ВИДЕО ГАЛЕРИЈА За жал 260.000 работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади сме тука
Веројатно ситуацијата која се креира во општеството е таква, да треба да се поклониме, да треба да се потчиниме, но нема да го направиме тоа – рече Трендафилов.
Под слоганот „За плата се бориме, не се молиме“ Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) со протест го одбележа Меѓународниот ден на трудот 1 Мај.
Препорачано

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека жали оти имаме квази синдикати кои сметаат дека не треба да се протестира, кои сметаат дека 1 мај е за луксуз во скап хотел на скапа конференција. Тој им се заблагодари на присутните на маршот.

-Затоа што сакавте да бидете тука, во име на сите работници. Денеска, кога ќе се движиме до Владата, ќе видеме наши граѓани на нивните балкони, на нивните прозори, кои ќе гледаат одозгора. Ќе седат во нивните удобни фотелји и ќе чекаат ние, ние и некој како нас да се избориме за нивната плата – рече Трендафилов.

Тој порача дека треба да се бориме уште пожестоко, уште повеќе затоа што платите се ниски.
-Денес сме тука не за да го слушнат тоа што сакаат да го слушнат, а ние да им кажеме дека платите се добри, дека се почитуваат колективните договори, дека се плаќа прекувремената работа, дека во Македонија е добро ако се работи 12-часовен работен ден за одредени колеги, дека е добро тоа што поднесуваат иницијативи во Уставниот суд затоа што сакаат да укинат колективен договор и дека е добро тоа што нема социјален дијалог. Денеска, за жал, 260.000 работници живеат со плата под 600 евра, денеска, за жал, само неколку илјади луѓе сме тука на протест за 1 Мај. Веројатно ситуацијата која се креира во општеството е таква, да треба да се поклониме, да треба да се потчиниме, но нема да го направиме тоа – рече Трендафилов.

-За жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита – рече тој.


Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука, се осврна на барањата што тие ги имаат.
– Први мај живее и ќе продолжи да живее сѐ додека има работници коишто се на висината на задачата и се борат за своите работнички права, ќе продолжи да живее сѐ додека има синдикати што не се контролирани од центрите на политичка моќ, а на тие што се – нека им служи на чест. Како независен синдикат за образование и наука, стоиме цврстно на нашите барања, а тоа е почитување на колективните договори, почитување на пресметката за плата согласно коефициентот помножен со минимална плата. Бараме во најбрз можен рок да започне почитување на колективните договори и достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование. Бараме достоинствена плата и достоинствено вреднување на трудот за вработените во детска заштита – изјави Гиевски.
Тој рече дека нема да се откажат од борбата.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска не учествуваше на протестот, со образложение дека решенијата треба да се бараат преку дијалог, а не на улица.



