Илустративна фотографија за опосум / Фото: Profimedia

Во Западна Папуа повторно откриени животни за кои се мислеше дека исчезнале пред 6.000 години

Научници во шумите на Западна Папуа откриле две ретки видови цицачи за кои долго време се верувало дека исчезнале пред околу 6.000 години, што експертите го опишуваат како исклучително научно откритие.

Истражувачите пронашле мал опосум со необично долг прст на секоја шепа, како и вид летачка верверица со долг опаш, објави Би-би-си.

Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание „Рекордс оф д Австралијан музеум“, кое го издава Австралискиот музеј.

Научниците објаснуваат дека ваквите откритија се познати како „Лазаров таксон“ – термин инспириран од библискиот лик Лазар, кој означува видови за кои се мислело дека се изумрени, но подоцна повторно се пронаоѓаат.

Австралискиот научник Тим Фланери изјавил дека пронаоѓањето на еден таков вид е многу ретко, а откривањето на две вакви животни во исто време е навистина извонредно.


Првата повторно откриена животинска врста е џуџест опосум тежок околу 200 грама. Неговиот четврти прст на секоја шепа е двојно подолг од останатите, што му овозможува да извлекува ларви од дрвјата – неговиот главен извор на храна.

Вториот вид е верверица-торбар, која живее во шуплините на високи дрвја и може да „лизга“ низ воздухот меѓу крошните.

До ова откритие дошло откако научниците анализирале стари фосили, ретки фотографии и музејски примероци, а потоа отпатувале во оддалечени делови на островот Нова Гвинеја.

Во истражувањето активно учествувале и локалните старешини од клановите Тамбрау и Мајбрат, чии знаења биле клучни за препознавање на животните.

Според локалното население, оваа верверица се смета за свето животно, па не се лови, па дури ни нејзиното име не се изговара.

Научниците предупредуваат дека природното живеалиште на овие ретки видови е сè повеќе загрозено поради сечата на шумите во регионот. Затоа се предлага локалните заедници да добијат поголеми права врз шумските подрачја, со цел да се спречи неконтролираното уништување на природата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот