Влада тесна, ЗНАМ бесна – за мир во куќа владините партнери „заборавија“ на кавгите
Веројатно за да не се нарушат односите помеѓу владините партнери веднаш по локалните избори, Мемов ретерира. Тоа се насетува и во објавата кога вели дека таа предизвикала внимание, но и негативни реакции.
За мир во куќа, владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ експресно „забораваат“ на критиките и на забелешките што си ги упатуваат едни на други. По премиерот Христијан Мицкоски, сега и портпаролот на ЗНАМ Никола Мемов, откако на владиниот партнер Вреди му порача дека направил „голема грешка“ оти потфрлиле со поддршката за Орце Ѓорѓиевски во Скопје, за помалку од 24 часа се пишмани и вели дека изразил личен, а не партиски став.
Препорачано
Веројатно за да не се нарушат односите помеѓу владините партнери веднаш по локалните избори, Мемов ретерира. Тоа се насетува и во објавата кога вели дека таа предизвикала внимание, но и негативни реакции.
„Победата на овие локални избори што ја остварија ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди е резултат на нашата заемна поддршка во сите општини во Македонија, што е потврда на имплементацијата на конзистентните политики на Владата во изминатиот период. По локалните избори владините партнери треба да продолжат во ист правец, затоа што зацртаните политички цели за овие избори се остварени“, напиша Мемов.
Претходно тој ја обвини Вреди дека ја изиграла ВМРО-ДПМНЕ и не гласала за Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје и дека тоа е голема грешка.
„ВМРО го знае тоа и премиерот јавно им кажа, ние чесно ве поддржавме, плативме огромна цена за таа поддршка и за возврат не побаравме ништо. Само почит. Таа почит не ја добивме. И тоа не го забораваме“, напиша претходно Мемов на Фејсбук.
Неофицијално, целите што владините партнери ги оствариле на локалните избори се дека ВМРО-ДПМНЕ добиле 55 градоначалници, дека ги порaзиле националистичките политики на ДУИ, дека Вреди се легитимирала како клучен албански фактор и дека ЗНАМ ја остварила зацртаната цел да го продолжи континуитетот во управувањето со општина Куманово каде што лидерот Максим Димитриевски победил. ЗНАМ потврдиле и дека се фактор на национално ниво со освоени речиси 40.000 гласови на советничките листи.
Коментарите се дека ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ја испорачале ветената поддршката на Димитриевски за Куманово, но и дека Вреди добила поддршка од владините партнери во Чаир, Тетово, Струга и во други општини, без што, пак, немаше да победи.
Дека објавата на Мемов предизвикала негодувања меѓу владините партнери, доказ е дека Мемов всушност ретерира од став што веќе јавно го кажал премиерот Христијан Мицкоски, бидејќи под првата објава на Мемов има линк од изјава на премиерот.
Меѓу првиот и вториот изборен круг и Мицкоски „заборави“ дека го искара владиниот партнер и градоначалник на Тетово Билал Касами, кога тој повика во Кичево да се гласа етнички, односно за кандидатот на ДУИ Фатмир Дехари. Мицкоски потоа негираше дека воопшто споменал дека ВМРО-ДПМНЕ во првиот изборен круг се жртвувала за Вреди, но за возврат не ја добиле почитта од помалиот владин партнер.
Неофицијално од ВМРО-ДПМНЕ објавата на Мемов ја толкуваат како позиционирање на помалите партнери во релациите со носечката партија во Владата.
Мицкоски по победата на Ѓорѓиевски во Скопје за слабата поддршка на Вреди рече дека не мисли оти коалицискиот партнер ги бојкотирал.
– Не мислам дека нашиот коалициски партнер нè бојкотира. Никој гласовите не ги чува во џеб, ниту, пак, може да ги испорача директно од џеб. Тоа што го видовме помеѓу двата круга од нашиот коалициски партнер во Скопје, од водството на нашиот коалициски партнер, е една чесна заложба за Орце Ѓоргиевски како кандидат тогашен, а сега веќе градоначалник на градот Скопје. Факт е дека гласачите што гласаа за Вреди, не излегоа и не го поддржаа Орце Ѓоргиевски. Претпоставувам тоа била таква одлука на гласачите, и тоа е што е – рече Мицкоски.
Тој негираше и дека тоа ќе се одрази врз функционирањето на коалицијата.
По средбата, пак, со Касами, Мицкоски негираше дека не добиле почит од Вреди, и покрај поддршката на нивните кандидати. Од митинг во Аеродром истиот ден, Мицкоски беше уште подиректен и пожесток и без никаква дилема е јасно дека мисли на Вреди и на Касами. Тој истакна дека во политиката мора да се има цел и стратегија и дека ВМРО-ДПМНЕ на патот кон остварување на своите цели не барала ништо освен почит за својата жртва што ја дале за друг, но тоа не го добиле и дека тоа нема да им го заборави.
– Додека ги реализиравме овие стратешки цели, крвавевме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо, затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата што сме ја дале за друг, не ја добивме, и тоа нема да го заборавиме. Сега да се фокусираме на 2 ноември и масовно да излеземе на изборите – порача тогаш Мицкоски.


