Изградба на згради / илустрација / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Во Скопје има стан за 315 евра по квадрат, а има и за 3.800 евра

Во втората половина од 2025 г., во скопската општина Центар се купиле и продале станови вредни скоро 83 милиони евра

Во втората половина од 2025 година, цената на станбениот квадрат се зголемила во повеќето големи македонски градови и општини во споредба со истиот период лани, а скокот е најголем во Куманово – 24 проценти, во Тетово – 22 проценти и во скопските општини Карпош, Кисела Вода и Гази Баба, каде становите сега чинат за 16 проценти повеќе од лани.

Ова го покажува Извештајот од Регистарот на цени и закупнини за втората половина од 2025 година, кој го објави Агенцијата за катастар на недвижности.

Според податоците, најниската цена за стан во Скопје која е забележана во овој период во Скопје е во Чаир, додека највисоката, очекувано, е во Центар.

„Анализата на опсегот на постигната продажна цена по метар квадратен укажува дека најнизок забележан минимум во втората половина од годинава има во Чаир, 19.543 денари по метар квадратен (околу 315 евра), а највисок забележан максимум има во Центар – 232.722 денари (околу 3.775 евра) по метар квадратен“, пишува во извештајот.

Најмногу станови во овој период се продадени во Аеродром – 240, во Чаир – 188 и во Центар – 186.

Највисока просечна цена по метар квадратен постигната е во Центар – 104,3 илјади денари (нешто помалку од 1.700 евра) по метар квадратен, во Карпош – 99,6 илјади денари по квадрат.

Според извештајот, највисока вкупна вредност на остварена цена од направените купопродажби за овој период постигната е во Центар – 82,8 милиони евра, Аеродром – 59,1 милиони евра, Карпош – 57 милиони евра, а најниска во Велес – 5,6 милиони евра.

Споредувајќи со истиот период од претходната година, највисок раст на обемот на купопродажби имаат Штип со 46% и Гостивар 43%, а најголем пад има Велес со 30 проценти.

Во втората половина од 2025 година во Регистарот се впишани 9.953 продажби на недвижности, 2.031 продажба од инвеститор, 306 откупи од државата и 75 продажби на лицитација, однoсно вкупен број од 12.365 купопродажби, што е благ пораст за 3,4 проценти во однос на втората половина од 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот