Зеленски разреши функционери и најави дека ќе испрати „документ од историско значење“ во Америка
Украинскиот претседател изјави дека Киев очекува одговор од Москва за тоа дали е спремна да ја прекине војната. Доколку Русија не го стори тоа, притисокот мора да се зголеми, нагласи тој.
Претседателот Володимир Зеленски изјави во понеделникот дека ѝ наложил на украинската преговарачка екипа да го финализира документот за безбедносни гаранции со САД и да го достави на разгледување „на највисоко ниво“, објави „Киев индепендент“.
Препорачано
– Наредив финализирање и поднесување за разгледување на највисоко ниво на документот за САД за безбедносни гаранции за Украина. Ова треба да биде документ на историско ниво, а токму ова е нивото што го достигнува текстот – рече Зеленски на платформата „Телеграм“.
Во своето вечерно обраќање, Зеленски додаде дека Украина „ги координира распоредите за средби со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, а нашите документи во голема мера се подготвени за потпишување“.
Насоката доаѓа во време на сѐ погласни индиции дека Вашингтон воспоставил контакти со Москва околу можен мировен договор, вклучително и таканаречената рамка со 20 точки, изработена од американски и украински официјални лица.
Официјален претставник на Белата куќа изјави за „Киев индепендент“ дека „во изминатите неколку недели, тимот на Трамп постигнал огромен напредок во напорите за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина“.
– Како што изјави Трамп, тој верува дека сега сме поблиску отколку кога било досега – додаде истиот извор.
Зеленски претходно изјави дека три клучни документи ја сочинуваат основата на дипломатските напори: рамковен договор, безбедносни гаранции и план за реконструкција.
Тој им наложи на премиерката Јулија Свириденко, заменик-премиерот Тарас Качка и министерот за економија Олексиј Соболев да обезбедат „експертска анализа на економските аспекти“ на договорите што ги вклучуваат Украина, САД и Европа.
„Очекуваме одговор од Москва“
Украинскиот претседател изјави и дека Киев очекува одговор од Москва за тоа дали е спремна да ја прекине војната. Доколку Русија не го стори тоа, притисокот мора да се зголеми, нагласи тој.
– Разбираме дека американската страна е во комуникација со Русија во врска со основната политичка рамка за завршување на војната. Ние ја формулиравме нашата визија и мора да има јасен одговор од Русија дали се подготвени да ја завршат војната под реални услови – рече Зеленски.
ВИДЕО | Велика Британија и Франција ќе испратат војници во Украина во случај на мировен договор
Според извештаите, специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, и зетот и советник на Трамп, Џаред Кушнер, се сретнале со рускиот пратеник Кирил Дмитриев во Париз на 7 јануари, каде што разговарале за мировниот план на Вашингтон за Украина.
Досега, Москва не покажала видлива подготвеност да ги прифати предложените решенија.
Русија и понатаму бара Украина да се повлече од делумно окупираниот Донбас и меѓународно да се признае нејзината контрола врз заземените украински територии.
„Продолжувам со обемно ресетирање на државниот апарат“
Зеленски најави и дека продолжува со обемно „ресетирање“ на државниот апарат и со внесување нови кадровски ротации во органите на Службата за безбедност, како и во раководствата на областите, објави „Суспилне“.
Тој нагласи дека процесот на внатрешни промени продолжува и дека наскоро ќе бидат објавени нови одлуки.
По вечерното обраќање, на веб-страницата на претседателот беа објавени нови укази – гувернерот на Волинската област, Иван Рудницки, беше разрешен од функцијата. Тој е именуван за заменик на новиот вршител на должноста директор на Службата за безбедност (СБУ), Евген Хмара.
За привремен вршител на должноста шеф на Волинската администрација е назначен Роман Романјук. За шеф на Тернопилската администрација е именуван Тарас Пастух. Соодветните укази беа објавени на веб-страницата на претседателот.
ФОТО | Руски напади врз Одеса и Киев, кои се погодени и од најстудена зима и ниски температури
Неодамна, Зеленски потпиша и укази за смена на раководителите на повеќе областни воени администрации. Заклучно со јануари, нови раководители се назначени во Черновичката, Полтавската, Виничката и Дњепропетровската област.
Претседателот ги образложи овие чекори со потребата од зајакнување на отпорноста на државните институции и од подготовка за новите безбедносни предизвици во 2026 година.
Меѓу другото, во составот на Ставката и Советот за национална безбедност и одбрана (РНБО) беа вклучени новиот шеф на Кабинетот на претседателот, Кирил Буданов, како и директорот на Главната разузнавачка управа (ГУР), Олег Ивашченко.
Според Зеленски, за секоја позиција се бараат „силни лидери“ кои се способни ефектно да работат во услови на војна и да им пружат поддршка на локалните заедници.


