Здравјето нема цена, но иако успеете да соберете најмалку 12000 евра за лекување во приватна болница не значи дека ќе го добиете лекот

Борбата со невидливата закана и коронавирус профитери

Колку што расте бројот на заболени од ковид-19 во светот и кај нас, разни дејности профитираат на разни начини. На самиот почеток на пандемијата, кога многу се двоумеа дали навистина треба сериозно да сфатат колку е смртоносен вирусот ковид-19 бевме сведоци дека се раширија повеќе теории на заговори кои беа толку доминантни што сериозно влијаеа на јавната свест во врска со прифаќањето на опасноста.

Од центарот на Скопје се ширеше и говор на омраза. Ситуацијата ја искористи Македонец кој сподели видео во кое пцуе, брка и расистички навредува луѓе со азиско потекло кои кај нас дојдоа во хуманитарна мисија.

Обвинителството го бара снимателот на „короништа“- видеото

„Мрш од тука“, „короништа едни“, „вратете се во Кина“, беа дел од коментарите на човекот кој за лајкови на Тик Ток заедно со недоличните пцости кои ги упати кон Азијците.

Сега на социјалните мрежи има инвазија од спонзорирани реклами за витамини кои го подобруваат имунитетот. Јавноста остана во шок кога Слободен печат објави дека има и такви кои со подла измама до брза заработка доаѓале продавајќи услуга за ковид тест, а всушност користеле тестови за бременост.

По сторијата на „Слободен печат“: Полицијата фати двајца што „тестирале“ со лажни Ковид тестови

Сведоци сме дека голема заработка од пандемијата, овој пат на шега, со вирални видеа на Инстаграм и Тик Ток добива 30-годишниот келнер и актерот во подем Расел Донели.

Тој, додека е во изолација се забавува со разни предизвици кои му ги задаваат неговите пријатели за да ги тестира сетилата за мирис и вкус и снима видео записи. Пробува лута и кисела храна и видеата ги споделува на популарните социјални мрежи. На шега собра дури 13 милиони прегледи.

Коронавирусот е „темпирана бомба“, а борбата со времето за набавка на лек чини многу нерви и пари

За разлика од него, многу пациенти се соочуваат со многу потешки последици. Клиниките се полнат, кревети за болните од ковид-19 има се помалку па затоа многу од пациентите после денови потрага за сместување во државните Ковид клиники спасот го бараат во приватните, без разлика на цената која треба да ја платат. Минималната сума најчесто е 12 000 евра. Но, оваа огромна сума пари што треба да се плати уште при приемот во болниците не значи дека лекот што го прими Доналд Трамп и по само два-три дена го дигна на нозе ќе го добијат и пациентите кои се борат за здив.

Нивната плуќа е разорена до тој степен што само машини можат да го одржуваат новото на кислород во организмот.

Слободен печат веќе откри дека заради недостигот на лековите Фавира и Ремдесивир во Северна Македонија, роднините на пациентите кои лежат на болничките постели даваат се за да го најдат преку границите.

„Фавира“ достапен и за Македонците на црниот пазар во Косово за 500 евра!

Некои, спасот го наоѓаат во Турција каде Фавира се произведува во четири фабрики и успеваат да го добијат. Но, според информациите со кои во моментот располага Слободен печат овој лек се дистрибуира само во болниците во Турција под надзор на тамошното министерство за здравство и официјално не се извезува. Сепак и покрај уредбите на Турција лекот може да се најде во Косово. На прашањето упатено од Слободен печат до Агенцијата за лекови во Косово сè уште немаме одговор како го регулираат увозот на овој лек.

Ремдисивирот е исто така достапен. Овој лек на фармацевтскиот пазар во Косово доаѓа од Турција и Јапонија. Најчесто е произведен во Индија. Цената на овие лекови зависи од количината на резервите и побарувачката. Колку е помала резервата толку повеќе расте цената.

Вирусот е темпирана бомба. Додека за некого е шега и предизвик за Тик Ток, многу пациенти не успеваат да ја добијат битката. Секоја секунда изгубена во потрага по лекот значи помала шанса да се преживее.

Семејството од првиот случај кој Слободен печат во текот на истражувањето го следеше имаше среќа да купи Ремдесивир уште првиот ден. За само неколку минути откако преку пријатели објавија на Фејсбук дека нивната мајка е во болница и итно и треба доза Ремдесивир, доби неколку понуди за конкретниот лек како и за Фавира. Тогаш, на почетокот на октомври цената на овие лекови на црниот пазар беше 500 евра. За жал, иако ова семејство не изгуби многу време, здравствената состојба на мајката рапидно се влошуваше и не преживеа.

Низ слична голгота помина и нашиот колега од Слободен печат, новинарот Михајло Донев. Здравствената состојба на неговиот татко после неколкудневно лекување од ковид-19 на клиниката во Штип се искомплицира, па мораше да бара алтернатива тој итно да се префрли во Скопје.

„Во државните клиники поради состојбата е хаос, не сакам никого да обвинувам знам дека многу луѓе се со истиот проблем, но не успеа да му се најде место, па мораше да го хоспитализираме во приватната клиника Филип Втори во Скопје“ изјави Михајло на 3 ноември во интервју за Утрински брифинг. Тогаш многу хумани граѓани му помогнаа колку што можеа да собере доволно пари за да плати 12 000 евра.

ВИДЕО: Да бидеме хумани, да донираме за Ристо Донев

Но, покрај непроспиените ноќи поминати во грижа за својот татко и грижата како ќе го плати скапото лекување Михајло се обидуваше де најде начин како да ја деактивира „темпираната бомба“. Како да купи Ремдесивир или Фавира, бидејќи лекарите му дадоа надеж дека постои шанса неговиот татко да преживее ако прими еден од овие лекови кои ги нема на залиха во приватната болница и покрај скапиот третман што го плаќаше.

Михајло ја немаше среќата лекот да го најде веднаш. Во тоа време во Косово имаше само таблети. Неговиот татко веќе беше на респиратор, можеше да прими терапија единствено преку инфузија.

Помина цело деноноќие. По безброј телефонски повици разбравме дека ампули Ремдесивир треба да пристигнат за неколку часа на царинскиот терминал во Косово. Михајло сè уште немаше информација точно колку ќе биде цената за една ампула, а требаше да купи седум.

Сепак нашиот колега не се двоумеше. Веднаш тргна да го купи лекот за да ја деактивира „бомбата“ што го разоруваше организмот на неговиот татко. Во меѓувреме ја дознавме и цената. Вкупната сума што требаше да ја плати изнесуваше 1400 евра. Се беше договорено, на телефонот имаше мапа како да стаса до точната адреса. На сите како да ни падна тежина и сите се надевавме дека осумдесетина километри не се далеку и Михајло бргу ќе се врати во Скопје со скапоцениот лек.

Но, царинската процедура траеше подолго од очекуваното. Михајло мораше да чека, а за нас кои бевме во постојана комуникација во тие моменти секоја минута ни се чинеше како еден век.

Пак се зацрвенија телефоните, пак баравме решение да го најдеме лекот од друго место.

Во зависност од резервите цената се менува од минута во минута

После неколку часа чекање и безброј телефонски повици веќе беше јасно дека пратката која ја чекаше Михајло ќе може да ја добие дури утредента. Веќе разочаран колегата се подготвуваше да се врати, помина скоро еден ден чекајќи и очекуваше телефонски повик од болницата за да разбере каква е состојбата со неговиот родител. Токму пред да тргне доби нова надеж. После потрага под дрво и по камен добивме информација дека во Митровица има ампули. Почетната цена беше 350 евра за една ампула, успеавме да издејствуваме и да спуштиме барем 50 евра. Немаше друг избор, му беше кажано дека ќе му го донесат лекот на локацијата каде што се наоѓа.

Требаше да донесе тешка одлука. Дали со тешко собраните пари да купи помалку ампули, а времето поминува. Поминува толку бргу што за само неколку минути веројатно се појавил купувач со подебел новчаник, па единственото решение за Михајло беше да се врати во Скопје, да помине уште една непроспиена ноќ и изутрина пак да оди во Косово.

Така и се случи, само што во меѓувреме од болницата доби информација дека треба да плати уште 2500 за прочистување на крвта на неговиот татко. Оваа процедура ги отстранува прекумерните проинфламаторни медијатори и овозможува полесно да се контролира прогресијата на болеста и да го поддржи клиничкото закрепнување.

Како што беше договорено утредента Михајло во рацете имаше 7 ампули Ремдесивир. Но, за жал таткото на нашиот колега ја изгуби битката со коронавирусот.

Овој лек сè уште го нема ниту  во косовските болници. Не заради неможноста да се увезе туку заради тендерски процедури.

Милаим Абдулаху, кој е еден од увозниците, за косовските медиуми рече сите магацини на аптеките го повлекле Ремдесивирот затоа што знаат дека Министерството за здравство ќе го купи.

Тој исто така рече дека потребата за Ремдесивир многу се зголемила во изминатите две недели.

„Овие две недели се голем вакуум затоа што е многу голема криза за Ремдисивир на Косово, што не е нормално“, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот