Обвинителството го бара снимателот на „короништа“- видеото

Основното јавно обвинителство работи на предметот поврзан со снимателот на видеото во кое тој навредува туристи од Јужна Кореја, велат оттаму за „Слободен печат“.

„За настанот за кој покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас. Во моментов се преземаат дејствија и се издаваат наредби за да се утврди од каде потекнува видео записот и да се идентификува лицето кое е снимено како вербално ги напаѓа странските државјани“, ни одговорија од ОЈО.

Во ова видео, лице со мобилен телефон им се приближува на Азијци во центарот на Скопје, навредувајќи ги и бркајќи ги од земјава, постојано инсинуирајќи нивна поврзаност со вирусот „корона“.

Претходно објавивме дека лицата биле од организацијата Heavenly Culture World Peace Restoration of Light. Како што е наведено на нивната веб-страница, оваа организација има посебен консултативен статус во економскиот и социјален совет при Обединетите Нации.

Се јавивме во општина Св. Николе, од каде ни беше кажано дека претставниците на организацијата се јавиле во општината на официјалниот телефонски број и понудиле, доколку општината сака, да биде дел од нивната програма. Соговорничката ни кажа дека организацијата со училиштата има соработка од пред четири години и работи на промоција на мир, меѓусебно разбирање и толеранција. Биле од Сеул, Јужна Кореја. Неофицијално, одржале три активности во училницата.

Од Министерството за образование за „Слободен печат“ велат дека лицата се претставници на невладина организација од Јужна Кореја, чија мисија е пропагирање на светски мир, меѓусебна почит и толеранција.

„Во МОН е одржан еден првичен состанок на кој тие ги претставија нивните цели и идеи, но организацијата комуницира непосредно со општини кои пројавиле интерес за соработка. Така што, МОН не располага со повеќе информации околу нивниот ангажман и реализирани активности на локално ниво“, ни изјавија од МОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот