ВО ЖИВО | Конфликтот во Украина, вести од минута во минута: ЕК подготвува нови санкции

Војник во Киев / Украина војна/ Фото EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

22:10 Русија ќе му возвраќа на Западот со сопствени економски санкции

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за примена на „посебни економски мерки во областа на надворешната економска активност“ како одговор на западните санкции, наведувајќи го како цел „обезбедувањето безбедност на државата“.

21:30 ВИДЕО: Крадци пустошат низ Украина, ако ги фатат ги лепат за столбови

Хаосот на војната во Украина некои го користат за грабежи, но додека вооружените сили се зафатени со одбивање на руските напади, цивилите ги презедоа работите во свои раце.

Човек кој наводно бил фатен како го ограбува во Киев за време на руските напади, бил врзан за столб за јавно осветлување за казна.

21:20 Украина: Руската војска не дозволи децата, жените и постарите лица да го напуштат Мариупол

Украинското Министерство за одбрана ги обвини Русите дека не ја почитуваат одлуката за хуманитарниот коридор во Мариупол, пристанишен град во југоисточна Украина, кој се наоѓа во близина.

Непријателот изврши напад токму во правец на хуманитарниот коридор – соопшти министерството, додавајќи дека руската армија „не дозволила децата, жените и постарите лица да го напуштат градот“.

„Тоа не е ништо друго освен геноцид“, се вели во соопштението на Министерството. Украинското Министерство за надворешни работи на Твитер накратко напиша: „Повреда на прекинот на огнот“.

20:52 Ердоган може да одигра клучна улога во завршувањето на војната во Европа

Министрите за надворешни работи на Русија и Украина треба да се сретнат во четврток во Турција – веројатно за да се обидат да се подготват за мировните преговори со посредство на Турција. Ова е кулминација на напорите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да одигра клучна улога во запирање на оваа војна во Европа, што не е невозможно.

Од жестоки кавги до изјави за пријателство
„Мојот најдобар пријател Владимир Путин“ – со овие зборови Ердоган ја отвори прес-конференцијата во 2020 година за време на државната посета на неговиот руски колега. Сепак, пријателските односи меѓу светските лидери не треба да се преценуваат.

Пет години претходно, Турција по грешка собори руски борбен авион на границата со Сирија. Тогаш започна леденото доба меѓу Ердоган и Путин.

Путин тогаш реши да ја казни Турција бидејќи одби да се извини за соборувањето на рускиот авион, па воведе одредени санкции, но и директно го нападна Ердоган.

19:55 Остануваме неутрални: Премиерката на Молдавија вели да за влез во ЕУ, но не за НАТО

Молдавија е во средина на итна хуманитарна криза по руската инвазија на Украина. Десетици илјади бегалци од Украина продолжуваат да бегаат и да ја преминуваат нејзината граница.

Избувнувањето на војната неодамна го поттикна Кишињев да побара членство во ЕУ, но тоа исто така покрена прашања за Придњестровје, отцепен регион поддржан од Русија, кој Молдавија го гледа како составен дел од својата територија.

За да разговара за последиците, Шандор Зирос од Еуроњуз разговараше со молдавската премиерка Наталија Гаврилица.

19:25 Анализа на Си-Ен-Ен: Целиот руски потфат станува кошмар, планот на Путин нема смисла

Секо утро се надевам дека ќе ми биде полесно да го прифатам она што се случува. Но, речиси две недели по почетокот на војната, конфликтот сè уште изгледа неверојатно далечен и алармантно неразбирлив. Дали се обидувате да се запрашате како се случува ова? И ќе се најдете пред бездна толку длабока што е надвор од дофат на вашите сетила. Дури и ако Путин мисли дека може да ја врати својата поранешна империја, како тоа би можело да се постигне во овие 13 дена на дивјаштво, се прашува уредникот за меѓународна безбедност на Си-Ен-Ен, Ник Патон Волш.

Бавната и некоординирана руска кампања кон југ беше најзбунувачка. Јасно е што сака Москва – да го прекине пристапот на Украина до Црното Море. Тешко е да се разбере дали планот на Кремљ да го постигне тоа не успеа, па руските трупи само фрлаат ракети и испраќаат тенкови на сè што можат или отсекогаш била планирана ваква тотална војна против Украинците.

Градот Херсон беше првиот што падна, но тоа навистина не се случи. Додека ја следевме борбата за стратешкиот мост на исток од градот, се обидов да ги убедам мештаните дека руската војска не е заинтересирана за нивните домови и дека ќе продолжи, желна да стигне до Одеса, позападно.

18:52 Зеленски пред британскиот Парламент: Нашата војна е како вашата борба против нацистите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска преку видео врска оддржа говор пред британските политичари, јави Би-Би-Си.

Тој на пратениците во британскиот Парламент им кажа дека „ им се обраќа како на граѓани, како претседател на голема земја, со сон”.

Тој ја спореди борбата на Украина против Русија со британските воени напори против нацистичка Германија во Втората светска војна.

18:15 ВИДЕО | Кличко: Непријателот ќе сее многу лаги предизвикувајќи паника, не се откажувајте

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави ново видео на Телеграм.

„Киев продолжува да се засилува и да се подготвува за одбрана на градот. Верувајте им само на официјалните информации. Сега непријателот ќе сее многу лаги, предизвикувајќи паника. Не се откажувајте“, рече тој.

17:33 Поранешен командант на НАТО: На Путин за неколку дена му успеа она што јас не можев за четири години

Џејмс Ставридис, поранешен врховен командант на НАТО, во неделата рече дека претседателот Владимир Путин може да биде „можеби најдоброто нешто што му се случило на НАТО“.

Ставридис, кој командуваше со НАТО од 2009 до 2013 година, заклучи дека инвазијата на рускиот владетел во Украина го поттикна Западот да ја зајакне својата одбрана, наведувајќи го зголемувањето на германските трошоци за одбрана, што беше објавено неколку дена откако Путин ја започна инвазијата.

„Поминав четири години како врховен командант на НАТО. На секоја конференција, секој состанок на високи претставници на НАТО, иницирав разговор со германската канцеларка Ангела Меркел и тогашната министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен. Им реков: „Има да ги зголемам средствата за одбрана“, но ништо не постигнав четири години“, започна Ставридис во интервју за MSNBC.

„Владимир Путин е можеби најдоброто нешто што му се случило на НАТО“
„Владимир Путин за 48 часа ги натера Германците речиси двојно да го удвојат нивниот буџет за одбрана. Тоа беше паметен потег на Германците“, рече Ставридис, додавајќи: „Владимир Путин е можеби најдоброто нешто што му се случило на НАТО“, пишува Business Insider.

17:00 Путин ќе го нападне Киев во наредните 24-96 часа и ќе биде најкритичен дел од војната, велат воени аналитичари

 

Руските сили се подготвуваат да го нападнат Киев во наредните денови, се наведува во анализата на американскиот воен истражувачки центар (ISV).

Американскиот воен истражувачки центар верува дека „руските сили ќе бидат концентрирани во источните, северозападните и западните предградија на Киев за да го нападнат главниот град во следните 24-96 часа“.

Руските сили, оптоварени со логистички проблеми, постигнале мал напредок во последно време, но (ISV) вели дека „испорачува залихи и засилување, како и изведува артилериски, воздушни и ракетни напади за да ја ослабне одбраната и да ги заплаши бранителите пред таков напад“.

Ова може да го најави почетокот на критичниот момент во војната, оценуваат аналитичарите на (ISV).

16.15 Се шири снимка од разговор на заробен руски војник и неговата мајка: Ние сме окупатори

Објавена е уште една снимка од разговор меѓу заробен руски војник и неговата мајка.

„Мамо, ние не сме спасители, ние сме окупатори“, вели расплаканиот војник во телефонот, откривајќи дека биле убиени и цивили. Како одговор, се слуша женски глас кој му вели дека не е виновен. Видеото се рашири на социјалните мрежи, а прво беше објавено на Телеграм.

Бидејќи не се целосно познати околностите во кои војникот разговара со мајка си, не се познати ниту неговите мотиви за овој разговор. Имено, сосема е разбирливо дека заробениот војник не секогаш го кажува она што го мисли.

15:38 Градоначалникот на Харков: Русија гранатира цивилна инфраструктура

Градоначалникот на украинскиот град Харков, Ихор Терехов ги обвини руските сили дека намерно гранатираат цивилна инфраструктура.

„Напади има врз градинки, училишта, болници, клиники”, изјави градоначалникот денеска за Си-Ен-Ен, јавува ДПА.

„Кога се стотици и стотици цивилни згради, тогаш тоа не е несреќа. Тоа е таргетиран напад”, изјави Терехов, додавајќи дека „го смета ова за акт на геноцид врз градот Харков”.

15:03 Хабек: Ембаргото ќе предизвика тешка економска криза во Европа

Германскиот министер за економија Роберт Хабек (од партијата на Зелените) денеска предупреди на тешки последици за европската економија во случај на ембарго на увоз на руски гас и нафта.

-Во случај на ембарго, зборуваме за тешка економска криза во Германија и Европа, изјави германскиот министер за економија за РТЛ.

Тој посочи дека самото вчерашно укажување на можноста за воведување ембарго за увоз на руска нафта и гас ја зголеми цената на нафтата на светскиот пазар за 50 отсто.

14:17 Поранешен британски генерал: НАТО порано или подоцна ќе мора да се бори против Русија

Воведувањето зона на забранети летови над Украина е контроверзна тема во последните денови и на неа се спротивставуваат западните лидери. Сепак, поранешниот висок британски воен командант рече дека го променил размислувањето за ова прашање и верува дека тоа можеби е неопходно.

Генералот Сер Крис Деверел, кој беше командант на командата на здружените сили до 2019 година, напиша на Твитер:

„Бев против наметнување зона на забранети летови од страна на НАТО во Украина, верувајќи дека тоа сигурно ќе го ескалира конфликтот. Но, Путин се чини дека е проклето склон кон ескалација. Значи, прашањето е: дали НАТО сега се бори против него или подоцна ќе се бори?

12:24 Јанукович го повика Зеленски да се откаже од борбата

Поранешниот претседател на Украина Виктор Јанукович, кој беше осуден за предавство во својата земја, а сега се наоѓа во Русија, го повика актуелниот шеф на државата Володимир Зеленски да се откаже од борбата против Русија.

– Вие сте лично должни да го запрете крвопролевањето и да постигнете мировен договор по секоја цена, истакна проруски ориентираниот Јанукович, јави ДПА, пренесувајќи ја изјавата од руски државни медиуми.

– Украина, Донбас и Русија го очекуваат тоа од вас, нагласи Јанукович, додавајќи дека и западните партнери на Украина би го поздравиле таквиот потег.

Виктор Јанукович/ Фото EPA/ALEXANDER BLOTNITSKY

12:20 УНХЦР: Вториот бран бегалци од Украина ќе бидат поранливи групи

По првиот бран бегалци од Украина, најверојатно ќе има и втор бран, но со повеќе ранливи групи луѓе, изјави денеска директорот на Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), Филипо Гранди.

„Ако војната продолжи, ќе почнат да пристигнуваат луѓе кои немаат финансиски средства или врски”, рече шефот на УНХЦР.

Тој додаде дека ова ќе биде покомплексна ситуација за Европа и дека ќе биде потребна поголема солидарност од сите во Европа и пошироко.

Гранди објасни дека во првиот бран пристигнале оние кои имале „некои средства и ресурси”, голем број од нив пристигнале со автомобил и имаат врски и познанства и можат да одат во земји каде што имаат семејство, пријатели и нивна заедница.

Бегалци од Украина, Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

12:10 Зеленски: Во Мариупол, дете умре од жед

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека дете починало од дехидрација во опколениот Мариупол, кој со денови е без вода, струја и греење.

„Во 2022 година, замислете, умрело од дехидрација“, рече Зеленски во видео обраќањето и ја спореди руската опсада на украинските градови со нацистичката инвазија во Втората светска војна.

Ројтерс засега не може од независни извори да ја потврди смртта на детето од жед.

Володомир Зеленски/ Фото EPA-EFE/UKRAINIAN PRESIDENTIAL PRESS SERVICE

12:08 Самит на ЕУ во Франција за ново стратешко позиционирање и Украина

Шефовите на држави и влади на ЕУ в четврток и петок ќе бидат во Версај, Франција за да разговараат за украинската криза и новото стратешко позиционирање на Унијата. Претходно беше планирано фокусот на оваа средба да биде економската политика, но поради кризата во Украина главна тема е стратешкото ново позиционирање на Европската унија.

„Се договоривме да ја прекинеме зависноста од рускиот гас, нафта и јаглен”, се вели во нацрт-заклучокот од Самитот.

Меѓу другото, се планира диверзификација на снабдувањето со енергија со користење на течен гас, биогас и водород.

Во нацрт заклучокот се вели дека треба да се поттикне и проширување на употребата на обновливите извори на енергија.

12:05 ЕК подготвува нов пакет санкции против Русија и Белорусија

Европската комисија подготвува нов пакет санкции против Русија и Белорусија, насочен кон руски олигарси и политичари, како и три белоруски банки.

Извори за западни медиуми изјавија дека санкциите, за кои ќе разговараат амбасадорите на ЕУ денеска попладне, ќе забранат три белоруски банки од банкарскиот систем Свифт и ќе додадат уште руски олигарси и политичари на црната листа на ЕУ.

Исто така, ќе се забрани извозот од ЕУ на поморска технологија во Русија и ќе вклучи насоки за следење на криптовалутите за да се спречи нивно користење за заобиколување на санкциите.

Фото архива на СП

12:03 Зеленски за Еј-Би-Си: Украина изгуби интерес за влез во НАТО

Што се однесува до НАТО, јас одамна изгубив интерес по тоа прашање откако сфативме дека НАТО не е подготвен да ја прифати Украина. Алијансата се плаши од контрадикторни работи и конфронтација со Руската Федерација, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за американската телевизија „Еј-Би-Си ворлд њуз”.

Тој, исто така, нагласи дека Украина нема за ништо „да го моли на колена” НАТО.

Запрашан за можноста за признавање на Крим и самопрогласените републики во Донбас, Зеленски одговори дека постои можност властите во Киев да разговараат и да најдат компромис за тоа како луѓето ќе продолжат да живеат таму.

– Можеме да размислиме и да најдеме компромис за тоа како ќе постојат окупираните територии и тие републики. Она што е важно за мене – како луѓето кои сакаат да бидат дел од Украина ќе живеат таму, истакна Зеленски на прашањето за можноста за признавање на Крим, како и за самопрогласените „Народна република Доњецк” и „Народна република Луганск”.

Володомир Зеленски/ Фото EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

11:47 Германија покренува постапка за собирање докази за евентуални воени злосторства извршени од руски војници во Украина

Германскиот федерален обвинител отвори истрага за евентуални воени злосторства сторени од страна на руските војници во рамки на инвазијата во Украина.

Германскиот министер за правда, Марко Бушман, за весникот „Пасауер Ное Пресе” вели дека властите ќе ги соберат и обезбедат сите докази за воени злосторства, притоа додавајќи дека Федералното обвинителство веќе отворило т.н. структурна истрага за покренување постапка за собирање доказен материјал

11:39 Бегалците безбедно го напуштија Суми, градот во кој 20 цивили утрово загинаа по гранатирањата

Првиот конвој со жители и странски студенти го напушти украинскиот град Суми по договорот со Русија за воспоставување хуманитарен коридор, соопштија властите во вторникот.

„Веќе ја започнавме евакуацијата на цивилите од Суми во Полтава (во централна Украина), вклучително и странски студенти“, се вели во твитот на Министерството за надворешни работи. „Ја повикуваме Русија да договори други хуманитарни коридори во Украина.

11:02 Зеленски ја откри својата локација: Тука сум, не се кријам, не се плашам

Украинскиот претседател синоќа објави уште едно од неговите дневни видеа, но овој пат дојде ново од неговиот претседателски кабинет во Киев, јави Би-Би-Си.

„Не се кријам, не се плашам“, рече Зеленски.

Фактот што Зеленски толку јавно ја откри својата точна локација се смета за провокација од страна на рускиот претседател Владимир Путин. Би-Би-Си наведува дека Киев продолжува цврсто да ги брани украинските сили соочени со поголемиот дел од рускиот напад.

– Не се плашам од никого. Колку што ни треба за да победиме во оваа војна – рече тој

10:57 Над 1,2 милиони Украинци побегнале во Полска

Според полската гранична стража, 1,2 милиони луѓе побегнале од Украина во Полска од почетокот на војната.

Само во понеделникот, 141.500 луѓе ја преминале границата, напиша агенцијата на Твитер – нешто под неделниот дневен рекорд од 142.300.

Околу 90 отсто од луѓето кои бегаат се украински државјани, главно жени и деца. Според нивните податоци, околу 40% од бегалците веќе ја напуштиле Полска во други земји.

10:13 „Шел” привремено ја ограничува продажбата на нафта за греење, дизел и други производи на одредени големи клиенти во Германија

Британско-холандскиот нафтен гигант „Шел” објави дека поради тензичната состојба на пазарот, привремено ја ограничува продажбата на нафта за греење, дизел и други производи на одредени големи клиенти во Германија.

Шел го објасни потегот како „големи нарушувања и недостиг на енергетските пазари” предизвикани од војната во Украина, последователните санкции против Русија и растот на економската активност по затишјето на пандемијата.
За да продолжиме да ги исполнуваме нашите договорни обврски, ја ограничивме продажбата на нафта за греење, дизел и други производи на физичките пазари без претходен договор, соопшти британската компанија.

Правиме се што можеме за да ги „стабилизираме синџирите на снабдување”, но тешко е да се предвиди како ќе се развива ситуацијата, додаваат тие. Портпаролот на компанијата одби да ја коментира одлуката.

Британската компанија „Шел“/ Фото EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

09:31 Кремљ: Отворени коридорите за евакуација на Украинците

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили во Украина го почитуваат прекинот на огнот од осум часот наутро и оти се отворени „хуманитарни коридори” за евакуација на жителите на Киев и четири други украински градови Чернигов, Суми, Харков и Мариупол, објавија руските медиуми.

Русија претходно соопшти дека цивилите кои ги напуштаат градовите Киев, Чернигов и Харков ќе патуваат во Русија, некои преку Белорусија, јавија руските медиуми, повикувајќи се на соопштение на рускиот комитет за хуманитарна координација во Украина.

09:15 Бајден ги поздрави санкциите на Јужна Кореја против Русија

Американскиот претседател Џо Бајден испрати писмо со благодарност до јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин за приклучувањето кон финансиските санкции и извозните контроли против Русија, изјави во вторникот портпаролката на Мун, пренесува Ројтерс.

Земјата почна да ги стопира трансакциите со руската централна банка и да ги имобилизира своите средства во домашната валута, откако ги запре трансакциите со уште седум руски банки и нивните филијали.

„Одлучната одлука на Јужна Кореја ќе биде силна порака дека таа го поддржува суверенитетот на Украина“, портпаролката го цитираше Бајден во писмото.

Мун Џае-ин и Џо Бајден/Фото EPA-EFE/Erin Scott / POOL

08:59 Волас: Путин веќе ја нема моќта што некогаш ја имаше

Рускиот претседател Владимир Путин е потрошена сила и ја нема моќта што некогаш ја имал во светот без разлика што и да се случи во Украина, изјави британскиот министер за одбрана Бен Волас.

„Што и да се случи, претседателот Путин е потрошена сила во светот и тој е готов, неговата војска е завршена… и тој треба да го признае тоа“, изјави Волас за Тајмс радио.

„Меѓународната заедница се обедини против него, тој е во позиција каде што ќе предизвика огромни економски тешкотии на својот народ“, вели Волас.

Британскиот министер за одбрана Бен Валас/ Фото EPA-EFE/ZOLTAN BALOGH HUNGARY OUT

08:20 Расте бројот на загинати цивили во Украина

Бројките на загинати цивили продолжија да се зголемуваат додека руските воени сили гранатираа различни градови во Украина во текот на ноќта и раните утрински часови, велат од Украинската Државна служба за вонредни состојби (СЕС).

-Во Жиотимир, западно од Киев, пожарот во складиштето за нафта во Черњахив беше изгаснат во раните утрински часови.

-Во источниот град Суми, воздушни бомбардирања уништија станбени куќи и запалија станбена зграда. Една жена е повредена, а девет лица загинале, меѓу кои и две деца

-Во Миколаев на југот на Украина избувнаа неколку пожари во станбени области. Во нападот загинаа четворица цивили, а уште петмина беа извлечени од урнатините пред да бидат пренесени во болница.

-Во Харков во источна Украина, руското гранатирање запали девет ката и 27 станбени единици од станбена зграда – пожар на кој спасувачите им требаа повеќе од четири часа да го изгаснат. Најмалку четири лица загинаа.

07:19 Русија за денес најави повторно отворање „хуманитарни коридори” за Украинци

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ќе ги отвори „хуманитарните коридори” од вторник во 10 часот по московско време, што е предмет на одобрение од Украина, наведувајќи ги маршрутите од главниот град Киев, како и градовите Мариупол, Харков и Суми – кои сите беа под силен напад.

Украина првично не одговори на понудата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека се откажува од претходните договори за коридори и дека се обидува да ги спречи луѓето, како на пример со поставување експлозиви на патиштата.

„Имаше договор за хуманитарни коридори. Дали тоа функционираше? Таму имаше руски тенкови, руски Град (ракетни фрлачи), руски мини”, нагалси Зеленски во видеото објавено на Телеграм. Обвинувајќи ја Москва за „цинизам”, Зеленски исто така рече дека руските војници уништиле автобуси што требало да ги евакуираат цивилите од борбените зони.

07:11 СЗО: Девет жртви во напади на здравствени установи во Украина

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека најмалку девет лица загинале во 16 напади врз здравствени установи во Украина од почетокот на рускиот напад врз земјата.

Нападите се случиле помеѓу 24 февруари и 3 март.

Според СЗО, покрај смртните случаи, повредени се 16 лица, меѓу кои седум здравствени работници.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адана Гебрејесус, во неделата на Твитер напиша дека се случиле неколку напади, не наведувајќи детали, и додаде дека тоа е кршење на меѓународното хуманитарно право.

СЗО/ фото: МИА

07:05 Руското напредување се одвива доста бавно, велат од украинскиот Генералштаб

Украинската војска штотуку го објави своето најново ажурирање за руската инвазија, велејќи дека „непријателот продолжува со офанзивната операција, но темпото на напредување на неговите трупи значително забави“.

На 13-тиот ден од рускиот напад, Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека – од 06:00 часот по локално време на 8 март – украинските трупи продолжуваат да се бранат во јужниот, источниот и северниот сектор. Главниот град Киев како и северниот град Чернихив сè уште се во рацете на Украина.

Се додава дека противвоздушната одбрана на земјата успешно ги одбива ракетните и воздушните напади.

06:43 Јапонија воведе дополнителни санкции против руски и белоруски функционери и олигарси

Јапонија го замрзна имотот на дополнителни 32 руски и белоруски функционери и олигарси по инвазијата на Украина, објави во вторникот Министерството за финансии.

Новододадените санкции се насочени кон 20 Руси, вклучително и заменици началници на кабинетот на администрацијата на претседателот Владамир Путин, заменик-претседатели на државниот парламент, шефот на Чеченската Република и директори на компании со блиски врски со владата, како што се Волга Груп, Транснефт и Вагнер.

Вклучува и 12 белоруски владини претставници и деловни луѓе, како и 12 организации во Русија и Белорусија.

06:33 Украинските сили тврдат дека убиле уште еден руски генерал во близина на Харков

Украинското воено разузнавање соопшти дека украинските сили убиле руски генерал во близина на опколениот град Харков, вториот руски висок командант кој загинал во инвазијата.

Генерал-мајор Виталиј Герасимов, првиот заменик-командант на 41-та руска армија, е убиен во понеделникот, се вели во соопштението на главниот директорат за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина.

Друг руски генерал, Андреј Суховецки, исто така заменик командант на 41-та армија, беше објавено дека е убиен кон крајот на февруари.

06:22 ВИДЕО: Експлозии во Суми, неколку деца меѓу загинатите

Mеѓу жртвите од воздушните напади врз градот Суми и неговите околни предградија доцна во понеделникот има и неколку деца, објавија украинските сили.

Дмитро Живицки, кој ја предводи Регионалната воена управа Суми, во видео објавено на Фејсбук рече дека по 23 часот по локално време руски воени авиони извршиле напади врз североисточниот град.

„За жал, меѓу загинатите има и деца. рече Живицки, додавајќи дека загинале повеќе од 10 луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот