За 6 месеци двапати се расипува системот за загревање на водата на базенот во „Борис Трајковски“, директорот вели проблемот е саниран

фото: salaboristrajkovski.gov.mk

Водата во базенот кој е во склоп на СЦ „Борис Трајковски“ речиси цела недела е ладна, а децата кои професионално се занимаваат со пливање се принудени да пливаат во вода која не е загреана соодветно. Родители на деца се обратија во редакцијата на „Слободен печат“ посочувајќи дека дел од клубовите на базенот ги откажале тренинзите минатата недела, а за оваа недела чекаат да видат што ќе се случи.

– Тренерот ни кажа дека водата е ладна и малите деца да не доаѓаат за да не настинат, а големите мораа да одат бидејќи викендов се одржуваше пливачки натпревар на кој требаше да настапат. Тие беа принудени да пливаат во ладна вода, бидејќи секој пропуштен тренинг ги чини и ќе им се одрази на настапот, а организаторот на натпреварот не го откажа истиот  – ни се пожали еден татко.

Овој проблем не се појавува првпат, ни посочија дел од тренерите на пливачките клубови кои ги контактиравме. Тие ни кажаа дека пред шест месеци базенот, исто така, имал проблем со загревањето на водата, поради што речиси три недели се чекало да стигнат делови од странство. И тогаш дел од децата пропуштале тренинзи, а дел пливале во вода со несоодветна температура.

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со директорката на базенот Симона Јовановска со цел да ја прашаме зошто во рок од шест месеци се случува истиот дефект поради што децата се принудени да пливаат во ладна вода, но таа не сакаше да ни даде изјава, по што се обративме кај директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Александар Петровски. Тој ни потврди дека имало дефект во системот за греење на водата, но ни нагласи дека проблемот е решен и дека веќе од денеска водата е загреана.

– Пред 10 дена имавме голем дефект на чилерот број 2 кој е баш за топлење и имаме еден во базенот, мал чилер, кој ни е како бекап варијанта и кој како за малер се расипа. Претпоставуваме дека со струјата некои проблеми кога имало, тоа го изгорело. Таков дел има само во Турција, во Македонија воопшто нема, веќе е нарачан, го приспособивме и големиот чилер во меѓувреме. Сè е тешко, сега со овие контејнери како што ми објаснуваа со деловите што се нарачуваат, треба подолго време, но мислам дека за рекордно време, седум до осум дена беше решен проблемот. Водата беше навистина ладна за што секое утро ги известувавме сите што ги користат нашите услуги на базенот, а мејлови беа испратени до сите клубови да ги откажат тренинзите на децата. Седум дена имавме проблеми со температурата на водата, од петокот тоа е веќе санирано, инаку немаше да се одржи натпреварот и истиот ќе го префрлеа на друга локација – ни изјави Петровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот