Четботот „Клод“ / Фото: Profimedia

Внимавајте што споделувате со вештачката интелигенција — приватни разговори со „Клод“ се појавија на „Гугл“

Корисниците на четботот со вештачка интелигенција „Клод“ останаа непријатно изненадени откако дел од нивните разговори станаа достапни преку пребарувачите „Гугл“ и „Бинг“, објави магазинот „Вајрд“.

Проблемот, кој најпрво беше забележан од корисник на платформата „Редит“, откри дека некои споделени разговори со „Клод“ можеле лесно да се пронајдат преку интернет-пребарување. Меѓу нив имало прашања за политички определби, правни дилеми, па дури и интимни разговори.

„Клод“, развиен од компанијата „Антропик“, им овозможува на корисниците да споделуваат одредени разговори преку јавен линк. Компанијата тврди дека таквите страници не треба да бидат индексирани од пребарувачите, но се покажало дека тоа не било доволно за да се спречи нивното појавување во резултатите од пребарувањето.

Според магазинот „Вајрд“, причината лежи во начинот на кој функционираат интернет-пребарувачите. „Антропик“ користела датотека „robots.txt“, со која им сигнализира на интернет-пребарувачите да не ги индексираат споделените разговори. Сепак, и „Гугл“ и „Бинг“ препорачуваат дополнително користење на таканаречена ознака „noindex“ на самите страници, што во овој случај недостигало.

„Вајрд“ проверил дел од достапните разговори и утврдил дека навистина немале поставена ознаката „noindex“, поради што можеле да бидат индексирани.

Од „Гугл“ соопштија дека одговорноста е на сопствениците на веб-страниците.

„Ниту ‘Гугл’, ниту кој било друг пребарувач не одлучува кои страници ќе бидат јавно достапни на интернет. Им даваме јасни алатки на сопствениците на веб-страници за да одлучат што може да се индексира, а ние ги почитуваме тие насоки“, изјави портпаролот Нед Адријанс за „Вајрд“.

Интересно е што ова не е првпат да се појави ваков проблем. Уште во септември минатата година беше укажано на истата слабост, но компанијата тогаш остана само на користење на „robots.txt“, иако експертите предупредуваа дека тоа не гарантира дека страниците нема да се појават во резултатите од пребарувањето.

Случајот повторно отвори прашања за приватноста при користење алатки со вештачка интелигенција и потсети дека содржината споделена преку јавни линкови не секогаш останува надвор од дофатот на интернет-пребарувачите.

Темната вистина зад секој разговор со Четџипити по последниот апдејт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот