„Фавира“ достапен и за Македонците на црниот пазар во Косово за 500 евра!

Слободен печат истражи дека за само неколку минути преку различни Фејсбук групи може да се договори купопродажба на овој лек или соодветна замена за него.

Додека Европа се соочува со недостаток на Ремдесивир, лекот што го прими американскиот претседател Доналд Трамп како дел од препишаната терапија, граѓаните на Македонија на црниот пазар од Косово набавуваат лек за коронавирусот познат како Фавира (фавипиравир). Слободен печат истражи дека за само неколку минути преку различни Фејсбук групи може да се договори купопродажба на овој лек или соодветна замена за него.

Извор познат на редакцијата на Слободен печат изјави дека воопшто немало проблем да го најде лекот кој иако е дефицитарен, односно го нема или го има во многу мали количини.

Лекот чини 500 евра и е достапен на црниот пазар во Приштина

Откако нашиот извор објави на Фејсбук дека има итна потреба да најде лек за пациент кој е во критична состојба заболен од коронавирус, за миг доби десетина понуди и совети како може да го најде лекот Фавир. Корисниците на оваа социјална мрежа напишаа и дополнителни информации кои аптеки во Приштина го продаваат „под тезга“.

Косовската царина за Слободен печат исто така потврди дека во Косово постојат обиди за шверц на лекови.

„Сме имале случаи кога сме фатиле патници кои носеле лекови во количина која ги надминува нормите кои се дозволени за индивидуална употреба“ ни одговори портпаролот на царината на Косово, Адриатик Ставилеци.

Тој нè упати за конкретни информации во врска со нелегален увоз и извоз за лекови кои се користат за лекување на вирусот ковид-19 да побараме во Косовската агенција за медицински производи и опрема. Но, од надлежните од оваа институција не добивме одговор, иако неколку пати се обидовме телефонски да разговараме со нив. Тие не одговорија ниту на имејлот кој им го испративме.

Од Царината во Северна Македонија која е надлежна за контрола при влез во нашата земја добивме одговор дека откако започна пандемијата значително е намален флуксот на патници меѓу Косово и Северна Македонија и дека патниците се контролираат по случаен избор. Но, кога се работи за преглед на лекови кои не спаѓаат во категорија на недозволени супстанци царинските работници не можат да сторат ништо ако патник дури и да не носи рецепт во тој момент се изјасни дека лековите што ги носи се за лична употреба, објаснија цариниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот