Заминувањето на Јирген Хабермас
Сферата на рационалната дебата, нужниот придружник на демократизацијата на секое општество, која тој постојано ја застапуваше, можеби никогаш и не постоела во својата чиста форма, му објаснуваа Ричард Рорти и Славој Жижек.
Заминувањето на Јирген Хабермас, според мислењето на многумина последниот меѓу големите германски филозофи, кој покрај академските достигнувања оствари и исклучително големо јавно влијание, претставува и симболичен крај на неговата темелна идеја дека рационалната и прагматична комуникација е основен начин за изградба на секое демократско општество.
Препорачано
Хабермас замина во доцната деведесет и шеста година – се родил далечната 1929 година, година што ќе ја обележи Големата депресија, која ќе му послужи и на Хитлер како своевиден катализатор за доаѓање на власт – а сега умира во момент кога рационалноста и отвореноста на јавната сфера се заменети со ирационални и насилни дејства, а демократскиот сон е еродиран, обележан со авторитарни и илиберални тенденции, слично како некогаш.
Кога би сакале целосно да го поедноставиме ликот и делото на Хабермас, кои го направија планетарно познат, би можеле да кажеме, макар и по цена на непрецизност, дека тој целиот свој живот го посвети на намалувањето на општествените и други контрадикции, кои и по раѓањето, а и по смртта, во поинаква форма, го затекнаа. Иако контрадикциите не можеше да ги избегне ниту во сопствената филозофска мисла.
Хабермас, чиј политички профил е левичарски, но на германски, умерен начин, го критикуваше начинот на кој Германија се соочува со минатото: за колективната вина треба да се говори директно, а не апстрактно, а „без чувство на политичка одговорност“, пишуваше, не е можно да се прекине „континуитетот со државата што ги основала концентрационите логори“.
Бидејќи и самиот негов татко бил член на националсоцијалистичката партија, кој имал нешто поинаков поглед на прашањето за германската вина и одговорност, Јирген често влегувал во конфронтација со него, но и со, на пример, Хајдегер, кој сметал дека воените ужаси се само сплет на историја и фатализам, занемарувајќи го конкретниот човек или единственоста на тој конкретен историски момент.
Се спротивставуваше на логиката на војните, но истовремено учествуваше во актуелните политички дебати преку кои влијаеше врз јавното мислење, често на контроверзен начин. Хабермас беше предмет на критики поврзани со неговото разбирање на војните (поранешна Југославија), како и на интервенционизмот – кој понекогаш го бранеше (на пример Косово), а понекогаш го напаѓаше (Бушовата доктрина) – но тоа е сосема очекувано за личност од неговиот јавен калибар, во која се судираа две концепции на меѓународните односи: вестфалската, во која суверенитетот е нагласен, а со тоа и принципот на неинтервенција, и космополитскиот поредок кој, пак, ги штити човековите права.
Неговата преференцијална наклонетост кон државата Израел, која доминантно ја застапуваше, делумно се темелеше на германското чувство на одговорност за злосторствата од Втората светска војна и Холокаустот, но се чини дека при тоа неговата објективна проценка сепак беше намалена, особено кога станува збор за Газа. Така, Хабермасовиот прокламиран универзализам делумно се урна под тежината на Газа, настани што имаат сите елементи на геноцид во современа, брутална форма.
Исто така, сферата на рационална дебата, неопходен придружник на демократизацијата на секое општество, која постојано ја застапуваше, можеби никогаш и не постоела во својата чиста форма, му објаснуваа на Хабермас филозофите Ричард Рорти и Славој Жижек уште за време на неговиот живот.
Иако не им веруваше, во последните години од својот живот сведочеше како рационалноста на јавната сфера се урива, губејќи примат пред силата, себичните и насилни интереси, популизмот, демагогијата и национализмот – феномени против кои се бореше поголемиот дел од својот живот.
(авторот е новинар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


