За да не загуби 500 милиони долари, сезоната во НБА ќе стартува пред Нова година

Денвер нагетс ја забележа третата победа по ред во НБА лигата/Фото: EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Иако кошаркарите ќе имаат помалку време за одмор отколку претходните сезони, НБА екипите пресметаа дека поисплатливо им е новата сезона да започне што побрзо.

Челниците на НБА лигата се очекува во наредните денови да го потврдат календарот за новата сезона и според последните информации, стартот ќе биде на 22. декември додека крајот е предвиден на 4. јули.

Разликата помеѓу стартот на новата сезона на 22. декември и вториот предлог 18. јануари изнесува дури 500 милиони долари кои би ги загубиле екипите доколку сезоната не започне побрзо.

Иако кошаркарите ќе имаат многу помалку време за одмор од претходните сезони, НБА екипите пресметаа дека повеќе им се исплати да ја започнат сезоната што побрзо за да не се повтори овогодинешниот пример кога во САД во исто време се одржуваа првенствата во четирите најпопуларни спортови, НБА лигата, МЛБ бејзбол лигата, НХЛ и НФЛ лигата.

Доколку сезоната започне на 18. јануари, НБА екипите ќе останат без 500 милиони долари бидејќи во тој случај нивните натпревари ќе се преклопуваат со останатите лиги и со тоа ќе се намали гледаноста.

Најголем проблем во раниот старт на сезоната ќе биде одморот на кошаркарите. Финалистите од 2019 година, Торонто репторс и Голден стејт вориорс имаат 131 слободен ден за одмор од последниот натпревар до стартот на новата сезона, додека овогодинешните финалисти ЛА Лејкерс и Мајами хит ќе имаат само 72 слободни дена доколку стартот биде пред Нова година. Поголем дел од екипите кои учествуваа во плеј-офот најверојатно на почетокот од сезоната ќе ги одмораат своите најдобри кошаркари.

–  Знаеме дека лигата мора да започне што побрзо поради ТВ преносите, но немојте да очекувате дека на паркетот ќе ги видите сите ѕвезди уште од самиот старт. Најверојатно ќе седат на клупата за резервни играли, но облечени во одела. Дефинитивно Леброн Џејмс ќе тренира со нас, но најверојатно многу малку ќе игра и сигурно нема да ја започне сезоната во декември. Тој има 36 години и потребен му е одмор – изјави кошаркарот на ЛА Лејкерс, Џаред Дадли.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот