По сторијата на „Слободен печат“: Полицијата фати двајца што „тестирале“ со лажни Ковид тестови

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По сторијата на „Слободен печат“ во која обзнанивме дека во Виница, лица без никакво медицинско искуство, сосема нелегално правеле „тестови“ за коронавирусот преку прозорец, и тоа на начин што пациентите суспектни за Ковид 19 самите си ги земале брисовите, и самите си земале крв по што резултатот го добивале на лента со една или две цртки, слично на тест за бременост, полицијата пронашла две осомничени лица, сторители на овие незаконски активности.

Како што објавивме вчера, пациенти од Виница, се јавувале кај матичните лекари за да им кажат дека се „негативни“ на коронавирусот, откако дома им дошол некој да ги тестира со тест „кој покажувал една или две цртки“и „се правел со една капка крв“.

Според нашите извори кои се матични лекари во Виница, ваквото тестирање, кое е сосема незаконско, медицински неиздржано, нерелевантно, опасно и претставува општа закана за јавното здравје, го извршувале лица со сопствено возило и за него наплаќале 1000 денари.

Откако полицијата вчера добила сознанија дека лица од Виница, незаконски продавале несоодветни брзи тестови за детекција на коронавирусот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Виница извршиле оперативни проверки по што дошле до сознание дека две лица В.П на возраст од 35 години и М.А. на возраст од 45 години, двајцата од Виница, заедно со правно лице, фирма од Виница, нуделе и продавале несоодветни брзи тестови за коронавирус.

Поради постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело ,,незаконско земање и користење на генетски и биолошки материјал”, казниво по член 210 од Кривичниот законик, со наредба од Јавен обвинител, бил извршен претрес во дом и други простории кои ги користат горенаведените лица и правното лице, по што во домот на В.П пронајдени се седум кеси со натпис „Ковид чек ТМ“ и едно шише од два милилитри со течност со натпис буфер кои се одземени. 

До надлежното обвнителство ќе биде доставен соодветен поднесок а во наредниот период исто така полицијата ќе работи на вакви и слични случаи.

МВР апелира граѓаните да им веруваат и да им се обраќаат само на овластени медицински лица кои се матични лекари или епидемиолози на институтот или на центарот за јавно здравје и да не наседнуваат на вакви измами, а МВР во координација со другите институции ќе ги санкционираат ваквите појави.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот