Во недостиг на работна сила трговски синџир нуди работа за пензионери

Пензионери во Германија/ Фото: Michael Gstettenbauer / imago stock&people / Profimedia

Оваа можност за „вработување“ им одговара најмногу на пензионерите со ниски примања, вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери, и открива и дека веќе преговараат со некои старски домови за сличен работен ангажман

Сè повеќе домашни компании се обидуваат да ги заинтересираат работоспособните пензионери за повторен ангажман. Дел од големите трговски синџири, некои транспортери, агенции за обезбедување, почнаа да ни нудат позиции што ни одговараат како на годините, така и на здравствената и психофизичката состојба, потврдува за „Слободен печат“ Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери. Трајкова вели дека реалноста е таква, македонското население старее, а младите се иселуваат, што, пак, од друга страна, сè повеќе го празни бунарот со работна сила.

– Не откриваме топла вода, овој принцип сè повеќе се применува на Запад. Наша цел е во соработка со компаниите што ќе пројават интерес, да го подобриме материјалниот статус на корисниците на пензија. Во тој контекст беше и работната средба на претставниците со трговскиот синџир „Веро“, а условите ги утврдуваат договорните страни, независно од Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија. Вработувањето ќе се одвива преку агенција за привремени вработувања, како ангажирани по договор на дело. Работното ангажирање на пензионерот ќе значи како дополнителни приходи покрај исплатата на редовната пензија, како остварено право, а тоа е објавено и нашата веб-страница – објаснува Трајкова.

На пример, за оние пензионери што се работоспособни и во добра здравствена состојба, компанијата „Веро“ овозможува и прима на работа пензионери, со што пензионерот по тој договор има 20 дена одмор, а неделно 40 работни часа, плус еден ден слободен во неделата.
Таа е согласна дека пензионерите не може да бидат ангажирани на некои потешки работни места, кои бараат поголема продуктивност или добра физичка кондиција…

– Се стремиме да обезбедиме достоинствено вработување на оние што се чувствуваат способни и тоа значи да бидат изедначени со другите вработени. На пример, еден пензионер може да реди стока, да биде на рецепција, па зошто да не и да работи на каса, се разбира ако така се договори со компанијата што вработува. Оваа можност за „вработување“ им одговара најмногу на пензионерите со ниски примања – додава Трајкова и за нашиот весник открива и дека веќе преговараат со некои старски домови за работен ангажман на пензионерите.

– Ваквата практика на „вработување“ пензионери постои и во други земји и таа се повеќе е прифатена како програма плус, за подобрување на нивната материјална состојба. А кај нас бидејќи се мали и пензиите, дополнителниот ангажман ќе значи подобрување не само на сопствениот, туку и на семејниот буџет, бидејќи добро е познато дека во некои домаќинства, пензионерите се единствени хранители – објаснува Трајкова.

 Во Србија повторно се вработени 42.000 луѓе?

Тешко е да се каже колку пензионери работат, но според податоците на Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување и врз основа на бројот на барања за преутврдување на висината на пензијата врз основа на следните години стаж, се проценува дека од вкупниот број пензионери, 2,5 отсто односно околу 42.000 се ангажирани по основ на осигурување, кое се третира како работен однос. Сепак, може слободно да се каже дека повеќе пензионери одат на работа од таа бројка.

Претседателот на синдикатот на пензионерите „Независност“ Милош Грабунџија вели дека многу пензионери се принудени да работат, пред сè поради ниските примања, пишува Каматица. Според него, најмногу станува збор за работни места во земјоделството, се вработуваат како ноќни чувари, физички работници… но има и пензионери што биле на високи позиции и остануваат таму и откако ќе се пензионираат. Тој посочува дека е тешко да се утврди колку пензионери работат бидејќи повеќето од нив не се пријавени.

Пензионерите од Загреб се најактивни на пазарот на труд

Речиси 30.000 хрватски пензионери лани во мај работеле со половина работно време, што е за 21 отсто повеќе од истиот месец во 2022-та. Овие податоци откриваат дека до половина од работното време во Хрватска работат повеќе пензионери отколку осигурени работници во три хрватски жупании – Лика-Сењска, Вировитица-Подравска и Пожешко-Славонска, објави Б92.

Од година во година се зголемува бројот на пензионери што го зголемуваат домашниот буџет работејќи и до половина од работното време, бидејќи Владата на Хрватска постојано го проширува кругот на оние што можат да работат без да ја загубат пензијата. Покрај корисниците на старосна пензија, во 2019 година ова право го добиле и оние што земале предвремена старосна пензија, од 2021 година тоа право го имаат и граѓаните приматели на семејна пензија, а од почетокот на 2022-та и војниците и полицајците, како ветерани, пишува загрепскиот портал Н1.

Според истите податоци, во пензија најмногу работат оние што најдолго биле во активен работен однос. Најмногу пензионери работат во Загреб, од нив 7.788, што е речиси 29 отсто од сите пензионери што работат до половина од работното време, додека во окрузите што граничат со море работат речиси 10.500 пензионери, што е речиси 40 отсто од сите пензионери што работат.

Најстариот босански вработен пензионер има 95 години!

Во Република Српска од година во година расте бројот на вработени пензионери, па сега, според евиденцијата, ги има повеќе од 8 илјади, пишува Рапорт.Ба. Иако работниот век го поминал како културен работник и на неколку раководни позиции, за Милан Радиќ од Бјелина, пензионирањето не значело крај на работата. Работата во културата ја заменил со работа како возач и работник во производството.

Мојата сопруга исто така работи повремено, нема постојана работа, подоцна имав деца, тие се студенти…“, вели Радиќ.

Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РС, од година во година расте бројот на пензионери што продолжуваат да работат и по остварувањето на правото на пензија. Фондот на ПИО РС лани регистрирал 8.053 осигуреници/корисници што се вработени во градежништво, транспорт, прехранбена индустрија и слично. Како главна причина ги наведуваат ниските пензии. Дека граѓаните во РС работат напорно и се активни и во третата година од животот, потврдува и фактот што најстариот вработен пензионер во РС има дури 95 години, пишува бхрт.ба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот