За случајот со убиеното дете во Пинтија ЈО девет месеци води предистрага и не открива што се случи со кучето-убиец

Јавното обвинителство сè уште води предистрага за смртта на осумгодишното дете во Пинтија кое беше убиено од кучето на неговиот сосед Н.Г. од расата булмастиф, откако детето влегло во дворот во кој освен кучето-убиец имало и друго куче, исто така од расата булмастиф. Трагичниот настан кој многу силно ја потресе целата македонска јавност и регионот се случи лани на 11 април, а девет месеци подоцна Јавното обвинителство сè уште собира докази за да ги расветли околностите во кои детето на суров начин го загуби животот. Не е познато ниту што се случи со двете кучиња, дали се усмртени или му се вратени на сопственикот Н.Г., затоа што од Јавното обвинителство не откриваат детаљи за јавноста.

– Предистражната постапка е во финална фаза, но сè уште се преземаат одредени дејствија за обезбедување докази – одговорија од Јавното обвинителство минатата недела на прашањата на „Слободен печат“ до каде е поспапката и дали се утврди кривична одговорност за сопственикот на кучињата.

На дополнителни прашања каква е судбината на кучињата, особено на кучето-убиец, зошто толку долго трае предистрагата и какви уште докази се собираат за настанот што се случи пред девет месеци, од Обвинителство повторно штуро ни одговорија:

– Во предметот се преземени повеќе дејствија и во тек е изготвување на јавнообвинителската одлука, која ќе ги опфати и аспектите за кои покажувате интерес.

Кучето што усмрти дете во Пинтија не покажало агресивност- велат во Агенција за храна

По трагедијата Агенцијата за храна и ветеринарство го презеде кучињата и лани во јуни соопшти дека тие немаат беснило и дека се социјализирани. Од АХВ не знаат што се случи понатаму со кучињата и велат дека за тоа е надлежно ЈО.

– Агенцијата за храна и ветеринарство ги презеде сите законски дефинирани мерки во однос на кучињата од расата булмастиф кои на 11.4.2023 година учествуваа во несреќа во која до смрт беше искасано осумгодишно момче во скопската населба Пинтија. Од страна на овластени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство е спроведен надзор за болеста беснило и тест за социјализација на кучињата и тие не покажаа ниту знаци на болеста ниту агресивност, со што се исцрпени законските можности за постапување на Агенцијата. Постапката по овој предмет ја презема и ја води Јавното обвинителство – ни одговорија од АХВ, без да ни дадат информација каде ги предале кучињата после набљудувањето.

Утре истекува рокот на опсервација за беснило на кучето што усмрти дете во Пинтија

Јавноста уште исчекува информации што точно се случи на трагичниот ден и во кои околности детето го изгубило животот. Сè уште се познати само неофицијалните информации според кои детето се префрлило преку оградата која ги дели со соседот и влегло во неговиот двор, по што било нападнато од едно од кучињата, кое му го искасало вратот. Ниту во дворот на детето, ниту во дворот на соседот во моментот на нападот немало никој, а нема ниту други сведоци. Сопственикот на кучињата го нашол детето како лежи во неговиот двор, веднаш ги повикал родителите и сите заедно го однеле во болница, но на пат кон лекарите детето искрвавило од добиените рани. Според изјавите на лекарите од Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, детето било донесено со сериозни повреди на главата и вратот нанесени од каснување од куче, искрвавено и без знаци на живот, а постапката за реанимација била безуспешна.

Во јавноста се бараа одговори дали сопственикот Н.Г. соодветно ги чувал кучињата, дали оградата била доволно висока, дали кучињата биле заклучени во бокс или шетале низ дворот во моментот на нападот, дали само знак на портата за опасно куче е доволно предупредување за посетителите, каде биле родителите на детето во тоа време, кој треба да ја сноси одговорноста, дали воопшто има кривична одговорност во овој случај итн. Се поставуваа и прашања дали во Македонија треба да се забранат одреден вид на поголеми кучиња кои се сметаат за поагресивни и дали булмасфитите на Н.Г. треба да се усмртат во секој случај затоа што убиле човек, без разлика дали на тестот ќе се покажат како агресивни или не.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот