Започнува финалната битка за титулата во НБА, пресметка на две кошаркарски династии

Фото: EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO/RHONA WISE

Вечерва во три часот по полноќ започнува финалната битка за шампионската титула во НБА лигата, Голден Стејт вориос и Бостон селтикс ќе играат во финалето.

Двете екипи знаат како се освојуваат титули, Бостон има 17 шампионски титули во своите витрини, додека Голден Стејт шест пати го креваше шампионскиот пехар и го заслужија статусот на кошаркарски династии.

Кога Бостон Селтикс ја освои последна 17-та титула во 2008 година, Голден Стејт беше далеку од плеј-оф настапи и ботба за титулата. Но, една година подоцна, Голден Стејт на клупата донесе играч кој ја смени и клупската и историјата на НБА Лигата, Стеф Кари.

Во наредните четири години, генералниот менаџер на Голден Стејт имаше уште два одлични избори на драфтот, во 2011 година го избра Клеј Томпсон, а една година подоцна и Дрејмонд Грин. Триото Кари, Томпсон, Грин, на Голден Стејт „му донесе“ пет настапи по ред во големото НБА финале и притоа беа освоени три шампионски титули (2015,2017,2018).

Уште една личност има огромни заслуги за успесите на „воините“, Стив Кер кој во 2014 година за прв пат седна како тренерската клупа. Тој претходно работеше како ТВ аналитичар, претседател и извршен директор на Феникс и асистент тренер.

– Бостон е еден од најдобрите тимови во НБА, има најдобра одбрана во игата. Мораме да се фокусираме на тоа што го правиме најдобро. Не смееме само да се појавиме на теренот и мислиме дека ќе биде готово – рече Кер.

Сезонава Голден Стејт „освежен“ со помлади сили Џордан Пул и Ендрју Вигинс, по двегодишна пауза се врати во плеј-офот и се прошета до големот финале.

Во него го чека уште еден великан Бостон селтикс кој „се разбуди“ и покажа моќ на Истокот со елиминациите на актуелниот шампион Милвоки бакс и на најдобриот тим во Источната конференција во регуларниот дел од сезоната, Мајами хит.

Џејсон Тејтум покажа дека прерасна во одличен играч кој имаше одлична помош во Џејлен Браун и најдобриот дефанзивец во лигата Маркус Смарт.

– Никој во организацијата на Бостон не беше задоволен со победата во Источната конференција, ја сакаме титулата. Против Голден Стејт одигравме многу добро оваа сезона, ги победивме многу убедливо во последниот дел. Игравме одлично цела година против големи тимови, затоа и дојдовме до големото финале – вели тренерот на Бостон, Име Удока.

Интересно е што финалистите ги спојува слична работа, Кевин Дурент во 2019 година си замина од Голден Стејт, а истото лето Кајри Ирвинг ги напушти Бостон.

Дурент и Ирвинг заминаа во Бруклин кој стана инстант фаворит за титулата, но фаворитската улога не ја оправда на теренот, две години по ред не успева да игра во финалето на Источната конференција.
Првиот натпревар од големото финале се игра вечерва во три часот по во Сан Франциско.

Во регуларниот дел од сезоната, Бостон славеше на двата натпревари, 117:107 на домашен терен, а на гости триумфот беше уште поубедлив (110:88).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот