Во Македонија се набавуваат вакцини против голема кашлица за возрасни, ќе бидат бесплатни

Вакцинација /фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Состојбата со голема кашлица во земјава е под контрола, но не е стабилна бидејќи уште има пораст на потврдени случаи. Досега се потврдени 56 случаи од кои 14 се деца под една година, а 9 се деца на возраст од една до четири години. Од 56 вкупни случаи 46 се од Скопје, 16 се невакцинирани а 12 некомплетно вакцинирани. Овие информации ги соопшти претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски. За разлика од последниот направен пресек за оваа болест, сега има случаи и на адолесценти од 10 до 14 години но и повозрасни пациенти со голема кашлица, што ги натера здравствените власти да нарачаат вакцини против пертусис за возрасни и ќе се даваат по епидемиолошка индикација. Се препорачува да ги примат бремените жени и луѓето што живеат во домаќинства каде има дете до една година.

-Веројатно во следните недели ќе има промена на демографската структура на позитивните случаи. Очекуваме кај повозрасните почесто да се потврдува оваа болест. Сакам да потенцирам дека нашата најголема грижа како здравствен систем е спречувањето на ширењето на инфекцијата кај децата до 1 година кои се најзасегнати. Останува препораката да се надополнат пропуштените вакцинални дози. Одзивот на вакцинација до 14 февруари е 13 илјади деца што е солиден одзив. Релативно сме задоволни од одзивот за вакцинација но има уште илјадници деца кои требало, а не се вакцинирани, истакна професор доктор Петличковски.

Веќе е изготвено упатство од Институтот за јавно здравје за однесување, постапки во услови на епидемија и до крајот на неделата ќе биде презентирано на јавноста. Петличковски најави дека наредните денови ќе се проценат околностите да се формира една државна референтна лабораторија во која ќе се потврдуваат случаите на пертусис од приватните лаборатории.

Најстариот пациент со потврден пертусис во Македонија има 49 години. Болеста за возрасни не е тешка болест и има достапен лек. Возрасните како преносители на малите деца се опасни и затоа се препорачува нивна заштита со вакцини и со антибиотици. Вакцини за возрасни нема во моментот но сме многу блиску да се набават, прашање на денови е. Од следната недела ќе може да сметаме и на вакцините за возрасни. Таа вакцина е истата што се препорачува и за бремени жени, изјави Петличковски.

Вакцините обезбедуваат имунитет кој трае од 5 до 10 години.

-Возрасните луѓе во нормални околности не мора да примаат бустери. Оние што живеат во заедница со мали деца под 1 година треба да бидат заштитени со дополнителна доза за да не ја пренесат болеста на бебињата. Вакцините по епидемиолошка индикација ќе бидат бесплатни за возрасните, најави Петличковски.

На Инфективната клиника нема возрасни хоспитализирани со пертусис, но има пациенти кои бараат амбулантски прегледи.

-Тие немаат симптоми но во приватни лаборатории кај 8 од нив е пронајден пертусис со ПЦР тест и бараме од лабораторијата на ИЈЗ да ги потврди овие резултати, изјави директорот на Инфективната клиника доктор Фадил Цана.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести доктор Злате Мехмедовиќ вели дека во регионот има голем број заразни заболувања кои подолг временски период загрижуваат. Тој потсети дека 95 процентен опфат со вакцинација, ќе гарантира колективен имунитет.

-Во Романија имаше голем број на пријавени случаи со морбили. Во Албанија ескалира состојбата. Родителите да бидат совесни и да ги вакцинираат децата, тоа е основниот принцип на заштита. Сите придружни мерки се за да ги ублажиме последиците од она што се случува. Вакцинирањето на возрасните е за да не го пренесуваат патогенот на децата. Но ако сите деца се вакцинирани, возрасните нема да го пренесуваат патогенот на нив, во овој случај бактеријата. Основното решение за секој проблем е вакцинирањето на децата. Тогаш нема да зборуваме за морбили, ни за пертусис ни за дифтерија како закани, без разлика што се случува во нашата околина, смета доктор Мехмедовиќ.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот