Закажани судењата за дел од полицајците поврзани со трагедијата во „Пулс“
На почетокот на март стартуваат судењата за дел од полицајците обвинети за поврзаност со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во која загинаа 63 млади луѓе и над 200 повредени. Полицајците за кои се закажани судењата се товарат за злоупотреба на службената положба, додека за 13-те полицајци кои се обвинети за директна поврзаност со трагедијата обвинението се уште не е оценето.
Препорачано
Според информациите од Кривичниот суд на 2 март на обвинителна клупа треба да седнат тројца полицајци кои се товарат дека внеле неточни податоци и наместо за дискотеката „Пулс“ пишувале прекршочни пријави за фирма која не била активна.
Деветтемина полицајци пак се товарат дека не извршиле целосна и детална проверка при издавање согласност за добивање лиценца на дискотеката.
-Овозможиле истото да добие лиценца за 2022 и 2023 година, а со намера да прибават имотна корист за правното лице во вкупен поголем износ од 284 576 денари за 2022 година и имотна корист за неформалниот сопственик на клубот, во вкупен поголем износ од 335 916 денари бруто-плата- рекоа од Обвинителството кое на 30 јануари поднесе обвиненија за три групи полицајци.
Полицајците пак кој спроведувале акциска контрола и началниците во ОВР Кочани и СВР Штип обвинителството ги товари дека кога ја спроведувале акциската контрола во „Пулс“, не презеле мерки за заштита на присутните лица, ниту мерки за спречување активирање на пиротехничката опрема на сцената, која не била пријавена во ПС Кочани.


