За разлика од ЕУ, во Македонија виреат европски вредности

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

И такви сиромашни, неразвиени и за многу работи неспособни, успеваме да се избориме со сопствената ксенофобија, во времето кога многу поразвиени земји не смеат ниту да помислат на такво нешто за да не го предизвикаат бесот на сопствените граѓани

Првото Авганистанче веќе се роди во Македонија отка- ко неговата мајка, веднаш по пристигнувањето на скопскиот аеродром, беше пренесена на гинеколошко-акушерската клиника каде беше породена. Контигентот од 149 Авганистанци евакуирани од Кабул беше испорачан во Македонија, а во очекување сме и на другите бегалци, кои според досега објавеното би требало да бидат 2.000 на број.

Тоа значи дека земјава ќе обезбеди засолниште за странци, во размер од 0,1 проценти од вкупното население во државата. Кога ќе се изразиме во проценти, тогаш и не добиваме којзнае колкава бројка Авганистанци, кои се евакуирани во Македонија, што секако е добра вест за поединци од ксенофобните кружоци на кои неретко им пречи што нашата територија ја користат и птиците преселници.

Но, темата не е Македонија, бидејќи земјата е вистински шампион во искажување добредојде кон страдалниците од другите краишта на светот. Државава покажа доблест, храброст и одлучност во спроведувањето на т.н „европски вредности“, многу повеќе отколку самиот пропаганден промотер на тие вредности – Европската Унија.

Додека во Скопје доаѓаат бегалци, челниците на ЕУ се состануваат во Брисел за да најдат начин како да се одбранат од најавениот бран бегалци, што би требало да тргне од Авганистан. Во ЕУ сè уште се свежи сцените од бегалската криза од пред шест години кога повеќе од милион луѓе од Сирија и од други земји тргнаа кон границите на обединета Европа. Токму разликите во третманот на мигрантите и спремноста на земјите членки да ги вдомат, беше причина за првиот голем раскол во Унијата. Германија ги повика мигрантите да дојдат, а Унгарија, Австрија и Словенија своите граници ги забарикадираа со бодликави жици. На првиот значаен тест „европските вредности“ на прва беа заборавени. Слично беше и со избивањето на пандемијата, кога од вредностите изостана меѓусебната солидарност, па сојузниците се „степаа“ за заштитни маски, скафандери, медикаменти и за респиратори.

Соочени со можноста кон Европа да тргне нов бегалски бран, откако САД и НАТО се повлекоа од Авганистан, претставниците на земјите од ЕУ се обидуваат да најдат модел кој ќе им ги заштити границите. Предлогот кој преовладува и околу кој сите се обединети е да им се дадат пари на соседните земји на Авганистан, за да ги примат бегалците. Едноставно речено, ЕУ го прави тоа што знае да го прави, односно политичкиот декапацитет на глобална сцена го компензира со пари.

Печатењето евра досега се покажа како правилна формула за сите проблеми кои ја мачат Унијата. Лоша вест е дека во претходниот месец инфлацијата во еврозоната изнесуваше околу десет проценти, но тоа е сосем друга тема.

Македонија остана заглавена во претсобјето на Европската Унија, а сонот за полноправно членство го замени со јавето Отворен Балкан. Сепак, во Македонија виреат „европските вредности“ – солидарност, милосрдие, помош и заедништво. Тоа не значи дека во државава „цветаат рози“, напротив, но и такви сиромашни, неразвиени и за многу работи неспособни, успеваме да се избориме со сопствената ксенофобија во време кога многу поразвиени земји не смеат ниту да помислат на такво нешто за да не го предизвикаат бесот на сопствените граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот