Влада зграда
Фото: Архива на „Слободен печат“

Во нови дресови веќе си резервираат ресори

Ќе раководиме со важни институции од секторот за внатрешни работи, кои се одговорни за санкционирање на криминалот и корупцијата за да се бориме силно и директно против повеќеслојниот и долгогодишниот криминал и корупција, рече претседателот на Алтернатива и дел од коалицијата „Вреди“, Африм Гаши.

Претседателот на Алтернатива и дел од коалицијата „Вреди“, Африм Гаши, веќе си ги подели ресорите во владата која ќе ја предводи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски уште пред гласањето на 8 мај. Коалицискиот партнер на Гаши, Изет Меџити, пак, по 8 мај ќе разговара дали „Вреди“ ќе биде дел од новата влада со ВМРО-ДПМНЕ, додека Мицкоски веќе порача дека во извршната власт, освен на „Вреди“, смета и на ЗНАМ на Максим Димитриевски за да обезбеди двотретинско парламентарно мнозинство. ЗНАМ, пак, ќе преговара откако ќе ги види резултатите по изборите, а Левица, откако го отфрли мораториумот за ненапаѓање, понуден од Мицкоски, сега на ВМРО-ДПМНЕ ѝ нуди платформа за национално единство.

Од друга страна, СДСМ по поразот од првиот круг на претседателските избори, во преостанатите денови до изборите смета дека ќе ги убеди граѓаните дека само тој нуди европската иднина на Македонија и дека ќе продолжи да владее. ДУИ порача дека не важат математиките на Мицкоски за влада без „интегративците“, зашто граѓаните, а не ВМРО-ДПМНЕ решаваат кој ќе седне на „Илинденска“.
Ова се, сублимирано, позициите на главните политички играчи пред гласањето за парламентарните избори.

Африм Гаши, кампања, Фото: Гаши Фејсбук

Гаши: „Вреди“ ќе биде дел од новата влада

Гаши потврди дека „Вреди“ ќе биде дел од новата влада, зашто, како што вели, само тие се единствени и легитимни претставници на Албанците на изборите, бидејќи во Европскиот фронт, предводен од ДУИ, има и партии на Турците, Ромите, Бошњаците..

– Ова нè обврзува да ги претставуваме Албанците и во идната влада, каде што, меѓу другото, ќе раководиме со важни институции од секторот за внатрешни работи, кои се одговорни за санкционирање на криминалот и корупцијата за да се бориме силно и директно против повеќеслојниот и долгогодишниот криминал и корупција – рече Гаши.

Тој додаде дека „Вреди“ останува на ставот за усвојување на уставните измени во конкретен рок и дека коалицијата е гаранција за тоа. Меџити, пак, не прецизира кога според него би се отворил Уставот, ниту дали тоа ќе остане нивниот услов за влегување во новата влада.

– Фокусирани сме на промовирање на нашата програма, убедени сме дека ние ќе го имаме легитимитетот на Албанците. Бадентерот ќе го имаме ние, тоа е нашиот фокус до 8 мај, а потоа ќе ги договараме точките за преговарање. Не сакаме да бидеме по секоја цена дел од некоја влада која нема да биде европски настроена – кажа Меџити.

Изет Меџити, кампања, Фото: Меџити Фејсбук

Според Меџити, Левица е единствената партија која е антиевропски настроена и со нив не сака да влезе во коалиција. И тој, како Гаши, смета дека ДУИ повеќе не може да се повикува дека ги претставува Албанците.

– Со коалицирањето со партии на други помали заедници, ДУИ одбра да биде опозиција. Сите знаеме дека ВМРО треба да ја води новата влада, а тие во коалицијата веќе имаат турска, бошњачка, ромска партија. Ништо не оди во прилог на ДУИ. Ние сме единствена албанска опција и убедени сме дека на 8 мај, на парламентарните избори ние ќе бидеме легитимни претставници на Албанците како победници со најголем број гласови од Албанците, со најмногу пратеници Албанци во Собранието, ќе имаме бадентерово мнозинство, односно ги имаме сите фактори кои одат во прилог на една вистинска промена на оваа Влада – рече Меџити.

Мицкоски повтори дека идната владина коалиција ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а во неа ќе партиципира и коалицијата „Вреди“.
ДУИ смета дека е понижувачки што партиите договараат коалиции пред одржувањето на парламентарните избори.

– Не е чесно пред граѓаните да зборуваме за коалиции без да се слушне нивната волја. Секој кој говори на таа тема, го омаловажува народот кој допрва треба да гласа – рече Османи.

Според него, изјавата на Меџити дека македонските партии не сакаат да коалицираат со ДУИ е извртена логика и е навредлива.

– Нашата цел не е да не симпатизираат. Таа извртена логика дека албанските политички партии треба да се борат за симпатиии кај македонските партии е навредлива. Уште понавредливо е да зборуваме за коалиција на девет дена пред избори. Фактот дека политичките партии прават калкулации, за мене е потценување на демократијата и достоинството на секој народ – смета Османи.

Османи: Слоганите на ВМРО-ДПМНЕ се омаловажувачки за Албанците

Според него, слоганите на ВМРО-ДПМНЕ, се обид да се омаловажи достоинството на Албанците.

Бујар Османи/ Фото: МНР

– Да повикате државата да биде повторно твоја е најсрамниот и најшовинистичкиот повик што може да се претстави во едно мултиетничкко општество. Успеа кај секој Албанец, кај секое албанско семејство да иритира нерв кој мислевме дека е длабоко сокриен. Врати едно сеќавање од времето на Југославија, кога југословенски Белград велеше независно од тоа што вие ќе посакате, Рахман Морина ви е тој што ќе ве претставува, а Морина цинично се смееше. Овој обид за омаловажување на достоинството на секој Албанец го мобилизираше народот – рече Османи и му порача на Мицкоски дека одговорот ќе го види на 8 мај.

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски порачува дека изборите на 8-ми мај ќе бидат тешки, но дека нема откажување од европската иднина и од борбата за подобар резултат.

Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

– Знам дека голем број граѓани сè уште немаат одлучено кому да го дадат својот глас. Затоа ги повикувам убаво да размислат кој заслужува да ја води државата. Убаво да размислат дали сакаат да гласаат „за“ или сакаат да гласаат „против“. Гласањето „против“ не ѝ носи добро на Македонија. Само ако гласаме „за“ може да одиме напред и да изградиме подобра држава за нашите деца, држава во која тие ќе сакаат да живеат – вели Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот