ВО ЖИВО | Нови немири во Украина, нападната најголемата нуклеарна централа, вести од минута во минута

Украински војници/ Војна Украина/ Фото EPA-EFE/ALISA YAKUBOVYCH

23:23 Италија заплени јахта на руски олигарх вредна 65 милиони евра

Италијанската полиција ја заплени јахтата Лејди М, вредна 65 милиони евра, која му припаѓа на рускиот олигарх Алексеј Александрович Мордашов, а се наоѓала во регионот Лигурија.

Запленувањето е извршено согласно новите санкции на Европската унија против Русија поради инвазијата врз Украина.

Во Хрватска замрзнувањето на имотот на руските олигарси ќе се одвива на тој начин што секоја имотна институција во земјата ќе го спроведе во својата надлежност. На пример, МВР ќе биде надлежно за возилата, пристаништната капетанија за бродови, берзата на акции, а за сметките допрва ќе се одлучува дали ќе одлучува ФИНА или банките. На тој начин нема да може да го отуѓи или продаде имотот.

22:55 Во Москва уапсени пет деца оти држеле натпис „Не на војната“

Полицијата во Москва уапси две жени и пет деца кои сакале да положат цвеќе пред зградата на украинската амбасада во руската престолнина. На фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледа како децата во раце ги држат натписите „Не на војната“.

Деца на возраст од 7 до 11 години и нивните мајки биле набиени во полициско комбе пред да бидат одведени во полициска станица. Тие беа ослободени неколку часа подоцна, изјави антропологот Александра Аркипова, вработена во Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација, пренесува The Guardian. Приведени се жените Екатерина Завизион и Олга Алтер и децата Лиза (11), Гоша (11), Матвеј (9), Давид (7) и Софија (7).

Аркипова вели дека полицијата наводно им се заканувала на мајките со одземање на старателството над пет деца. Ги чека судење и парична казна по обвиненијата кои се уште не се утврдени.

22:11 Небензја: Руските сили не ја гранатираа нуклеарната централа

Нападот на Русија врз локацијата на украинската нуклеарна централа е „закана за цела Европа и светот“, изјави денеска американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфелд, додека Русија ја отфрли одговорноста за настанот.

„Фала му на Бога, светот синоќа избегна нуклеарна катастрофа“, изјави американската амбасадорка на итната седница на Советот за безбедност на ОН свикана поради нападот врз седиштето, кој го нарече „неодговорен“ и „опасен“.

Според неа, „не само што (Владимир Путин) не ги послуша“ повиците за прекин на инвазијата на Украина „туку бевме сведоци на нова опасна ескалација што претставува огромна закана за цела Европа и светот“.

21:40 Зеленски: Ако падне Украина, ќе падне и Европа

Социјалната мрежа Твитер е блокирана на територијата на Руската Федерација, соопшти Роскомнадзор, телото за следење на електронските комуникации.

Според новинската агенција Интерфакс, пристапот до Твитер бил ограничен врз основа на барање на јавното обвинителство на 24 февруари.

Роскомнадзор претходно објави дека ја блокирал социјалната мрежа Фејсбук на територијата на Русија.

21:00 Путин: Подготвен сум да преговарам за крај на инвазијата доколку се исполнат сите мои барања

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на германскиот канцелар Олаф Шолц дека е подготвен да разговара за начините за ставање крај на руската инвазија на Украина, но само доколку се исполнат условите што тој ги постави на почетокот на конфликтот.

Во телефонски разговор, Путин му рекол на Шолц дека е подготвен да разговара со сите кои сакаат слобода во Украина. „Но, под услов сите руски барања да бидат исполнети“, рече тој.

„Демилитаризација и денацификација на Украина“

Рускиот претседател ги повтори овие барања, кои вклучуваат „демилитаризација“ на Украина, „денацификација“ на Украина, неутрален и ненуклеарен статус на Украина, меѓународно признавање на руската анексија на полуостровот Крим во 2014 година и суверенитет на отцепените региони Луганск и Доњецк.

Путин и рекол на германскиот канцелар дека се надева дека Украина ќе заземе „разумна и конструктивна“ позиција во следната рунда разговори, соопшти Кремљ.

20:25 Кулеба: Не дозволувајте Путин да ја претвори Украина во Сирија

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика министрите за надворешни работи на НАТО да не дозволат Русија да ја претвори Украина во Сирија, каде што од 2011 година се води граѓанска војна.

„Мојата порака е дејствувај сега додека не биде предоцна. Не дозволувајте рускиот претседател Владимир Путин да ја претвори Украина во Сирија. Ние сме подготвени да се бориме. Ќе ја продолжиме борбата. Но, сега ни требаат партнери кои ќе ни помогнат со конкретни, одлучни и брзи акции “– објави Кулеба на Твитер.

19:49 На животните во Украина им даваат седативи за да преживеат, некои умираат од срцев удар

Без оглед што еден милион луѓе едвај се евакуираа досега од земјата, многу Украинци работат деноноќно да ги спасат и животните во зоолошките градини и во шелтерите, предупредувајќи дека на живиот свет во Украина му се заканува исто така геноцид од бомбардирањата.

Бидејќи на удар на ракетите или на изгладнување се и фармите за одгледување кокошки, свињи, крави и друга стока во кои има милиони животни – најавуваат можна еколошка катастрофа. Во шелтерите блиску до фронтот кои се соочени со редовни гранатирања на кучињата и другите диви животни, според сведоштвата, им даваат средства за смирување – за да преживеат од стресовите. Некои од нив, според сведоштвата, умираат од срцев удар.

19:06 Рускиот воен конвој на 20 километри од украинскиот главен град

Директните напади во комбинација со уништувањето на мостот го забавија напредувањето на огромен руски воен конвој, лоциран на околу 24 километри северно од Киев, изјави денеска висок претставник на американското Министерство за одбрана.

„Украина, во меѓувреме, задржа „значително мнозинство“ од своите воздухопловни сили, а Русија се чини дека не успева да воспостави воздушна доминација. Конвојот долг 64 километри не постигна значителен напредок од викендот“, рече официјалниот претставник.

„Веруваме дека украинското кревање на мостот во воздух имаше значително влијание врз запирањето или забавувањето на движењето на тој конвој. Ние исто така веруваме дека Украинците директно го погодија конвојот“, рече тој.

„Украинците сè уште имаат авиони, хеликоптери и беспилотни летала“

18:35 Ракета падна во резиденцијата на Зеленски во Киев

Дел од проектил паднал во дворот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави Сергиј Никифоров, портпарол на шефот на државата.

Тој објави две слики на кои наводно се гледа дел од ракета во дворот на вилата во Конча-Заспи, во јужниот дел на Киев.

17:57 ВИДЕО: Украинците во Одеса со вреќи песок ќе го бранат градот и земјата од можен воен напад

Украинците во Одеса, град на Црното Море во јужна Украина, формираа човечки синџир за полнење вреќи со песок во подготовка за можен руски напад.

Новинарот на Си-Ен-Ен, Ник Патон Волш, покажа синџир од претежно млади мажи кои носат вреќи со песок за да ги натоварат во камиони и да ги донесат во центарот на градот, кој е трет по големина во Украина и популарна туристичка дестинација.

17:10 Кадиров до Путин: Подготвен сум да го дадам животот за тебе, наредете окупирање на Харков и Киев

Лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, денес му се обрати на рускиот претседател Владимир Путин со барање да и нареди на армијата да ги окупираaт Харков, Киев и другите украински градови.

„Ќе биде брзо, јасно и ефикасно. Другар претседателе, другар врховен командант, многупати сум рекол дека јас сум твојот пешак, подготвен сум да го дадам животот за тебе. Но, не можам да гледам како умираат моите и нашите војници, војниците на Министерството за одбрана, Националната гарда и другите структури. Ве молиме затворете ги очите пред сè и дозволете им да завршат што се случува таму за ден или два. Ова е мое убедено мислење“, објави Кадиров на на социјалната мрежа Телеграм.

16:21 ВИДЕО | Кличко се заблагодари на светот: Ви благодарам пријатели, продолжете да помагате!

Боксерската легенда, Владимир Кличко денес зборуваше на социјалните мрежи заблагодарувајќи им се на сите добри луѓе од кои добија донации за помош на луѓето во Украина.

„Пријатели од целиот свет, ве гледаме вас и вашата поддршка. Вие сте одлични! Продолжете да помагате“, нагласи поранешниот шампион, Кличко.

Тој им се заблагодари на сите за пакетите со храна и лекови кои ги испратиле во неговата татковина за помош на најпогодените од руската инвазија.

09:45 Руската амбасада бара од САД да ја осудат изјавата на сенаторот Линдзи Греам кој повика да се најде некој Путин да го убие

Руската амбасада во Вашингтон побара од САД официјално да ја објаснат и да ја осудат изјавата на сенаторот Линдзи Греам дадена за рускиот претседател Владимир Путин.

Сенаторот Греам, републиканец кој ја претставува Јужна Каролина во американскиот Сенат, претходно на Твитер праша дали Русија го има Брут или има поуспешен полковник Стауфенберг во руската армија, познат по обидот да го убие Хитлер.

„Единствениот начин да се стави крај на ова е некој да го отстрани тој човек (Путин). Ќе си направиш голема услуга на себе и на целиот свет“, напишал Греам.

Линдзи Грахам/ Фото EPA-EFE/SHAWN THEW

09:36 Путин ја води својата земја во пропаст, вели Баербок

Рускиот претседател Владимир Путин ја води својата земја во пропаст, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, јави ДПА.

– Никогаш нема да ги оставиме Украинците на судбината, додаде таа пред да замине на состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Г7 и ЕУ.

Според неа, луѓето ќе бидат снабдени со итна хуманитарна помош, а ќе им се пружи и друга материјална помош. Санкциите кон Русија, истакна Бербок, ќе бидат спроведени целосно и доследно.

epa09476217 Greens party’s chancellor candidate Annalena Baerbock speaks during a Greens party congress ahead of federal parliamentary elections, in Berlin, Germany, 19 September 2021. Federal elections are scheduled for 26 September. EPA-EFE/Sean Gallup / POOL

09:31 Изгласан нов закон во Русија: Kривична одговорност за „ширење лажни вести за операциите на руската војска”

Руската Државна дума денеска, едногласно, веднаш во второ и трето читање, го усвои предлог-законот за воведување кривична одговорност за ширење на лажни информации во врска со вооружените сили (ВС) на Руската Федерација, јави ТАСС.

„Свесното ширење на лажни информации за вооружените сили на Руската Федерација под маската на веродостојни пораки се казнува со парична казна од 700.000 до 1,5 милиони рубљи или со казна затвор до три години”, се предвидува со новиот закон.

09:12 Раб: Тешко е да се поверува дека нападот врз нуклеарната централа е ненамерен

Многу е тешко да се поверува дека рускиот напад врз украинската нуклеарна централа Запорожје не бил намерен, изјави во петокот британскиот вицепремиер Доминик Рааб.

Украина соопшти дека руските воени сили ја зазеле централата – најголемата во Европа – откако ја нападнале во раните утрински часови во петокот, при што бил запален соседниот објект за обука на пет ката.

„Многу е тешко да се поверува дека тоа не е направено намерно. Но, во секој случај, незаконски е да се нападне ваква локација и да не се врши длабинска анализа на неа и да се продолжи да се бомбардира“, изјави Рааб за телевизијата Би-Би-Си.

Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER

08:45 Русија ја презеде контролата врз нуклеарната централа Запорожје

Руските воени сили ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје – најголемата во Европа – во југоисточниот дел на Украина, соопшти во петокот регионалната државна администрација, пишува Ројтерс.

„Оперативниот персонал ја следи состојбата на енергетските единици“, се вели на социјалните мрежи, цитирајќи го украинскиот нуклеарен инспекторат.

Се вели дека украинските сили се обидуваат да се осигураат дека операциите се во согласност со безбедносните барања.

08:27 Американски сенатор: Некој во Русија треба да го убие Путин

Американскиот сенатор Линдзи Грахам повика „некој во Русија“ да го убие претседателот Владимир Путин, што според него би било „огромна услуга“ за Русија и за остатокот од светот, пренесува Волстрит Журнал.

Некој во Русија треба да го направи тоа „и да се ослободиме од тој човек“, рече сенаторот во една телевизиска емисија.

Тој потоа објави серија твитови каде нагласи дека „единствените кои можат да го направат тоа се Русите“.

Линдзи Грахам/ Фото EPA-EFE/SHAWN THEW

08:17 Најновиот руски напад е доста загрижувачки, вели францускиот министер Бон

Францускиот министер за европски прашања Клемент Бон рече дека Европската унија мора да остане цврста додека руските напади во Украина се интензивираат, додавајќи дека е премногу рано да се проценат последиците од пожарот што избувна во близина на најголемата нуклеарна централа во Европа, јави Ројтерс.

„Може да се види како нападите се интензивираат, што е крајно загрижувачки и сериозно“, им рече Бон на новинарите при пристигнувањето на состанокот на министрите за европски прашања на ЕУ во Арл, јужна Франција.

Клемент Бон/ Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

08:03 РТ во Америка повеќе нема да работи, повеќето вработени отпуштени

РТ Америка ќе престане да работи и ќе отпушти поголем дел од своите вработени, се вели во писмото од T&R Productions, продукциската компанија која стои зад руската државна мрежа.

Во писмото до вработените, Миша Солодовников, генерален директор на T&R Productions, рече дека ќе „престане да работи“ на сите свои локации „поради непредвидени настани“.

За жал, претпоставуваме дека ова ќе биде траен прекин на работниот однос, додаде тој.

РТ, Раша Тудеј/ Фото EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

06:30 Изгаснат пожарот во нуклеарката во Запорожје

Украинските служби за итни случаи соопштија дека го изгаснале пожарот во најголемата нуклеарна централа во Европа. Киев тврди дека руските сили гранатирале и дека се одговорни за пожарот.

„Во 06:20 часот е изгаснат пожарот во зградата за обука на АЕЦ Запорожје во Енергодар. Нема жртви”, соопштија украинските служби за итни случаи.

06:20 Зеленски: Русија изврши „нуклеарен терор”

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека прибегнува кон „нуклеарен терор” и дека сака да ја „повтори” катастрофата во Чернобил, откако нагласи дека руските сили нападнале нуклеарна централа.

Тој упати повик до светските лидери да се разбудат и да ја спречат Европа „да умре од нуклеарна катастрофа” откако најголемата централа на континентот се запали откако беше гранатирана.

„Ниту една земја освен Русија никогаш не пукала врз објекти за нуклеарна енергија”, рече тој во видео порака. „Ова е првпат во нашата историја. Во историјата на човештвото. Терористичката држава сега прибегна кон нуклеарен терор”.

АЕЦ во Запорожје, индустриски град на југоисток, обезбедува околу 40 отсто од нуклеарната енергија во државата и, според Зеленски, таму има шест од 15-те реактори во Украина.

Според Киев, пожарот започнал откако руските војници пукале врз објектот.

06:19 Вашингтон: Средба Бајден – Путин во моментов не е возможна

Нема планови во моментот за средба меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки. Според неа, „сега не е време за тоа”.

– Не планираме нивна средба или телефонски разговор. Претседателот Бајден беше многу јасен за тоа. Но, ние ги имаме разговори внатрешно и анализираме голем број фактори, изјави Псаки за Си-Ен-Ен.

На прашањето дали ќе би имало околности во кои Бајден би можел да седне на иста маса со Путин, доколку руските војници останат во Украина, Псаки рече дека не може да го процени тоа.

-Во овој момент тие вршат инвазија врз суверена земја и продолжува ескалаијата. Никогаш нема да ја повлечеме дипломатијата од масата, но сега не е време за тоа.

Путин-Бајден/ Фото EPA/MAXIM SHIPENKOV

06:15 Џонсон: Руското гранатирање на нуклеарката во Запорожје е „директна закана за цела Европа”

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека руското гранатирање на нуклеарна централа во југоисточниот украински град Запорожје може „директно да ја загрози безбедноста на цела Европа”.

Еден од реакторите во најголемата АЕЦ во Европа каде има шест реактори, се запали откако беше гранатиран од руски сили. Иако реакторот е во фаза на реновирање, според портпаролот на електраната, тој сè уште содржи нуклеарно гориво.

Во телефонскиот разговор со украинскиот претседател Зеленски, Џонсон вети дека ќе побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН во обид за прекин на огнот.

Даунинг стрит ситуацијата во Запорожје ја нарече „исклучително загрижувачка”.

Во соопштението портпаролката на кабинетот на премиерот рече: „Двајцата лидери се согласија дека Русија мора веднаш да го прекине нападот врз електраната и да дозволи неограничен пристап на службите за итни случаи до централата.

06:14 Бајден ја повика Русија да престане да ја гранатира АЕЦ Запорожје во Украина

Американскиот претседател Бајден ја повика Русија да престане да ја гранатира АЕЦ Запорожје во Украина и да дозволи вонредни служби да пристапат до објектот.

Висок американски функционер рече дека „нашите најнови информации не покажуваат индикации за повисоки нивоа на радијација и внимателно следиме”.

Прес конференција на Џо Бајден по повод украинската криза/Фото; Скриншот

06:13 Украинска служба за итни случаи: Радијацијата е во границите на нормалата

Украинската државна служба за итни случаи известува дека условите за безбедност од радијација и пожар во нуклеарната централа Запорожје се „во граници на нормалата”.

„Од 02:26 часот во градот Енергодар во АЕЦ Запорожје, третиот блок е исклучен од единствениот енергетски систем (работи само блок 4). Од шесте блока моментално работи еден.

Условите за безбедност од радијација и пожар во нуклеарната централа се во нормални граници.

Агенцијата соопшти дека избувнал пожар во зградата за обука пред НПП, но Гардијан не можел да ги потврди наводите.

06:12 Портпарол на нуклеарката запорожје: Ракетирањето, засега, запре

Андреј Туз, портпарол на нуклеарната централа Запорожје, изјави за Би-Би-Си дека гранатирањето засега престанало, но ситуацијата е крајно неизвесна.

– Бомбардираа сè што можеа, вклучително и блоковите и сè друго. Тешко е да се каже, сè уште ги собираме сите информации. Бел автомобил тргна кон влезната рампа, трепкајќи со фаровите. Сега се утврдува дали ќе започнат преговори или што ќе се случува натаму, рече Туз.

06:11 МААЕ во контакт со Украина во врска со нуклеарката во Запорожје, Белата куќа ја следи ситуацијата

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека е во контакт со украинските власти поради извештаите за гранатирање на нуклеарната централа Запорожје, јави Би-Би-Си.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Маријано Гроси, разговарал со премиерот на Украина и нуклеарниот регулатор на земјата за пријавениот пожар во нуклеарната централа Запорожје, објави МААЕ на Твитер

Претходно во денеска- пред да избие пожарот – МААЕ објави соопштение во кое предупредува дека руските трупи се приближуваат до областа и секоја борба во близина на централата може да биде катастрофална.

Украина ѝ соопштила на МААЕ дека „голем број руски тенкови и пешадија „ја пробиле блокадата” до градот Енерходар, на неколку километри од нуклеарната централа Запорожје (НПП)”, се вели во соопштението на МААЕ.

Се огласи и Белата куќа, која соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата. Претседателот Џо Бајден само што имал телефонски разговор со неговиот украински колега Володомир Зеленски на оваа тема, јави Си-Ен-Ен

06:09 Погоден реактор кој не е во функција и зголемено ниво на радијација

Портпаролот на нуклеарната електрана Андриј Туз, за ​​украинската телевизија изјави дека гранати паднале директно врз електраната во Запорожје и запалиле еден од шесте реактори на централата. Тој реактор се реновира и не е во функција, но внатре има нуклеарно гориво, рече тој, пренесува Хина.

Пожарникарите не можат да се приближат до огнот затоа што се пука во нив, рече Туз.

Владин претставник изјави за Асошиетед прес дека во близина на локацијата на централата евидентирано е зголемено ниво на радијација. Тој зборувал под услов да остане неименуван бидејќи информацијата се уште не е објавена во јавноста, пренесуваат западни медиуми.

Туз рече дека итно е потребно да се прекинат борбите за да биде угасен пожарот.

06:07 ВИДЕО | Гори најголемата нуклеарната централа во Украина

Нуклеарната централа Запорожје во Украина е во пламен, изјави Дмитро Орлов, градоначалник на блискиот град Енергодар, пренесува Си-Ен-Ен.

„Закана за светската безбедност!!! Како резултат на немилосрдното гранатирање од страна на непријателот на зградите и блоковите на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа Запорожје гори!!!” објави Орлов на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот