
Вредните скопски „пајаци“ лани подигнале над 18 илјади возила
Последните години хаосот со непрописното паркирање низ главниот град донекаде го средуваат двете паркинг служби на општина Центар и Град Скопје, преку нивното главно „оружје“, специјализираните возила „пајак“.
Препорачано
Секојдневно сме сведоци како низ Скопје поминуваат „пајаците“ на ПОЦ и Градски паркинг, кои на „грбот“ ги пренесуваат непрописно паркираните автомобили до главните депоа.

Колку се ефикасни двата регулатори на паркингот низ општина Центар и низ градот Скопје? Побаравме од нив да ни одговорат колку возила подигнале за една година и колку пари завршиле во касата на претпријатијата од оваа активност.
Од ЈП „Градски паркинг“ не добивме никаков одговор, но според последните три тримесечни извештаи за работата на претпријатието кои се достапни за јавноста, Пајак-службата на ова претпријатие од 1 април до 31 декември минатата година на територија на Скопје подигнала вкупно 11.734 возила, што возачите на овие автомобили ги чинело вкупно 20.3 милиони денари или околу 330 илјади евра, во просек по околу 1.700 денари од возило.
„Градски паркинг“ со своите осум „пајаци“ кои работат на целата територија низ Скопје, претходната, 2023 година, подигнале 15.339 возила со што е остварен годишен приход од 27,8 милиони денари.

Најмногу санкции биле изречени во последниот квартал од 2024 година, биле подигнати 4399 возила и изрешени биле глоби во износ од 7.7 милиони денари или околу 126 илјади евра.
Оваа сума е значително поголема во споредба со истиот квартал од претходната 2023 година, кога „пајаците“ подигнале 500 возила помалку и оствариле приход помал за скоро 800 илјади денари.
Во вториот случај, пак, од ПОЦ дознаваме дека поседуваат четири специјализирани возила , а во текот на 2024 година со нив на територија на Центар, каде имаат надлежност, биле подигнати вкупно 6.864 непрописно паркирани автомобили или околу 19 возила дневно.

Тука спаѓаат сите возила кои биле непрописно паркирани, потоа паркирани на места наменети за резидентни корисници, како и возила што биле паркирани на места кои се забранети поради различни причини, како што се места наменети за лица со посебни потреби или други специфични зони.
– Секојдневно високиот број на подигнати возила и санкционирани возачи е резултат на недоволно развиена сообраќајна свест кај дел од учесниците во сообраќајот- велат од ПОЦ за „Слободен печат“.
Од претпријатието додадоа дека планираат набавка на уште едно ново, петто возило, што според нив, ќе помогне во контролата на паркирањето во Центар.
Според достапните податоци, екипите на ЈП „Градски паркинг“ со секое од овие осум возила, дневно подигнувале околу шест возила на територија на градот, правејќи ја оваа служба минимално поефикасна од службата на ПОЦ, чиј просек изнесува пет подигнати автомобили дневно од секое пајак- возило. Овие бројки на ПОЦ сепак не се толку мали доколку земеме предвид дека ова претпријатие е надлежно само за возилата на територијата на општина Центар.

Од службата на ПОЦ исто така испратија апел до сите возачи низ општината.
-Апелираме до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги паркираат своите возила на пропишаните места, со цел да се обезбеди нормално движење на пешаците и велосипедистите по тротоарите и велосипедските патеки, а истовремено да се овозможи безбедно движење на возилата по улиците.- велат од претпријатието.