Русија ќе му возвраќа на Западот со сопствени економски санкции
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за примена на „посебни економски мерки во областа на надворешната економска активност“ како одговор на западните санкции, наведувајќи го како цел „обезбедувањето безбедност на државата“.
Препорачано
Како што јавија светските агенции, рускиот претседател нареди забрана за извоз и увоз на производи и суровини од Русија, чиј список ќе го утврди владата. Владата има рок од два дена да го утврди списокот.
Мерките се воведуваат како одговор на западните санкции против Русија поради инвазијата врз Украина.
Во меѓувреме, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека Европската унија нема да забрани увоз на енергија од Русија.
Тој ја даде изјавата по најавата на Вашингтон за нови санкции против Москва, вклучително и забрана за увоз на енергенси.
– Нема да забраниме увоз на руска енергија. Не го следиме Бајден по ова прашање, рече Борел, откако денеска американскиот претседател објави забрана на увоз на енергенси од Русија.
Борел додаде дека ЕУ „постојано” бара алтернативни извори на гас бидејќи е убедена дека има „партнер на кој не може да смета”. Тој исто така рече дека членството на Украина во ЕУ е можно, но и оти тоа нема да се случи преку ноќ.
Тој нагласи дека Украина не претставува закана за Русија, а ЕУ „нема да го турка Киев во војна со Москва”.


