Во пошта повторно може да се плаќаат сметки – стартува платниот промет

Пошта/ Фото: МИА

Од утре повторно ќе функционира платниот промет во единиците на поштенската мрежа на  АД „Пошта на Северна Македонија“, a согласно потпишаниот договор за соработка со Халкбанк, соопштија од ова акционерско друштво.

Платниот промет во првата недела ќе биде достапен во повеќе единици на Пошта и тоа: Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на месец март услугата ќе биде достапна и во сите останати единици на Пошта, односно на повеќе од 300 точки низ целата држава.

Голем број на граѓани и компании изминатиов период апелираа до Пошта побрзо да ја воспостави оваа услуга бидејќи постојат многу места низ земјата каде шалтерите на Пошта се единствената физичка опција за вршење на трансакции од платниот промет.

Според најавите од Халкбанк освен стандардните банкарски услуги, банката-партнер ќе понуди и други услуги кои освен за нивните коминтенти, ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на „Пошта“.

Инаку, над 870 вработени во „Пошта“ целосно или делумно извршуваат работни обврски поврзани со обезбедувањето на услуги од платниот промет. Според договорот, 71 отсто од остварениот приход ќе биде наменет за државната пошта, а 29 отсто за Халкбанк.

Официјалниот старт на платниот промет во Пошта утре ќе го означат генералниот директор на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“, Јани Макрадули, заедно со членот на Управниот одбор на Халкбанк А.Д. Скопје, Буке Геречџи, кои  ќе ја посетат пошта 1020 во Општина Карпош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот