Загадено Скопје /Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Хронично болните да останат дома: Загадениот воздух ја преполни Пулмологија, алармира директорот Зафировски

Состојбата е особено алармантна бидејќи загадувањето на воздухот во Скопје се повторува секоја година со ист интензитет, а пациентите со хронични белодробни заболувања се тие што најмногу ја плаќаат цената, алармира директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје, д-р Оливер Зафировски.

Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје е преполна со пациенти, а повеќе од 50 отсто од оние кои се лекуваат во последните недели се со астма и со хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), чиешто здравје директно се влошува поради загадениот воздух, кој прераснува во хронична здравствена закана, изјави за „Слободен печат“ директорот на Клиниката, д-р Оливер Зафировски.

Според него, состојбата е особено алармантна бидејќи загадувањето на воздухот во Скопје се повторува секоја година со ист интензитет, а пациентите со хронични белодробни заболувања се тие што најмногу ја плаќаат цената.

Комбинација што го гуши Скопје

Зафировски укажува дека Скопје има специфични проблеми кои придонесуваат за екстремното загадување.

– Скопје е град во кој имаме топлана сред Карпош, тука се и фабриките во Железара, како и „Цементарница“ во Кисела Вода. На сето тоа се надоврзува и фактот дека градот нема провев поради зголеменото градење, што доведува до задржување на загадениот воздух. Секоја година зборуваме за ова, но ништо не се прави- посочува тој.

Зафировски ги советува граѓаните: останете дома, особено хронично болните

Директорот на Клиниката за пулмологија апелира граѓаните, особено оние со хронични заболувања, да не излегуваат на отворено.

– Препорачувам граѓаните да останат дома и да не се изложуваат на загадениот воздух, особено астматичарите и луѓето со хронични респираторни разболувања. ХЕПА филтрите се корисни и можат да помогнат во затворен простор – вели Зафировски.

Тој најави и дека се подготвува поголем проект поврзан со оваа проблематика, кој треба системски да се осврне на здравствените последици од загадениот воздух.

Македонија се гуши

Изјавата на Зафировски доаѓа откако изминатата вечер во повеќе македонски градови беше регистрирано екстремно загадување, при што индексот на квалитет на воздухот (AQI) на одредени мерни станици надмина 300, што се смета за опасно ниво според меѓународните стандарди.

Д-р Оливер Зафировски

Најлоши вредности беа регистрирани во Ресен, Струмица, Тетово, Кичево, Кавадарци, како и во делови од Скопје, каде концентрациите на ПМ2,5 честичките беа и до 10–20 пати над дозволените граници.

Кои се опасностите од загадениот воздух?

Загадувањето на воздухот претставува присуство на штетни материи, како ситни честички, гасови и чад, во концентрации што директно го загрозуваат здравјето на луѓето. Главниот пат на изложеност е преку дишењето, при што загадувачите предизвикуваат воспаление и оштетување на клетките.

Поради нивната микроскопска големина, особено честичките ПМ2,5, можат длабоко да навлезат во белите дробови, да стигнат до крвотокот и да влијаат не само врз респираторниот систем, туку и врз срцето, мозокот и другите органи, создавајќи системски здравствени последици, предупредува Светската здравствена организација.

Изложеноста на загаден воздух е поврзана со зголемен ризик од мозочен удар, срцеви заболувања, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), рак на белите дробови и со пневмонија, а кај домашното загадување и со појава на катаракта. И краткотрајната изложеност на високи концентрации може да доведе до влошување на астмата, инфекции на дишните патишта и до намалена белодробна функција, додека долгорочната изложеност значително го зголемува ризикот од хронични и од смртоносни заболувања.

Според здравствените организации, за одредени загадувачи не постои безбедно ниво под кое нема негативни последици.

Најранливи на последиците од загадениот воздух се децата, постарите лица, бремените жени и хронично болните. Изложеноста за време на бременоста е поврзана со предвремено породување и со нарушен развој на фетусот, а сè повеќе докази укажуваат и на можни долгорочни последици врз невролошкиот развој и метаболизмот кај децата.

Поради тоа, загадувањето на воздухот не се смета само за еколошки проблем, туку за сериозна и трајна здравствена закана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот