Засекогаш ќе живее во нашите срца: Тоше, те сакаме!

Фото: Принтскрин-Facebook

„Ве сакам сите“ – ова беше најпознатата реченица што нашиот Тоше Проески ја кажуваше на сите свои концерти. Вистинска поп-ѕвезда со глас на славеј,  а душа полна добрина, одекнуваше во сечие срце и мисла. Паметам многу од неговите концерти, а последниот е незаборавен затоа што на една од песните, Тоше побара сите да ги кренеме мобилните телефони и апаратите и да направиме ѕвезедено небо.

И на тоа небо по тој концерт, Тоше замина.

Роден во Крушево, на 25 јануари, Тоше Проески е симбол на македонската музичка сцена. Кариерата ја започнува на прилепскиот „Мелфест“, каде што победил со песната „Yesterday“ од „Битлси“. На музичката сцена се пробива со хитовите „Пушти ме“ и „Остани до крај“. Пееше со многу наши и балкански ѕвезди и беше омилен за соработка. Во меѓувреме, стана ексклузивец на продуцентската куќа „Авалон“ и направи бројни концерти низ Македонија, но и низ Балканот. Беше прогласен за амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Тоше беше познат и како голем хуманист – правеше добри дела без да се промовира, а неговиот лик и дело беа симбол на грижата за другите и верба во хуманоста.


Кобниот 16 октомври 2007 година, кој го памети цела македонска јавност е денот кога Тоше загина во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка во Хрватска. Имаше само 26 години.

Веста ја потресе целата македонска јавност. Утрото кога одекна веста, сите занемеа. Луѓето плачеа по улици. Паметам дека одев на предавања на факултет, во автобусот сите ронеа солзи, беше нереално и премногу тажно. Спонтано се собираа на плоштадот Македонија и положуваа свеќи, последни пораки, цвеќе. Ми се чини дека никому не му се веруваше дека Тоше веќе го нема…


Оттогаш поминаа 14 години, неговите песни сѐ уште се пеат, неговото име е симбол на ведрина и хуманост. Во Крушево во 2011 година се изгради спомен-куќа која стана катче на надежта и последно место за поздрав со пејачот, другар и миленик на нацијата. Дури и во време на пандемијата на ковид-19, Спомен-куќата на Тоше Проески ја посетуваат безброј фанови.


Низ годините, се случуваа најразлични настани во негова чест. Еден од најпознатите хуманитарни концерти се одржа во 2018 година,  каде што беше промовиран новиот албум „Secret Place“. На настанот пееја многу македонски и балкански ѕвезди, а внукот на Тоше изведе авторска песна од албумот.

Традиционално се случуваат и маратони на кои трчаат ултрамаратонци од цела Македонија, а ист таков маратон се случува и во Хрватска.

Ултрамаратонот во чест на Тоше ќе се трча и оваа година, на 16 октомври напладне. Маратонците ќе пристигнат во родното Крушево на Тоше и на неговиот вечен дом на Гумење ќе му оддадат почит. Во Хрватска почна симболичното трчање на 15 километри од Нова Градишка.


Како што самиот пееше во својот последен албум „Игри без граници“, неговиот живот е вечно паѓање во незаборав. Неговата неприкосновена дарба за музика и човечноста остануваат впишано сведоштво на еден прекрасен човек на кого вечно ќе се сеќаваме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот