Во екот на тензиите со „огнената група“, ДУИ одржува седница на Централното претседателство

Седиштето на ДУИ во Мала Речица, тетовско / фото: МИА

Демократската унија за интеграција денеска во партиското седиште во Мала Речица кај Тетово ќе одржи седница на Централното претседателство, на чиј дневен ред се очекува да биде расправа за „Фронтот за Европа“.

Организацискиот секретар на ДУИ и воедно градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, вчера рече дека се надева оти на денешната седница на Централното претседателство ќе продолжи и дебатата за прашањата „што создаваат разлики меѓу извршната власт и значаен дел од партијата“.

– На последната седница беше донесен заклучок дека треба да се разгледаат двата извештаи и да се продолжи со расправа по извештајот кој се однесува на отчетноста, што е транспарентност, европска вредност и верувам, во најмала рака, очекувам да се продолжи да се дебатира за сите тие прашања кои реално создаваат разлики меѓу извршната власт и значаен дел од Демократската унија за интеграција. Треба да продолжи таа точка од дневниот ред за да се види дали има сработено, дали има резултати и дали тие се исполнети со конкретни ангажмани и реализирање на проекти, согласно изборната програма на ДУИ. Ова ќе биде предложено како точка на дневен ред, рече Беџети.

Но, по оваа негова изјава, следеше нов „студен туш“ за „огнените“ – попладнето партискиот лидер Али Ахмети го постави Рафис Алити за политички координатор во огранокот во Сарај, кој важи за бастион на Беџети. Сличен потег Ахмети направи и пред неколку недели, кога го назначи Бујар Османи за координатор во Чаир, што наиде на жестоки реакции од Изет Меџити, уште еден од предводниците на „огнените“.

Група истакнати членови на ДУИ, кои беа наречени „Огнена група“, кон крајот на септември објавија отворено писмо во кое обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување станало индивидуално. Во писмото, потпишано од 20-тина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и беше упатен повик до лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.

– Во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема дебата и консултација со партиските бази. Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби, се наведуваше меѓу другото во писмото. Потписниците посочуваа дека „арогантното однесување на извршната власт“ на чело со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, предизвикало „незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“.

По ова на почетокот на октомври се одржа средба на „огнените“ со раководството на ДУИ, на која беше договорено на 15 октомври да се избере новото партиско раководство. На овој собир одржан во Тетово, за потпретседатели на партијата беа избрани Изет Меџити, Арбер Адеми, Бајрам Реџепи и Арбана Пашоли. Фатон Ахмети беше избран за генерален секретар на ДУИ, Блерим Беџети за организациски секретар, а Саранда Имери за секретар за еднакви можности. За членови на Централниот совет беа избрани Али Ахмети, Рамиз Мерко, Јетон Шаќири, Фатмир Дехари, Крешник Бектеши, Талат Џафери, Невзат Бејта, Валдет Џафери, Теута Арифи, Џеват Адеми, Артан Груби, Бујар Османи, Висар Ганиу, Назим Буши, Ејуп Халими, Ариан Даци, Бесник Емшиу, Мирсад Ибраими, Ардита Дани, Билент Сали, Реси Абдурахмани, Шергил Беќири, Шабан Мемети, Артин Спахиу и Емир Сулејмани.

Меѓутоа, и покрај вклучувањето на припадници на т.н. Огнена група во највисокото раководство на ДУИ, нејзините членови продолжија со активности на теренот, одржувајќи средби со партиските членови и гласачите низ земјава, на кои ги презентираат своите заложби за промени во партијата.

Судирот во ДУИ се заостри откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тие ваквата одлука ја толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава дека очекуваат слични чекори и кон другите „непослушни координатори“.

Ахмети го постави Бујар Османи за прв човек на ДУИ во Чаир, Изет Меџити е гневен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот