За 12.000 денари годишно полнеле камиони со наш мермер
Веќе има нов тарифник, а се чешлаат и старите долгови
Со новиот тарифник од минатата година концесионерите на мермер ќе траба да платат 5 проценти од направениот профит во 2025 година. Претходно, како што рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, „за хектари и хектари земени на концесија од 10 години, годишно плаќале по 10.000 и 12.000 денари“.
Препорачано
– Има 16 концесионери. Сите концесионери плаќале како да копаат најниска класа на мермер. Затоа, ќе имаме своја подружница во Прилеп и во Штип, бидејќи таму имаме многу концесионери. Ние сакаме само да и платат на државата за тоа што го користат – рече министерката.
Од Министерството информираа и дека имаат меморандум со УЈП и добра соработка што „чешла“ колку концесионерите платиле и дали тоа го направиле во законски рок.
– Се утврдува за 4-5 години наназад дали е во ред пријавеното, а ќе се наплатата и затезни камати. Плаќањата се вршат на секој три месеци, секој 15-ти – појасни Филип Петровски, државен советник за рударство.
На брифингот со новинарите во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беше објавено и дека со годинешниов план се одобрени капацитети од обновливи извори со инсталирана моќност од 1.265 мегавати и ако се реализираат, тоа е инвестиција од над 1,3 милијарди евра. За следната година, пак, има барања за околу 11.000 мегавати.
– Она што особено радува се барањата за батериско складирање, што значи дека ќе има енергија за балансирање. Но, со оглед на тоа дека станува збор за навистина сериозна бројка, МЕПСО треба да размислува за проширување на мрежата – нагласи министерката Божиновска.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерката рече дека утре Владата ќе го разгледува барањето на ЕСМ за прогласување кризна состојба на пазарот со електрична енергија, поради отежнатата набавка на енергенси како последица на секојдневните блокади на грчките земјоделци. Таа потенцираше дека стоковни резерви на мазут има и дека нема да биде загрозено работењето на РЕК Битола, која го користи мазутот поради тоа што јагленот е нискокалоричен.


