Комисија за буџет2026/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

За Буџетот за 2026 година расправа собраниската комисија: Ќе добиеме ли за првпат конзервативна каса, пореално испланирана?

Во 2026 година се очекува понатамошно забрзување на реалниот раст на БДП на 3,8%, при што главниот двигател на растот е предвидено да биде домашната побарувачка, посочи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска

Предлог-буџетот за 2026 година ја потврдува посветеноста на Владата кон стабилноста, предвидливоста и одговорното управување со јавните финансии. Овој буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за раст, инвестиции и сигурност за граѓаните, компаниите и институциите.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по Предлог-буџетот за 2026 година пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието. Буџетот на расходната страна тежи 6,7 милијарди евра, а на приходната 6 милијарди.

– Во 2026 година се очекува понатамошно забрзување на реалниот раст на БДП на 3,8%, при што главниот двигател на растот е предвидено да биде домашната побарувачка, во услови на раст на бруто-инвестициите и потрошувачката. Бруто-инвестициите е предвидено да се зголемат за 8,4 проценти на реална основа, во услови на поинтензивна реализација на големите инфраструктурни проекти во јавниот сектор кои се во понапредна фаза, пред сè коридорите 8 и 10Д, како и инвестициите во железничкиот транспорт, енергетиката, земјоделството, образованието и здравството. Дополнителен двигател на бруто-инвестициите ќе биде и поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел порамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните – потенцираше министерката.

Претседателот на Фискалниот совет Абдулменаф Беџети рече дека генералната оцена за Предлог-буџетот за 2026 година е дека е конзервативен, односно и на страната на јавните приходи и на страната на јавните расходи е проектиран врз реални можности и насочен кон фискална консолидација.

– Вака поставен, буџетот ќе обезбеди и макроекономска стабилност. Во минатогодишното мислење за Буџетот за 2025 година, Фискалниот совет предложи и препорача на Министерството за финансии „да се воведе ограничување јавните расходи да можат да растат најмногу до висината на растот на номиналниот БДП“. Оваа препорака годинава е реализирана дури и поконзервативно, со проектиран раст на јавните расходи од само 2,6% – посочи Беџети.

Тој упати на тоа дека е потребна поголема вклученост на буџетските корисници при изготвувањето на буџетот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот