Претседателот на Русија, Владимир Путин Фото: EPA-EFE/KRISTINA KORMILITSYNA / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Војната на Путин ја голта руската економија – воените трошоци го разоруваат буџетот

Руската економија сè подлабоко тоне под товарот на војната во Украина, а аналитичарите предупредуваат дека земјата западнала во опасна „двојна економија“, во која воената индустрија функционира благодарение на огромни државни вложувања, додека цивилниот сектор сè повеќе стагнира, објави ЛА Тајмс.

Почетниот бран на економски раст, поттикнат од военото производство, главно е исцрпен, а на површина излегуваат сериозни структурни проблеми кои се закануваат да доведат до финансиска криза.

Военото производство ја потисна цивилната економија

Според анализата на агенцијата АП, Кремљ, за да продолжи да ја финансира војната против Украина, бил принуден значително да ги зголеми даноците и задолжувањето на домашниот пазар. Последица од тоа е што приватните компании се соочуваат со растечки трошоци, недостиг на капитал и сè потешки услови за работење.

Експертот за Русија и Евроазија при Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон, Најџел Гулд-Дејвис, оценува дека војната предизвикала силен раст на цените на трудот, суровините и капиталот.

Парите и работната сила се пренасочени речиси исклучиво во воено-индустрискиот комплекс, додека производството на стоки за широка потрошувачка, трговијата и услужниот сектор трпат сериозни последици.

Иако судирот меѓу САД и Иран доведе до раст на цената на нафтата над 100 долари за барел, што на Русија ѝ донесе дополнителни приходи од извозот на енергенси, тие неочекувани приходи не успеаја да ги отстранат основните слабости на економијата.

Гулд-Дејвис предупредува дека Кремљ, доколку сака да ја продолжи војната со ист интензитет, ќе мора да прибегне кон уште поголема мобилизација на човечки и материјални ресурси. Тоа би можело да доведе до дополнително ограничување на економските слободи и поголем државен надзор врз пазарот на труд и економијата.

Одбраната изеде речиси 40 отсто од државната потрошувачка

Дека проблемите се сериозни потврдуваат и податоците од руското Министерство за финансии кои протекоа во јавноста.

Министерот Антон Силуанов предупреди дека трошоците за одбрана ќе го надминат овогодишниот буџет за најмалку два билиони рубљи, односно околу 28 милијарди долари. За војската и безбедноста Москва оваа година издвои дури 16,8 билиони рубљи, односно речиси 40 отсто од сите државни расходи.

Последиците веќе се видливи. Иако руската влада за целата година планираше буџетски дефицит од 3,8 билиони рубљи, за само првите четири месеци дефицитот достигна 5,9 билиони рубљи, што претставува околу 82 милијарди долари. Тоа е најголемиот буџетски минус од почетокот на инвазијата врз Украина.

За да ја пополни буџетската дупка, државата беше принудена да замрзне речиси три билиони рубљи планирани цивилни расходи. Истовремено, проблемите се шират и врз финансискиот сектор.

Банкарскиот систем под сè поголем притисок

Извештајот на московскиот Центар за макроекономска анализа покажа дека уделот на проблематични и тешко наплатливи кредити во рускиот банкарски систем веќе три месеци е над меѓународно признатиот кризен праг од 10 отсто. Државните банки се обидуваат да ги прикријат размерите на проблемот со реструктурирање на долговите и одложување на наплатата, за да спречат паника меѓу клиентите.

Ситуацијата дополнително ја влошува фактот што речиси половина од руските компании пријавуваат сериозни доцнења во наплатата на побарувањата од деловните партнери. Таков синџир на неплаќање би можел да доведе до замрзнување на домашната трговија и нови банкроти.

Путин се обидува да ја промени атмосферата во земјата

Економските проблеми почнуваат да влијаат и врз расположението на населението. Соочен со бавно напредување на фронтот и растечки замор на граѓаните од војната, претседателот Владимир Путин се обидува да ја промени атмосферата во земјата со засилување на ракетните и беспилотните напади врз Украина.

Кремљ се надева дека демонстрацијата на воена моќ ќе ја зајакне поддршката од јавноста и ќе создаде впечаток дека Русија и понатаму има стратешка предност.

Меѓутоа, украинските сили во последните месеци спроведуваат сè поуспешни напади длабоко во руската територија. Особено се на удар енергетските постројки и воената индустрија. Според проценките, нападите со дронови ги намалиле капацитетите на руските рафинерии за околу 10 отсто, принудувајќи некои компании привремено да затворат нафтени бунари.

Аналитичарите предупредуваат на финансиски банкрот

Уништувањето на рафинериите и фабриките за оружје, кои претставуваат клучни извори на приходи и поддршка за руската војска, дополнително го зголемува притисокот врз веќе оптоварената економија.

Аналитичарите предупредуваат дека комбинацијата од огромни воени трошоци, растечки буџетски дефицит, проблеми во банкарскиот сектор и украински удари врз инфраструктурата ја турка руската воена економија кон сè посериозна криза, а поединечни експерти оценуваат дека сегашниот курс е „сигурен пат кон финансиски банкрот“.

Вучиќ од Кина: Можно е наскоро да поднесам оставка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот