Вреди доби претседател на Комитетот, ДУИ најави „улица“
„Албанците преку протести ќе се спротивстават на, како што велат, мајоризацијата и непочитувањето на албанскиот јазик и на Рамковниот договор“, најавија интегративците кои јавно го поддржаа и протестот на студентите најавен за в понеделник.
Владејачкото мнозинство го избра Аднан Азизи од Вреди за претседател на Комитетот за меѓуетнички односи со што две години од конституирањето на Собранието конечно профункционира ова работното тело.
Препорачано
И додека власта со формирањето на Комитетот ја надмина и последната пречка за предлог-законот за правична застапеност конечно да влезе во собраниска процедура, опозициската ДУИ најави „улица“, односно дека „Албанците преку протести ќе се спротивстават“ на, како што велат, мајоризацијата и непочитувањето на албанскиот јазик и на Рамковниот договор.
Случајно или не, најавата на пратеникот Блерим Беџети од собраниската говорница дека ќе се случи улица, се совпаѓа со најавениот протест на студентите Албанци закажан за в понеделник. Беџети индиректно се закани дека ако продолжи мајоризацијата, нема да опстане Македонија.

– Со тоа што две години не го формиравте Комитетот се потврдува мајоризацијата, а со предлогот Азизи да биде претседател не се почитува легитимитетот на Албанците. И Србите во поранешна Југославија ги мајоризираа сите и затоа Југославија не постои. За две години се случија многу работи – сквернавење на албанскиот јазик, сега студентите протестираат… Може да го изгласате Азизи ама тој нема мандат од Албанците. Со Комитетот покажавте кој ви е пристапот кон Рамковниот договор. Со непочитување на Рамковниот договор државата оди во друг правец. Ако мислите дека претседателот на Комитетот треба да е послушник, тогаш алтернатива е улицата каде Албанците ќе ги бараат и ќе ги постигнат своите права. Две години Уставниот суд игра пинг-понг со албанскиот јазик. Со слуги ниту една држава не одела напред – предупреди Беџети во обраќањето.
Претходно ДУИ преку процедурални забелешки и паузи се обиде да го спречи или одолговлечи изборот на Азизи за претседател на Комитетот иако беше извесно дека тоа нема да успее бидејќи мнозинство имаше власта. Не помина барањето на пратеничката на ДУИ Арбана Пашоли Комитетот да расправа за одговорноста зошто две години се доцни со неговото конституирање.

– Тешко е прекршен Уставот и законот, бидејќи Комитетот требаше да се конституира 60 дена по конституирањето на Собранието. За ова некој треба да понесе одговорност – рече Пашоли.
Претседателот на Собранието Африм Гаши кој претседаваше со првата седница на Комитетот рече дека тој е формиран пред две години кога се избрани неговите членови и дека требало само да се изберат претседателот и заменикот.
Пашоли, пак, возврати дека образложението на Гаши „не држи“, бидејќи Комитетот е формиран само ако е избран и претседателот на тоа работно тело. Во спротивно зошто досега немало ниту една седница, праша Пашоли, додавајќи дека значи оти тој две години е нефункционален.
Студентите Албанци пак, повторно најавија дека ќе излезат на протест со барање правосудниот испит да го полагаат на албански јазик. Информацијата за протестот на 18 мај ја соопштија на страницата „Студенти Албанци“ на Фејсбук, а истата ја сподели и еден од иницијаторите Мевлан Адеми, кој напиша: „Како нашите предци за овој аманет“!
Протестот ќе почне кај Камени мост во Скопје во 16.30 часот и се најавува и со натписи на кои пишува:
„Ако мислевте дека запревме, се излажавте. Првиот го игнориравте, вториот доаѓа“.
Протестот на студентите добива сѐ поголема поддршка и дома и во соседството. Високи функциониери на ДУИ отворено го поддржаа протестот. Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи на Фејсбук напиша:
„Не е секоја држава изградена само со закони. Некои земји се изградени со болка. Нападот врз темелите на Охридскиот договор не е напад врз партија. Не е само напад врз Албанците. Не е само напад врз закон или член од Уставот. Тоа е напад врз самата архитектура на соживот“.

Од друга страна, пратениците од албанскиот парламент Пиро Венгу и Евис Куши лично во Тетово им изразиле поддршка на студентите.
– Средбата со студентите-Албанци од трите универзитети во Тетово беше момент што ја врати вербата во иднината. Полни со достоинство, храброст и граѓанство, тие со месеци го креваат својот глас, не само за употребата на албанскиот јазик на државните испити, претворајќи ја својата кауза во големо прашање за европските права за сите Албанци во Северна Македонија. Генерација која знае како да го брани својот идентитет и достоинство со разум и визија ја заслужува сета наша поддршка – рекол Вангу.
Поранешниот албански премиер Пандели Мајко исто така ги поддржа студентите, а поддршка стигна и од поранешниот министер за надворешни работи на Косово и актуелен пратеник, Енвер Хоџај.


