Врвниот флејтист Матеј Јоакимеску од Романија ќе настапи со оркестарот на Филхармонија

Оркестарот на Филхарамонија на 17 март, со почеток во 20 часот; ќе го одржи концертот насловен „Сеќавање на Б.Б.“ на кој како солист на флејта ќе настапи Матеј Јоакимеску од Романија, а диригент е маестро Габриел Бебешелеа.

На програмата се дела од современата музика – за првпат ќе прозвучат „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ од Арво Перт и Концертот за флејта и оркестар на Дојна Ротару, а светска премиера ќе доживее Концертот за алт-флејта и гудачи бр. 2 од финскиот композитор Калеви Ахо, известија од НУ Филхармонија.

„Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ (1977) е композиција од естонскиот композитор Арво Перт, напишана по смртта на англискиот композитор Бенџамин Бритн.

„Зошто ме погоди толку силно смртта на Бенџамин Бритн во 1976 година? Во ова време бев во фаза кога можев да ја препознаам магнитудата на човечката загуба. Ме облеаја многу силни емоции. Токму пред неговата смрт почнав многу ја ценам едноставноста на неговата музика. Многу сакав да го запознаам, но, за жал, тоа не се случи“, вели Арво Перт за ова дело.

Калеви Ахо (1949) е фински композитор, кој во своето творештво има дела напишани во различни стилови – од неокласицизам, до модернизам и постмодернизам. Поради неговата „иронична“ употреба и мешањето на различни стилови и жанрови во музиката што ја пишува, го споредуваат со Густав Малер и Алфред Шнитке. Концертот за алт-флејта го напишал по иницијатива на романскиот флејтист Матеј Јоакимеску.

Дојна Ротару има уникатен и препознатлив стил кој е изграден на архетипска естетика која ги комбинира звуците и боите од романскиот фолклор. „Флејтата отсекогаш за мене беше волшебен инструмент, кој е присутен во повеќе култури, омилен инструмент што воспоставува софистициран дијалог меѓу луѓето и боговите. Емотивно сум врзана со звукот на овој инструмент, кој е толку топол, чист, рафиниран и богат со боја, можности и експресии. Досега сум напишала повеќе од 30 дела за флејта, меѓу нив и пет концерти“, вели Ротару.

Матеј Јоакимеску е еден од најпознатите романски флејтисти. Публиката и критиката ги оценува неговите настапи како „авантуристички и восхитувачки“. Редовно настапува на светските сцени како солист, но и во камерни состави, изведувајќи барокен, современ и кросовер репертоар. Јоакимеску е дипломец на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Барбара Гислер-Хасе. Добитник е на многу интернационални награди.

Маестро Габриел Бебешелеа

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата музичка репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија.

Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде, на Музичката академија во Клуж-Напока. Две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности, известија од Филхармонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот