Заклучоци од Самитот на ЕУ: Европа треба да биде подобро опремена за да може автономно да се справува со предизвиците и заканите
Заклучоците од денешниот Самит на ЕУ во Брисел се тоа дека Европскиот совет ја потврди својата решеност да ја оствари целта за зголемување на одбранбената подготвеност на Европа до 2030 година. Ова е со цел Европа ќе биде подобро опремена за да може автономно да дејствува и да се справува со непосредните и идните предизвици и закани.
Препорачано
Лидерите на ЕУ повикуваат на изградба на целиот спектар на потребни модерни одбранбени капацитети на Европа, во целосна кохерентност со НАТО и за остварување напредок во конкретни проекти, со цел Унијата да ја намали својата стратешка зависност, да ги надополни празнини во своите капацитети и да ја зајакне европската одбранбена технолошка и индустриска база.
– Европскиот совет го осудува нарушувањето на воздушниот простор на неколку земји членки и ја нагласува важноста од обезбедување одбрана на сите копнени, воздушни и морски граници на ЕУ. Непосредните закани по источниот дел од ЕУ и обезбедувањето конкретна поддршка на земјите членки треба да се решат како приоритетни прашања. Дополнително, имајќи ги предвид заканите и на останатите граници на ЕУ, Европскиот совет ја нагласува важноста од нивна одбрана, се додава во заклучоците.
Во документот се нагласува дека во услови на засилените хибридни напади од страна на Русија и Белорусија и неодамнешните нарушувања на воздушниот простор на ЕУ, Европскиот совет ја нагласува важноста на тесната соработка меѓу земјите членки за сеопфатно зајакнување на нивните одбранбени и безбедносни капацитети.
– Во овој контекст, од суштинско значење е подобрување на отпорноста, безбедноста и заштитата на критичната инфраструктура, вклучувајќи ја енергетската, дигиталната и подводната инфраструктура, се наведува во заклучоците, при што се нагласува дека од тој аспект потребно е подобрување на капацитети за борба против дронови и противвоздушна одбрана.
Лидерите повикуваат и на зајакнување на европската одбранбена индустрија, со зголемување на инвестициите во заеднички развој, производство и набавка за потребите на одбраната, за чија апелираат на целосно мобилизирање на инструментите Безбедносна акција за Европа (САФЕ) и Програма за европска одбранбена индустрија (ЕДИП).
– Европскиот совет ја нагласува важноста на блиската соработка со Украина и нејзината интеграција и придонес кон европската одбранбена индустрија, особено во однос на иновациите во одбраната и најсовремената одбранбена технологија, се наведува до документот.


