Фото: AQIcn.org

Воздухот и вечерва е ужасно загаден во цела Македонија, најлошо е во Кавадарци, Струмица и Тетово

Како и целата измината недела, воздухот во повеќе македонски градови и вечерва е ужасно загаден, до ниво кое се смета за „екстремно нездраво“ и „опасно“.

Околу 20 часот, вредноста на AQI-индексот била највисока во Кавадарци (352), Струмица (339) и во Тетово (338). Особено се високи концентрациите на опасните ПМ2,5-честички, а вредностите се и 20 пати повисоки од максимално дозволените. Ова, според Светската здравствена организација, е загадување кое може да предизвика проблеми и кај целосно здрави луѓе. Хронично болните и луѓето кои веќе имаат какви било респираторни заболувања во вакви услови би морале да останат во затворен простор.

Според податоците на веб-страницата aqicn.org, кои се собираат од мерните станици на Министерството за животна средина, состојбата е многу лоша и во Кичево и во Гостивар, како и во повеќе делови од Скопје, каде вредноста на индексот AQI се движи помеѓу 200 и 300.

Директорот на Клиниката за пулмологија, д-р Оливер Зафировски, денеска во изјава за „Слободен печат“ рече дека енормното загадување во последниве денови ја преполнило клиниката со пациенти.

Според експертите, сегашните метеоролошки услови се посебно лоши за загадувањето. Toa особено се зголемува во вечерните часови, кога во котлините, во кои се повеќето македонски градови, се создава лесна магла, а температурите се околу нулата. Ова создава ситуација во која честичките прашина и материи од согорување на огревно дрво, како и од издувните гасови од моторните возила, подолго време остануваат суспендирани во воздухот.

Хронично болните да останат дома: Загадениот воздух ја преполни Пулмологија, алармира директорот Зафировски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот