Во Тетово и на 12 годишни деца им се носи дрога во училиште, веќе не се тепаат со клоци и тупаници, туку користат ножеви и оружје

дете-училиште
Фото: Драган Митревски / Слободен печат

„Во последниве неколку години се случуваат многу необични и сериозни работи, кои не се својствени за возраст помала од 14 години“, ова е првичниот одговор на психологот Оливера Цветкоска од Центарот за социјални работи Тетово, на прашањето како гледа на порастот на малолетничката деликвенција во тетовско и кои се можните решенија за проблемот.

Ако пред неколку години децата, во но и надвор од училиштата се тепаа со нозе и раце, сега ретко се евидентираат тепачки без ножеви, железни боксови, а има и случаи каде кај малолетниците се наоѓа и огнено оружје.

Сето ова ја зголемува тежината на кривичното дело, кое го прават малолетниците.

Како главна причина за ваквите девијантни појави, психологот Цветкоска ја наведува запоставеноста на децата од родителите, но и системот, како и се почестото користење на социјалните мрежи со неморални содржини.

Марихуаната последниве години ја има и во основните училишта, таа како и потешките дроги се веќе лесно достапни за децата, кои освен конзуматори, станаа и дилери. Мора да се обрне повеќе внимание на децата оти превентивата е најдобар начин да се оттргнат од ваквите девијантни појави.

„Навистина е тешко да се биде родител на дете-адолесцент или дете во пубертет оти сега се многу достапни дрогите, многу лесно допираат до нив дури и во училиштата се внесува дрога. Родителите секогаш немаат време за децата оти се во трка за пари и најмалку обрнуваме внимание за своите деца, а тоа е основа и број еден за да изградиме здрава младина. Децата се многу осетливи во адолесцентниот период и тогаш тие мали проблеми што на родителите им изгледаат мали, всушност се големи проблеми. Затоа родителите мора да одвојат повеќе внимание за своите деца, да ги слушнат нивните проблеми и заеднички да ги решаваат. Се што се случува во Македонија и соседните земји, се е тоа одраз на ова брзо време во кое живееме. Темпото на животот е навистина пребрз. Но, пак ќе кажам, родителите се тие кои мораат да обрнат повеќе внимание на децата оти недавањето љубов и поддршка на децата токму на нив ќе им се врати како бумеранг, со сличен однос и многу полош однос оти агресивноста ќе тлее во нив и детето ако не добива помош од родителите, тоа бега од реалноста, дали ќе побегне кон алкохолот, кон дрогата, или ќе стане насилник“, рече психологот Оливера Цветкоска, вработена во Центарот за социјални работи Тетово.

Таа смета дека и медиумите треба да селектираат одредени содржини, кои се пишуваат и објавуваат на социјалните мрежи.

„Мора и медиумите да цензурираат некои содржини, тоа што јас го прочитав на социјалните мрежи, како му даваат подршка на детето од соседна Србија, сетоа тоа носи погрешно влијание кај нашите деца. Затоа ние мора како служби и како родители, да работиме со децата, да им кажеме дека тоа дете не е крал и цар, дека тоа дете имало проблеми, имало некои можеби психички проблеми, вели психологот Цветкоска.

Таа вели дека Центарот за социјални работи Тетово, работи на случајот со малолетниците кои минатата недела во едно основно училиште во Тетово оставија писмо со заканувачка порака.

„Сега ние тука не можеме да разграничиме што е игра, а што е вистина во однос на случајот со списокот со закани. Сега ние ќе работиме да видиме дали е игра или пак можеби нешто децата ги потикнало во себе што го чуствувале да го изнесат во јавноста, како што тоа го направи детето во Србија“, изјави психолог Цветкоска.

Ако веќе се користат одредени социјални мрежи, родителите мора да го надгледуваат детето, советува психологот Цветковска.

„Родителите треба сето ова да го надгледуваат, оти во неколку наврати имавме дечиња кои гледаа некои предизвици на ТокТок и за да го свртат вниманието со тие предизвици неколку малолетници кои беа примерни ученици, влегоа во една куќа па скокаа од први на втори кат од овој објект. Децата добија пријави за обид за кражба, тие не се свесни што прават. Во секој случај тука превенцијата ни затајува, барем на класните часови треба да се разговара за дрогата, за последиците што ја носи дрогата, за семејното насилство, треба да им се укаже како да постапат ако некое нивно другарче зема дрога, ако нивно другарче трпи насилство семејно на пример. Во тој случај тие не се предавници, туку тие се најдобрите нивни другари“, вели психологот Цветковска.

И од полицијата речиси секој месец во тетовско евидентираат по неколку малолетници кои користат, но и продаваат дрога, најчесто марихуана и кокаин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот