За над 50 милиони евра ќе се гради Агроцентар во Гази Баба за пласман на земјоделски производи
Станува збор за капитален логистичко-дистрибутивен центар што ќе се гради во економската зона во Гази Баба, помеѓу клучките Хиподром и Сингелиќ, долж скопската обиколница.
Скопје за неполни две години треба да добие еден од најголемите агроинфраструктурни проекти во поновата историја на државата. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство официјално го отвори меѓународниот тендер за изградба на новата Агрофуд платформа (AFP) во Гази Баба, инвестиција вредна над 50 милиони американски долари, финансирана со поддршка од Светска банка. Не станува збор за реновирање на стариот Кванташки пазар туку за сосем нов објект.
Препорачано
Агроцентарот е капитален логистичко-дистрибутивен центар што ќе се гради во економската зона во Гази Баба, помеѓу клучките Хиподром и Сингелиќ, долж скопската обиколница. Според проценките, комплексот треба да стане главен пункт за прием, складирање, сортирање, дистрибуција и продажба на земјоделски производи од целата држава. Проектот веќе привлекува сериозен интерес во домашната и регионалната градежна индустрија, пред сè поради високата вредност, строгите критериуми и фактот што постапката се спроведува според правилата на Светска банка за меѓународни инфраструктурни проекти.
Тендерската документација открива дека државата нема да ја избира најевтината компанија, туку изведувач што ќе понуди најдобар баланс меѓу технички капацитет, организација и финансиска понуда. Компаниите што ќе конкурираат мора да докажат дека располагаат со најмалку 100 вработени со полно работно време, како и со цел тим инженери и експерти од различни области.
Во задолжителниот кадар се бара проект-менаџер со минимум 15 години искуство. За дел од позициите се бара и претходно искуство на меѓународно финансирани проекти и активно познавање на FIDIC договори. Дополнително, тендерот предвидува и обемна механизација што компаниите ќе мора да ја обезбедат. Во документацијата се наведуваат багери од 33 до 40 тони, бетонски бази со капацитет од најмалку 100 кубни метри дневно, асфалтни бази, кранови, бетонски пумпи, вибрациски валјаци, камиони, скелиња и лаборатории за тестирање материјали.
Според експертите од градежниот сектор, условите практично ја ограничуваат конкуренцијата на компании што веќе имаат искуство со големи индустриски комплекси, логистички центри или капитални инфраструктурни зафати.
Еден од најинтересните аспекти на тендерот е начинот на оценување на понудите. Компаниите ќе мора детално да објаснат како ќе се изведуваат сите фази од проектот, од подготовка и стабилизација на теренот, преку изработка на армирано-бетонски конструкции, до монтажа на големи челични хали и поставување на машински, електротехнички и хидротехнички инсталации.
Строги еколошки и социјални стандарди
Светска банка во тендерот воведува и сериозни еколошки и социјални критериуми, што е карактеристично за модерните меѓународни инфраструктурни проекти. Секој понудувач ќе мора да достави посебен ESMP-план за управување со животната средина и безбедноста при работа, како и кодекс на однесување за вработените и подизведувачите.
Во документацијата се бара конкретно објаснување како компаниите ќе управуваат со прашината, бучавата, градежниот отпад и движењето на тешката механизација. Дополнително, задолжителни се и мерки за спречување сексуално вознемирување, сексуална експлоатација и родово-базирано насилство, како и воспоставување механизми за пријавување злоупотреби.
Компаниите ќе мора да назначат и посебен експерт за животна средина и социјални прашања кој ќе биде задолжен за комуникација со локалната заедница и следење на спроведувањето на еколошките стандарди.
Финансиските критериуми исто така се поставени на високо ниво. Компаниите ќе мора да докажат дека располагаат со најмалку 2,5 милиони евра ликвидни средства или кредитни линии за одржување на проектот. Покрај тоа, се бара просечен годишен градежен обрт од најмалку 20 милиони евра во последните пет години.
Особено ќе се вреднува искуство во изградба на логистички центри, магацински комплекси, агропрехранбени капацитети и индустриски хали. Иако станува збор за современ меѓународен тендер, понудите нема да се поднесуваат електронски.
Компаниите ќе мора физички да ги достават документите во затворени пликови во канцеларијата на Проектот за модернизација на земјоделството. Крајниот рок за доставување понуди е 4 јуни.
Нов начин на пласирање на земјоделски производи
Според очекувањата на институциите и пазарните аналитичари, новата агрофуд платформа може значително да го трансформира македонскиот агросектор.
Современиот логистички центар треба да овозможи подобра организација на големопродажниот пазар, побрза дистрибуција, намалување на трошоците во синџирот на снабдување и подобар пристап на домашните производители до регионалните пазари.
Особено се очекува корист да имаат малите и средни земјоделци, кои со години се соочуваат со проблеми во складирањето, транспортот и организираниот откуп на производите. Во услови кога земјоделството се соочува со растечки трошоци, нестабилни пазари и сè посилна конкуренција, проектот во Гази Баба се гледа како клучен чекор кон модернизација на агроекономијата и создавање поконкурентен систем за дистрибуција на македонските земјоделски производи.


