, најпребирливите клиенти чувствуваат замор од гужвите. Богатите и славните тивко ги напуштаат вообичаените рути и избираат места каде што анонимноста сè уште е можна, а патувањето не е претстава за јавноста.

Денешниот тренд е „slow travel“ – наместо брзање и проверка на листи со желби, клиентите бараат смислени искуства и вистинско исклучување.

„Новиот статусен симбол не е луксузен хотел, туку тоа што сте биле две недели офлајн и никој не можел да ве најде“, објаснува Том Марчант, коосновач на агенцијата Black Tomato.

Се намалува популарноста на социјалните мрежи во патувањата.

„Порано луксуз значеше да те видат во најпопуларниот хотел. Сега луксуз е да не те видат, освен ако сами не сакате“, додава Џен Херши, основачка на агенцијата Genuine Access Travel. Анонимноста повеќе не е само дополнителна погодност, туку основен услов.

И додека цените на луксузните одморалишта растат, најбогатите тоа не ги вознемирува. Многумина избегнуваат пренаселените европски точки и избираат места со вистинска дискреција, а посебно се истакнуваат северните земји.

„Во Скандинавија владее културна рамнодушност кон славните, што е освежувачко за клиентите“, објаснува Марчант.

Далечните дестинации како Нов Зеланд, Амазон во Бразил или островите Сан Блас во Панама привлекуваат оние кои бараат автентична природа, додека на Исланд слетуваат приватни авиони за изолација, со можност за хели-ски во утринските часови и капење во геотермални извори навечер – без други туристи.

Новите европски фаворити ја вклучуваат Словенија и словенските Алпи, кои нудат летна убавина без гужви. Езерото Блед и околните региони ветуваат автентична атмосфера, со извонредна гастрономија и винска сцена. На листата на дестинации што сè уште „доаѓаат“ се и Тајван, со неверојатна гастрономија, и Бутан како оаза за духовно обновување. Во Европа, покрај Португалија, расте интересот за Менорка, италијанската регија Пулија и Малта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот