Вучиќ набавува од Кина ракети и дронови, ќе ги користи во претседателската кампања за да го победи генерал Понош
Во пресрет на изборите, на кои опозициски кандидат за српски претседател ќе биде поранешниот началник на Генералштабот Здравко Понош, претседателот на Србија Александар Вучиќ најави набавка на воено оружје од Кина, објави Нова.рс.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според весникот во Србија ќе пристигнат беспилотни летала, а веројатно и ракетен систем, кој, пишуваат тие, „ќе му служи на првиот човек на државата за промоција во кампањата“.
Извори на српскиот дневен весник „Нова“ наведуваат дека шефот на српската држава, откако е објавено дека кандидат на опозицијата на претседателските избори ќе биде генералот Здравко Понош, особено внимание посветил на оваа набавка за да се претстави како човек кој за разлика од неговиот конкурент, се грижи за војската.
За време на неговото неодамнешно гостување на телевизија Хепи, самиот Вучиќ објави дека пристигнува оружје, заедно со стандардниот репертоар на обвинувања – дека неговите противници стопиле тенкови и ја уназадиле војската.
Весникот пренесува изјава на воениот аналитичар Александар Радиќ кој истакнува дека набавката е организирана поради изборната кампања.
„Се очекува наскоро да пристигне противвоздушниот ракетен систем ФЦ-3. Купен е во 2019 година, но се создава слика дека нешто необично се случува сега, со цел да се подигне важноста на таа набавка во јавноста. Беспилотните летала што треба да пристигнат се CH-95. Со оглед на тоа што изборите се закажани за 3 април, мислам дека ќе имаме презентација како тоа се случило ненадејно“, рече тој.
Радиќ смета дека набавката нема директна врска со тоа што Понош е кандидат за претседател, туку дека е договорено оружјето да пристигне за време на изборната кампања.
-Важно е тоа да го постигнат во текот на кампањата, бидејќи се’ што ќе пристигне потоа ја нема таа тежина и не може да се користи за политички цели“, подвлекува Радиќ.
Весникот Нова ја пренесува реакцијата и на противкандидатот на Вучиќ, Понош кој неодамна ја поздрави одлуката за набавка на оружјето од Кина, но се зачуди зошто тоа оружје пристигнува токму сега, непосредно пред изборите.
„Ако причината за купувањето оружје е само затоа што противникот е генерал, дали тоа значи дека, ако противникот е писател, би увезле шест контејнери со книги на кинески. Да беше противкандидат на изборите архитект, ќе го купеше ли Кинескиот ѕид за потребите на кампањата“, праша Понош.
Во истата емисија, на која Вучиќ најави набавка на оружје, беше прикажан прилог на кој се прикажани фотографии од „сечењето“ на тенковите Т-55.
„Објавено е како доказ дека Понош го направил сето тоа и е директно одговорен, а тоа се всушност фотографии кои биле на насловната страница на магазинот „Војска“, додека Понош бил далеку од позицијата каде може да донесе таква одлука. Фотографиите кои беа објавени се од август 2005 година, во времето кога министер за одбрана беше Првослав Давиниќ“, објаснува Радиќ.
На прашањето дали има обвинувања дека Понош е одговорен за „топењето на тенкови“, Радиќ посочува дека тоа се дезинформации, бидејќи генералот Понош бил задолжен за реорганизација на армијата.
„Последица од таа реорганизација е распуштање на значителен дел од тогашните, преамбициозно поставени единици и повлекување на еден дел од опремата и оружјето, но тоа оружје не е исечено, туку ставено во складиштето на стратешките резерви. Повеќето од нив останаа таму кога беа распуштени единиците. Точно е дека за време на мандатот на Понош, овие тенкови не беа продадени, но беа продадени за време на сегашната влада. Тие ги продадоа на Камбоџа, Уганда…“, наведува тој.
Извор: Нова.рс


